Третий тайм (во превод: Трето полувреме) е советски игран филм од 1962 год. Некои обвинуваа дека неговиот наслов и воено-фудбалска тематика се „позајмени“ од страна на Дарко Митревски, авторот на нашиот истоимен кандидат за Оскар. Морам да признам дека не сум прв кој на нашата јавност и’ го открива овој екс-советски филм, но би сакал подробно да се осврнам на неговата позадина.
Филмот во целост (околу саат и пол). Клик play и fullscreen. Превод за жал немам, ама и онака не сте дотолку антички за да не разберете ништо од рускиот јазик.
Покрај истиот наслов, заеднички за обата филма е и периодот во кој се случува дејството (Втората Светска Војна), како и мотивот: победа над окупаторот, но не со оружје, туку со спорт. Рака на срце, двата филма говорат за различни историски настани и места каде тие се случиле. Митревски во својот филм раскажува за скопскиот фудбалски клуб Македонија, кој постигнал повеќе победи против бугарските тимови, надоврзувајќи ја на тоа и трагичната судбина на локалната еврејска заедница, додека “Третий тайм” е инспириран од т.н. „Меч на смртта“ одржан на 9 август 1942 год. во Киев, украинскиот главен град, за кого веќе ви пишував во своите патеписи.
Во овој историски фудбалски натпревар, силите ги измериле киевскиот ФК Старт и германскиот војнички тим Флакелф. ФК Старт го сочинувале искусни бивши фудбалери на ФК Динамо и Локомотив, кои на почетокот на војната паднале во германско заробеништво, од каде подоцна биле пуштени. Германските окупатори сакале да го придобијат локалното украинско население и да го искористат неговиот гнев од предвоениот сталинистички терор за борба против СССР, па затоа и правеле одредени отстапки. Тие ослободиле одреден број на заробеници и дури дозволиле заживување на спортскиот живот во градот. Во него биле повикани да се вклучат и гореспоменатите фудбалери. Така бил формиран и фудбалскиот клуб Старт.
„Стартовците“ најпрвин имале морална дилема дали да земат учество во натпреварувањата, затоа што тоа на некој начин би претставувало колаборација (а навистина, имало Украинци кои активно соработувале со Германците и дури се вклучувале во украинските СС дивизии). Голманот на Старт, Коља Трусевич, пресекол со зборовите: „Немаме оружје, но барем можеме да се бориме и да победуваме на фудбалскиот терен. Ќе играме во дресови со боите на нашето знаме (се мисли на советското црвено знаме, моја заб.). Фашистите мора да знаат дека оваа боја е непобедлива“. Силно мотивиран од овие зборови, ФК Старт „влегол во ринг“ со тимовите на германските, унгарските, романските и другите окупациони сили, при што ниеднаш не бил поразен. Тој секогаш победувал со голема разлика.
На Германците, нормално, не им било драго што губат. Сигурно дека тие порази имале и лош пропаганден ефект. Затоа тие побарале реванш. Пред неговото одигрување, германски офицер ги посетил „Стартовците“ во нивните соблекувални и им порачал „малце да припазат како играат“ и згора на тоа, побарал од нив да го поздрават стадионот со нацистичкиот поздрав „како што носи редот“. Наредбата тие не ја извршиле (зар немаше и во нашето „Трето полувреме“ сличен момент?). Натпреварот бил жесток, германските војници играле доста валкано, но сепак Старт успеал да ги тепа 3:1 во прво полувреме. Во време на паузата, тие веќе отворено биле предупредени дека не смеат да победат. Некои од „Стартовците“ почнале да стравуваат и да се колебаат дека можеби е подобро да го предадат мечот и да ги спасат своите животи. Сепак, тие донеле здружена одлука да се оди до крај, па нека биде што сака. Старт победил со 5:3.
Повеќе од Стартовците завршиле во нацистичките конц-логори или биле стрелани. Околу овој историски настан се плетат и низа контроверзи. За едни, овој натпревар има огромна историска важност како херојски акт на отпорот, додека други тврдат дека настанот бил „пренапумпан“ од страна на повоената советска пропаганда.
Инаку, „Третий тайм“ не е единствен филм заснован врз овој историски настан. На 1 мај 2012 год. во руските кино сали беше пуштен филмот Матч (Меч), кој е комбинација на воена, спортска и љубовна драма како и нашето „Трето полувреме“. Сторијата за киевските фудбалери била инспирација и за унгарскиот филм “Két félidő a pokolban” (Две полувремиња во Пеколот) од 1962 год.
Негов римејк е американскиот “Escape to Victory” од 1981 год. на славниот Џон Хјустон, со актерската екипа на соништата: Силвестер Сталоне, Мајкл Кејн, Макс Фон Сидов, легендарниот Пеле и куп други филмски и фудбалски ѕвезди. Овој филм го глеав неколкупути у кино као копиљ. Во него се говори за заробеници од западните сојузнички армии во Втората Светска Војна (Британци, Американци, Канаѓани и др.), кои одигруваат фудбалски натпревар против Германците на територијата на окупирана Франција. Иако им се пружа можност да избегаат, тие решаваат да го одиграат натпреварот до крај и да го победат непријателот на фудбалскиот терен.
Трејлер за рускиот филм „Матч“ (2012)
Моќните завршни сцени од Escape To Victory
За музика со фудбалско – спортска тематика, погледнете ја статијата: Фудбалски и спортски песни.