По повод настапот на овој култен панк бенд на Таксират, да проговориме за неговата биографија и идеологија и политичките контроверзи, кои се плетат околу него.
Имав посебна чест да се запознаам со нив, благодарејќи на организаторот на фестивалот, Password продукција, како и на нивните соработници Blogirame.mk. Средбата со The Exploited ми значеше многу, затоа што од насловот на нивната трака “Barmy Army”, е произлезен мојот надимак. Иако одамна не сум „андерграунд“ и сега живеам к’о Елвис у Грејсленд или Ленон у спотот за “Imagine”, нивната свирка не смеев да ја пропуштам.
Предгрупа им беа Лоши деца на скопската панк легенда, Ивица Манески – Жица, што беше одличен избор на организаторот. Жица дури непокането се убаци среде настапот на The Exploited, дерејќи се во микрофонот: “Fuck The USA” на рефренот на истоимената песна, се’ додека еден редар не го одвлече у бекстејџ. Punk! Подоцна, во истиот тој бекстејџ имав средба со нивниот вокалист Вати Бакан (клик тука за изговор) и гитаристот Мет Мекгваер.
Стандардно, се фотографиравме и разменивме по некој збор. Ми кажаа дека поминале вистинска „Одисеја“ додека стигнале кај нас, при што летале на релација Единбург – Лондон – Истанбул – Виена – Скопје или така некако. Сфатив дека се измрцварени и дека нема можност за којзнае какви интервјуа, но на нивниот настап тоа воопшто не се почувствува.
Настапот течеше коректно, но малку чудно ми зазвуче нивната позната анти-воена ствар “Alternative”. Некој не ги научил таблатурите? Де бе, четири тона: H, G, D, A, вртени цело време у круг и тоа да го утнеш? Punk! Нивната најпозната трака “Punk’s Not Dead” пак, беше аранжирана во некакво „модернизирано“ руво.
По изведбата на секоја од песните, Вати, го потчукнуваше микрофонот од својата бричена глава „ток-ток“. Успут, така може и да се заебе микрофон. Па ко ће то да плати? Па предузеќе – к’о што вика Шојиќ у „Тесна кожа“.
Кога го прашав гитаристот Мет каква опрема користи, ми одговори дека не знае (?!). Ми дообјасни дека таа не му стигнала во Скопје и дека користел позајмена. Се сетив дека истото им се случи на UK Subs, кога настапија на Аларм фест во Љубаништа на Охридското езеро во 2002 год. (одличен фестивал на отворено, организиран истотака од Логин Кочишки, како и Таксират).
На крај, Вати ми се потпиша на влезницата, а јас му подарив скромен сувенир. Се работеше за еден мал привезок со опинци. Сепак е ова Балкан. The Exploited првпат гостуваа во Скопје, но тие не дојдоа првпат на балканските простори.
Тие имаат настапувано во некогашната неврзана СФР Југославија уште во осумдесеттите години на минатиот век. Во една прилика, Вати бил приведен од југословенските „милицајци“ заради носење на полициски „лисици“. Ова не е единствен таков инцидент во бурната историја на овој бенд, ги имало и многу полоши. Но да почнеме од почеток.
The Exploited се формирани во 1980 год. во Единбург, Шкотска. Нивен прв фронтмен бил Тери Бакан. Подоцна, тој бил заменет од брат му, Валтер звани Вати. Браќата Бакановци се: Тери, Вати, Вули и Џејми. Татко им бил шеф во пивара. Вати одреден период работел како месар, по што се вклучил во британската армија.
Тој служел во шкотска регимента, стационирана во западниот дел на некогаш поделената Германија (таму служел и Елвис Присли). Вати служел и во доста опасното место во Северна Ирска, Кросмаглен, каде британските војници биле лесна мета на ИРА, поради што, тие понекогаш морале да доаѓаат и заминуваат од него само со хеликоптер. Овие искуства го вообличиле неговиот антимилитаризам.
Пред појавата на панкот, омилени музичари му биле шкотскиот блуз-рокер Алекс Харви, англиската glam rock група Слејд и американскиот хеви металец Алис Купер (исто како и на Џони Ротен пред формирањето на The Sex Pistols). Извесно време, Вати бил и скинхед.
По избувнувањето на панк револуцијата во 1976 год., Вати станал нејзин следбеник. Армијата го казнила со еднонеделен затвор заради панкерскиот имиџ. Инспирација да стане панк вокалист, тој добил кога ја чул групата Johnny Moped. „Пејачот звучеше ужасно, но ми се допадна. Си помислив, па и јас можам така“ – ќе изјави Вати. Армијата му нудела чин (нешто како каплар или разводник), но тој решил да ја напушти и да се посвети на музиката.
Првиот бран на панкот набргу се комерцијализирал, идеите се истрошиле, а бунтот спласнал. Анархо-панк групата Crass тогаш ја снимила песната под наслов “Punk Is Dead” (Панкот е мртов), а истото мислење го делел и голем дел од музичкиот печат. Како демант на тие тврдења, The Exploited го издале својот прв албум “Punk’s Not Dead” (1981). Неговиот наслов веќе е светски позната парола. Јас, патем, го преферирам вториот, “Troops Of Tommorow”.
The Exploited првин припаѓале на т.н. streetpunk или Oi стил. Тој го отфрлал артизмот и интелектуализмот на првиот бран на панкот. „Духовен татко“ на Oi стилот е Гери Бушел од бендот The Gonads. Тој е познат колумнист, бивш социјалист – троцкист, сега член на евроскептичните Англиски демократи. Подоцна, The Exploited примиле влијанија од hardcore punk и crossover thrash стилот. Иако е панкер, Вати е почитувач и на метал музиката.
Во текот на скоро 35 годишното постоење, составот на The Exploited се менувал. Вати е негов единствен константен член. Како Ристо Вртев и филхармонија работава. Се зезам. Друг познат член бил и гитаристот Биг Џон Данкан. Подоцна, тој бил роуди и помошен член на Nirvana. Наводно, тој е геј и сега живее во Амстердам со својот сопруг. Првиот басист The Exploited пак, Гери Меккормак, станал актер и глумел во филмовите “Gangs Of New York” и “The Acid House”.
Првиот тапанар, Дру Стикс, се „прославил“ со оружана пљачка, за која бил осуден на 7 години затвор. Наводно, тој бил наркозависник и починал од сида. Други жртви, која ги дала групата, се: Тони Лохил (починал од рак во 2007 год.), Најџел Свенсон (од срцева маана, 2008 год.) и Мики Џејкобс, кој лани изврши самоубиство, по што неговиот труп беше најден во еден парк.
Насилството било доста присутно кај The Exploited. Со тек на времето, Вати го омекнал тој став: „Години наназад, мислев дека е нормално момци да се нафураат и да се судрат лице в лице. Сега сфаќам дека помалку сум бил идиот“.
Некои го обвинуваат дека промовирал премногу „мачоизам“ во панкот, но тој има и емотивни песни, па дури и некакви „љубовни“: “I Hate You”, “Why Are You Doing This To Me”, “Was It Me”, “There Is No Point” и “Fucking Liar”. Повеќето се од албумот “Fuck The System”, кој во голем дел и не се бави со системот, а со лични теми.
Сепак повеќето луѓе ги интересира неговата насилна историја и песните како “Sex And Violence”. Познат е инцидентот од настапот на групата во лондонскиот Финсбури парк во 1981 год., кога при изведбата на песната “Fuck The Mods”, Вати ја подбуцнал публиката да го растури концертот на The Jam, кој паралелно се одржувал во близина, што довело до макљажа!
Штета за The Jam, еден од моите омилени бендови, но колку и да звучи грдо, тепачките меѓу разните субкултури тогаш биле „нормална“ појава. Околу демолирањето на клубови и хотели, што било навика на Вати, тој сфатил дека „тоа не се исплати“, откако губел многу хонорари за подмирување на штетите.
Вати имал судири со колеги – панкери, кои тој ги напаѓал како: педерчиња, дркаџии, позери, продадени души и two faced cunts. Во песната “Singalongabushell”, тој го обвинил Гери Бушел дека „го издал панкот“, а вториов нему му ја посветил “Wankaalonga Wattie”. Вати често ги критикувал и Crass, Џело Бијафра од Dead Kennedy’s, Хенри Ролинс од Black Flag и др.
Со некои од нив, Вати некогаш соработувал, но патиштата им се разминале. Тие музичари сметале дека панкот треба да еволуира во некаква посериозна и интелектуална револуција, а не да остане на пубертетското „кршење, тепање, дување лепак и плашење баби“ како во времето на Сид Вишз.
Crass например, биле добри познавачи на анархизмот. Тие биле ултра-левичари, кои промовирале живот во сквотови (слични на хипи комуните), нуклеарно разоружување, антикапитализам, антифашизам, феминизам, геј рајтс, екологија и непрофитно „направи сам“ издаваштво. Тие организирале улични протести, изложби итн.
За Вати тоа било „тешка литература“. Условно, ако Crass се “Pussy Riot”, тогаш Вати е „Тифа од Бијело дугме“. Ова не е потценување! Просто, тој е момак од улицата и интелектуалноста не го влече. Тоа не значи дека тој нема став. Тој веќе три децении се произнесува по разни општествено – политички прашања и неговите текстови не се секогаш плитки. Сепак, јасно дефинирана идеологија кај The Exploited нема. Било лева, било десна.
The Exploited ја плукале власта, капитализмот, армијата и црквата, поради што некои ги сметаат за левичари – анархисти. Навистина, Вати пее “I believe in anarchy”, ама неговото сфаќање за „анархијата“ е пубертетско, како кај Пистолс. Тој не го сфаќа „анархизмот“ како идеологија, туку просто како „хаос“. Не верувам тој да ги чита анархистичките филозофи Прудон, Бакуњин, Кропоткин или Ема Голдман.
Постојат панк музичари со многу пооформен левичарски став. Тоа се: анархистите Crass, Subhumans, Oi Polloi и Conflict, социјалистите Били Брег и Менси од Angelic Upstarts, Џело Бијафра од Dead Kennedy’s, Хенри Ролинс од Black Flag, Грег Грефин од Bad Religion и Џо Страмер од The Clash.
Тоа не значи дека The Exploited треба да се отфрлат. Признавал некој или не, тоа е култен и влијателен бенд. Тие се баш она, стереотипното, „како мали Ѓокица замишља панкери“ (со четки, кожњаци, нитни). Затоа и ги сакаме.
Во 1983 год. се случил неуспешен обид за примирје меѓу Вати и Crass. Медијатор била неговата пријателка Ени Енгзајети. Таа е познат музичар и ликовен уметник во британскиот андерграунд. Таа соработувала со Crass, Марк Алмонд и Кид Конго Пауерс (од The Cramps и Nick Cave & The Bad Seeds).
Во нејзино друштво, Вати посетил еден концерт во лондонскиот сквот „Центро Иберико“. Местото било познато по настапите на Crass, Conflict, Subhumans и Throbbing Gristle (чија членка, Фани Тути, подоцна стана сопруга на Вати). Таму се вртел и идниот продуцент на Мадона, технаџијата Вилијам Орбит.
Посетата на Вати на концертот имала за цел затоплување на односите со Crass. Вати уредно платил влезница и седнал на маса за да го проследи, без да провоцира никого. Меѓутоа, кога отишол до тоалетот, таму бил опколен од куп фанатични следбеници на Crass, кои го нападнале со прашања околу неговите политички ставови. Некои девојки дури грабнале кофи со валкана вода и канти за ѓубре и му ги истуриле на глава.
The Exploited биле напаѓани од разни екстремисти, како левичарски, така и десничарски. И едните и другите се присутни на нивните концерти и би сакале да го имаат бендот на своја страна, но остануваат со куси ракави.
Во 2005 год., нивниот концерт во Белград беше прекинат откако некои десничари фрлија солзавец во публиката, што предизвика општ хаос. Две години подоцна, на свирка во Софија, десничарски скинхедси ја нападнаа нивната публика, при што имаше и повредени.
Од друга страна, некои политички некоректни испади на Вати предизвикаа гнев кај левицата, по што тој беше физички нападнат во Мадрид во 2008 год. Нападот беше припишуван на RASH (Red & Anarchist Skinheads), но се појавија и деманти на тоа тврдење. Во секој случај, се работеше за левичари.
Тогаш Вати за малку не изгуби глава. Причината за нападот се некои негови изјави, кои може да се протолкуваат како расистички, како и некои фотографии, на кои тој е во друштво на наци – скинхедси или на кои се гледа таква симболика (кукасти крстови, „зиг хајл“ поздрави).
Најпрвин околу изјавите. Навистина, јазикот на Вати понекогаш бил побрз од неговата глава, па тој знаел да откачи некоја пцовка на адреса на емигрантите во Британија или против (стереотипно) „алчните Евреи“. Напримeр, во интервјуто за списанието Record Mirror од 31.10.1981, на стр. 24, тој вели: „Видете, јас ги мразам повеќето Пакистанци, но ги сакам Јамајканците. Мразам и многу белци. Уствари, има поише белци што ги мразам отколку Пакистанци, така што не сум навистина расист“.
Политички некоректно? Да. Неодговорно? Да. Незрело? Да. Неонацизам? Па не баш. Јас сум противник на нацизмот, фашизмот и расизмот и изјавата навистина е грда, но не гледам некоја „длабока“ идеологија во неа.
Да се осврнеме и на инкриминирачките фотографии. Како што рековме, Вати имал некои прилично грди испади во кариерата. А кој немал? Па дури и принцот Хари имаше некои политички некоректни слики од еден несреќен маскенбал. Да спомнеме дека многу панкери користеле наци симболи чисто за шокирање старци, а не заради политика (како например Сид Вишз), за што подетално ќе образложиме подолу.
Постојат и бендови, кои сериозно го прифатиле неонацизмот, но да ги наречете The Exploited „наци“ е глупост. Некои фотографии на Вати со наци симболика предизвикаа жестоки критики и дискусии на Anarcho-punk.net. Препорачувам внимателно да се прочитаат за да се сфати што е што. Да спомнеме и дека Вати се слика со сите фанови, кои тоа ќе го посакаат, без да ги знае нивните ставови.
The Exploited настапуваат низ целиот свет пред луѓе од разни нации, религии и бои на кожата (Бразил, Индонезија, Јужна Африка, Турција, Јапонија). Тие соработувале со црниот рапер Ice-T и неговата група Body Count. Тој преработи неколку нивни песни заедно со металците Slayer за саундтракот на филмот “Judgement Night” (1993).
Иако многу панк музичари го бојкотираат Израел заради окупацијата на Палестина, The Exploited немале проблем да настапат таму. Тие направиле израелска турнеја заедно со металците Carcass. Сево ова не звучи баш „нацистички“, „расистички“ или „антисемитски“. Се вели дека, наводно, The Exploited имале и двајца членови од еврејско потекло: гореспоменатиот Мики Џејкобс и Фрејзер Рунциман – Фани, сега електронски музичар.
Официјалната Facebook страна на The Exploited е уредувана од нивниот тапанар Вули Бакан (братот на Вати), кој секогаш се труди да стави до знаење дека бендот не сака да има ништо со неонацизмот или расизмот. Вули често може да се види во маица со пречкртан кукаст крст и тој изрази сочувство за смртта на Мандела. Групата уште одамна има и песни во кои се критикува нацизмот и фашизмот:
Mussolini was a fascist pig. Hitler was no better. Tojo was an imperialistic nip. But Stalin managed to go one better. - “Forty Odd Years Ago”
The world is filled with poisoned minds. Plotters for power over all mankind. Hitler wasn’t the first angel of greed. It was Adam and Eve who craved more than their needs. Fools are born everyday. – “No More Idols”
Провоцирањето со екстремистички симболи било присутно уште од почетоците на панкот. Сид ја свирел “God save the Queen, the fascist regime”, обвинувајќи ја кралицата за фашизам, но носел маица со кукаст крст, а неговиот менаџер и неговата девојка биле Евреи (Малколм Мекларен и Ненси Спанџен). Колега му, Глен Метлок пак, носел маица со Карл Маркс, а New York Dolls настапувале со знаме со срп и чекан. Каде е логиката? Не барај логика. Панк е тоа. Монти Пајтон!
Мик Џонс од The Clash (пејачот на “Should I Stay”), свирел во група по име London SS, иако самиот е Евреин. Евреин бил и менаџерот на The Clash, Берни Роудс, како и Џои Рамон од Ramones. Во панкот има и црнци: Bad Brains, Дарен Хенли од Dead Kennedy’s и диџејот Дон Летс.
Панкот имал одлична соработка со Јамајканците, не џабе Боб Марли ја пеел “Punky Reggae Party”. Во панкот има и гејови, напр. Џин Октобер од бендот Chelsea, а веќе ја спомнавме и наводната хомосексуалност на Биг Џон. Во панкот нема место за неонацизам. Наци симболите кои се појавувале кај раните панкери, биле само шок тактика.
Со тек на времето, повеќето панк артисти созреале и вообличиле јасен антифашистички став. Ротен соработувал со раперот Afrika Bambaataa и посветил песна на Мандела (“Rise” од PIL). Многу панк музичари земале учество во кампањата Rock Against Racism. Контра на нив, неонацистите го создале Rock Against Communism (етикетирањето на сите антифашисти како „комунисти“ е одамна излитена пракса на нацистите).
Вмешувањето на неонацизмот во панкот е најголемата несреќа, која му се случила на ова слободарско движење. Нацистите се залагаат за тоталитаризам, диктатура, милитаризам и цензура. Хитлер не би одобрил млади луѓе да шетаат со зелени коси и откачен имиџ, туку би би ги пратил у конц-логор како „педери и наркомани“, како што тоа им го правел на џезерите (напр. види филм: Swing Kids). Или како што The Exploited пееја:
You look like a tramp – put you in a camp. Join the shower queue in your dancing shoes. Be the dancing champ of your concentration camp. – “Hitler’s In The Charts Again”
Затоа, би им порачал на оние копуци, кои се палат на неонацизам: The Exploited не се бенд за вас. И панкот не е за вас. Ни скинхед движењето не е за вас (настанало под влијание на Јамајканците). И воопшто, рокенролот како црначка музика, не е за вас. Ако веќе сте запнале нешто да слушате, слушајте таму Skrewdriver (од вториот албум нагоре, пошто тие не биле наци од старт) и go screw yourself.
Или како тоа антифашистот Џело Бијафра од The Dead Kennedy’s го пееше: “Nazi Punks Fuck Off! You still think swastikas look cool. The real nazis run your schools. They’re coaches, businessmen and cops. In a real fourth reich you’ll be the first to go”.
Морам да признам дека се загрижив кога читав за политички некоректните испади на Вати и добро размислив пред да се сретнам и фотографирам со него. Може и тој имал дилема дали да се фотографира со мене за да не го осудат како „ВББ-ист“ или „бармист“? Се зезам.
Но, да говориме отворено, која рок ѕвезда немала скандали? Дури и Боуви и Клептон имале фаза кога се палеле на „нацизам“ (кога шмркале кока к’о коњи). За среќа, тоа бргу им поминало, па Боуви стана и сомалиски зет, а Клептон настапи на концерт за Мандела.
Скандали од секаков вид имало уште од зората на рокенролот. Џери Ли Луис се оженил со својата 13 годишна внука, а Чак Бери лежел затвор за пљачка и наводно силување. Издрогираниот Брајан Џонс од Стоунси се удавил у базен, Морисон у када, а Хендрикс у сопствените повраќаници. На концертот на Стоунси во Алтамонт во 1969 год. се случило убиство. Неодамна, Јан Ваткинс од Lostprophets беше осуден на 37 години. Дури ни поп музиката не е „невина“. Нејзиниот крал, Мајкл Џексон, канеше мали момчиња во својот „Дизниленд“. Скандалите на Вати, колку и да се грди, се ситна боранија.
Контроверзи околу Вати Бакан има многу, но работите станаа јасни со спотот за “The Burning Road”, кој тој го сними со француската група Black Bomb-A. Во него, тој порачува: “Left wing, right wing – fucking arseholes!”. Мислам дека со ова е кажано се’.