Ремек дело на бугарската кинематографија од 1979. Урбана, омладинска и љубовна драма зачинета со хумор. За она време, филмов доста слободно го отсликал урбаниот живот и проблемите на младите во НР Бугарија: пијанчење, деликвенција, журки, секс, судир со авторитетите и социјалниот јаз. Има и доста емотивни сцени, кои ми оставија силен впечаток, при што се соживеав со главните ликови.
Еден од нив е суровиот, но донегде благороден Радо, деликвент од растурено семејство, кој често бега од поправни домови. Улогата мајсторски ја толкува Иван Иванов (р. 1951 во Асеновград), кој физички донекаде потсетува на рускиот кантавтор-дисидент Висоцкиј или на Ален Делон или на Брандо. Благодарејќи на овој филм, Иванов ќе стане бугарска филмска ѕвезда и секс-симбол. Во 1990 год. тој ќе игра епизодна улога во холивудскиот “The Hunt For The Red October”. Најдобар другар на Радо и соучесник во кривичните му дела е „Џипси“ (Ибиш Орханов). Животот на Радо ќе се промени откако ќе се заљуби во Албена, мила цурица од добростоечко семејство, кое не ја одобрува нивната врска (романтичен момент ала „Дамата и скитникот“). Истовремено, во потрага по него се надлежните органи, кои ќе се обидат да го вратат назад „милум“, а не „силум“, што е доста необично, земајќи го в предвид недемократскиот режим во Бугарија во тоа време.
Зачудува и отвореноста со која филмов говори за криминалот, полициската репресија, класните разлики и еротиката, теми кои во поголемиот дел од Источниот Блок беа „метени под тепих“ и припишувани на „декадентниот Запад“. Сепак, да биде јасно дека ова не е политички филм. Интересно е и тоа што режисерот на филмов, Борислав Шаралиев, во времето на снимањето бил во своите доцни 50-ти години, а се занимавал (и тоа успешно) со вакви младински теми.
За нашата публика, која е растена со филмови од времето на неврзаната СФР Југославија, „Всичко е любов“ би го опишал како сличен со „Национална класа“ со Драган Николиќ, „Дечко који обеќава“ со Александар Берчек и серијата „Сиви дом“ со Жарко Лаушевиќ. Сцените во кои е прикажан софискиот ноќен живот на тоа време се priceless! Особено заради тоа што многумина кај нас имаат предрасуди дека во тоа време на Исток не се случувало ништо. Милионската Софија и во тоа репресивно време си имала свои „шемаџии“, урбани легенди, ноќен живот и музичка сцена (btw филмов не е музички, но ако ве интересира таа сцена кликнете тука).
„Всичко е любов“ е добитник на повеќе награди, па како и кај секој добар филм, така и кај него е потребно одредено време дур се изгради прикаската, дур се сфати кој е кој и што е што, па затоа дајте му шанса. Кој не го изгледа е највечи лешпер! Откако го изгледав, филмов ми стана еден од најомилените (ако не и најомилен филм кој сум го гледал досега). Актерската игра е фантастична, ликовите не се еднодимензионални (во секој има и понешто добро и понешто лошо). Радо јес да е лопов ама тој има некаков свој кодекс на честа. Албена пак, најпрвин делува арогантно и недопирливо, за подоцна да ја открие својата нежна страна, која него ќе го „омекне“. Може да се каже ова е некој вид на „Ромео и Јулија“, old school романтика каква што нема повеќе. Додуша, филмов има и некои „киксерски“ моменти, кои денес делуваат демоде или смешно, што е и нормално, земајќи в предвид кога е снимен.
Како и да е, да го цитирам нашиот новинар Владимир Перев „Сте гледале ли некогаш бугарски филм? Колку бугарски режисери можете да наброите?“. На ова прашање, за жал, многумина немаат одговор, што е причина повеќе да го изгледате филмов. Превод од бугарски не ви треба, не сте дотолку антички (иако зборат брзо ко кавадарчани, струмичани, па на почеток е малку тешко да се следи).
Филмот во целост (околу саат и пол). Клик плеј и фулскрин доле десно и уживај.