Случајно сум роден во Грција, која ја имам шетано уздуж и попреко сам со ранец, па не можеше да ми промакне оваа грешка на една скопска туристичка агенција.
Пред извесно време, разгледувајќи печатени брошури и вебсајтови, забележав тематска тура „Античка Македонија“, која опфаќа места како: Солун, Пела, Вергина, Воден, Дион и Литохоро под Олимп. И се’ е до тука во ред. Ниту за Грција, ниту за Република Македонија не е спорно дека овие места навистина биле дел од Античка Македонија. Нив и сам ги имам посетено (всушност цела Егејска Македонија и воопшто скоро цела Грција ја имам поминато).
Но во списокот дестинации опфатени во оваа тура е погрешно вклучена и Метеора (кликни тука). Таа не спаѓа во географскиот регион Македонија, туку се наоѓа во грчкиот регион Тесалија. Инаку, Метеора е локалитет под заштита на УНЕСКО, познат низ целиот свет по импресивните стари манастири изградени на стрмоглаво високи карпи, каде патем е сниман и филмот за Џејмс Бонд For Your Eyes Only и серијата за младиот Индијана Џонс. Имав прилика и самиот да ја посетам.
Значи да разјасниме каде е Тесалија: Таа на север се граничи со регионот Македонија, на запад со Епир, на југ со Централна Грција (Стереа Елада), а на исток излегува на Егејското море. Тесалија е воглавно плодна рамница опколена со планини, па со нив како свои природни граници претставува јасно дефиниран географски регион. Од географска Македонија, односно од Егејска Македонија, таа е одделена со планините: Хасија, Камбуница (Камвунија) и Олимп, како и со реката Алиакмон (по нашки, Бистрица). Во современа Грција, Тесалија е и административна единица, една од т.н. периферии. Како и другите, поделена е на неколку окрузи, т.н. номоси: Кардица, Лариса, Магнезија и Трикала (Метеора спаѓа во последниот). Побитни градови во Тесалија се главниот Лариса, Кардица, Волос и Трикала, како и Каламбака, најблискиот до самата Метеора, често користен од туристите како „база“ за нејзина посета. Алтернатива е селото Кастраки.
На просторите на Тесалија уште пред илјадници години се развивала старогрчка култура. Во минатотого ги носела имињата Еолија (според Еол, син на Хелен, родоначалникот на Грците, и татко на Сизиф), Хемонија (според Хемон, син Пелазгов), и денешното Тесалија (според Хемоновиот син Фесал). Се смета дека таму е роден култот кон богот на медицината Асклепиј (Ескулап), од нејзиниот брег испловиле Јасон и Аргонаутите во потрага по Златното Руно, додека на планината Пелион живееле митските кентаури.
Секако античкo македонската империја се ширела, така што нејзините граници со тек на време се менувале, но сепак Тесалија, уште од антиката па се’ до ден денес претставува засебна прикаска, различна од онаа на нејзиниот „северен сосед“. Точно е дека таа во одреден момент потпаднала под Македонска власт, но тоа не е аргумент. Впрочем, Филип Втори ја има покорено и цела Стара Грција сосе Атина, а син му Александар стигнал дур до Индија, па сепак тие простори не се Античка Македонија, ниту пак се вклучени во турата за која говориме
По падот на Византија и неколкувековната Отоманска власт, во 1881 Тесалија е приклучена кон современата грчка држава. Тогаш е формиран и округот Трикала, каде Метеора денес потпаѓа. По кратко османското ре-окупирање во Грчко- Турската војна во 1897, Тесалија се враќа во состав на Грција каде е и ден денес, што значи дека не била освоена со Букрешкиот договор. Исклучок е еден мал дел на северот на регионот, напр. градот Еласона, кој не припаднал кон Грција се’ до Балканските војни.
Кратко речено, просторот каде се наоѓа Метеора нема многу врска со Македонија. Башка, и самите манастири немаат никаква врска со било што античко или пре-христијанско, камоли со Античка Македонија. Во Метеора, етнички Македонци нема, и тешко кога и да имало. Населението е главно грчко и влашко. Присутна е и етничката група номадски сточари на грчки наречена Саракацани (клик за слика). Веројатно се работи за Власи- Каракачани, но во Грција тие се сметани за грчки субетнос, со оглед дека нашиот јужен сосед сите малцинства демократски ги пика у „грци“. Интересно, во одреден период во средниот век дел од Тесалија припаѓала на независната држава Голема Влашка, а во Втората Светска Војна, на тие простори се формирало т.н. Пиндско Кнежевство, обид за содавање на современа Влашка држава независна од Грција, со помош на италијанскиот окупатор.
Метеора не е вклучена ни во една сериозна мапа на поширокиот Македонски регион, било географска, етнографска или каква сакате, па ни во оние најмегаломанските, ниту пак е вклучена во повеќетомната книга „Населените места во Егејска Македонија“ од Тодор Симовски.
Слични грешки, како оваа на туристичкава агенција, се прават и на други места. Например, често се случува градот Ќустендил погрешно да биде наведен како град во Пиринска Македонија. Од османско ропство ослободен е во 1878 за време на Руско- Турската Војна и по договорите во Сан Стефано и Берлин, станува дел од Бугарија. Градов нема везе со Балканските војни и Букурешкиот договор. Друг пример би бил тоа што во картата на Македонија според македонските народници, чија копија можете да набавите во нашите книжарници, градот Ксанти (Скеча) е наведен како дел од Македонија, иако се наоѓа во Тракија, т.е. од другата страна на реката Места, која е природна граница помеѓу двата региони. Од друга страна пак, народнициве изоставиле делови кои припаѓаат на Македонскиот регион, како напр. градот Катерини во округот Пиерија.
Не би сакал да верувам дека туристичкава агенција имала тенденциозни намери и не мислам дека нешто премногу си тупеле глава со историја и политика, веројатно местово го туриле за да си попунат програм, заради неговата (релативна) близина до останатите дестинации. Сепак сметам дека потегот е многу погрешен и може да ги дезинформира оние посетители, кои би ја одбрале турава од едукативни причини. Ради вакви работи денес имаме деца кои мислат дека градот Лариса е „во Егејска Македонија“ и слично.
Учете географија, тоа е убава наука. Зар ја да ве учам?