
Споменик на козачкиот хетман Бохдан Хмељницки

Старинска реклама за тутун, која ја купив и урамив: пародија на сликата на Иља Репин со запорошките козаци.
Во рамки на моите украински патеписи (кои се дел од поширокиот фото-фељтон на тема екс-СССР), задолжително е да се спомене и Запорожје – лулката на украинского козаштво, низ светот прославено по Тарас Буљба на Николај Гогољ. За помалку упатените да објасниме, Тарас Буљба не е „некој- си- таму- русин“, а асли украинец. Настрана од тоа, сум бил и кај Донските козаци во Русија, од каде поседувам доста поатрактивни материјали, затоа што таму имав водич (читај: девојка), а и кај Кубањските во Краснодарскиот крај, но за тоа во некоја идна прилика.
Запорошките козаци се битен сегмент од украинската историја, и како такви, се опеани дури и во националната химна, во завршните стихови, инаку напишани од поетот Павло Чубински (1839-1884): „Душу й тіло ми положим за нашу свободу і покажем, що ми, браття, козацького роду“. Инаку, насловот на самава репортажа е двосмислен. „Лулка“ на македонски може да се сфати буквално како нишалка за бебе или преносно како родно место, но по-украински и како „люлька“ (луле), главната занимација на секој вистински козак, опеана во многу народни песни. Запорошкото козаштво, инаку, се развило на дњепарскиот остров Хортицја, кој го посетив.
ПРОЛОГ
Кон Запорижја (како што е по украински, нашиот назив инаку дошол преку рускиот), се упатив со возот бр.72 од престолнината Киев. Во купе друштво ми правеше финиот постар г-дин Александар звани Саша, бившо воено лице. Служел во советските трупи во војната во Авганистан во 80-те. Го видел пеколот: Кабул, Баграм, Кандахар.. Баш во таа 2005 излезе филмот „9 рота“, кој се занимава со таа тематика, во режија на Фјодор Бондарчук (син на славниот режисер на оскаровецот „Војна и мир“). Си направивме убав муабет со мојот сопатник, со паталци добро се разбирам. Саша бил и преведувач на Куба и вршел други должности. „Да не си дојден по невеста?“ – ме праша меѓудругото, знаејќи дека многу странци доаѓаат во Украина заради таа причина. Зема една салфетка и за спомен ми напиша: „Александар од Запорожје, 30.10.05, воз № 72, купе бр.1“.

Саша од Запорожје
Советската инвазија на Авганистан беше осудена од страна на САД (кои го наоружаваа Бин Ладен со стингери), како и од Неврзаната СФР Југославија, а сега и американците, а и ние, сме воено присутни во тие пустелии. Нејќев да го навредам Саша со неумесни коментари. Беше фин човек, советски воспитан. Во уши ми ѕунеше акустична гитара: „Со тебе е тешко да спорам, Саша, за војната. За мене Авганистан е срам за нашата држава. А тебе ти е Афган судба и кој е сега прав? Ти должноста ја исполни, а јас така грубо за војната“. Имам колекција руски песни на таа тема. Тажни, искрени, без фол.
Ветераните, т.н. „афганци“ исполнија „интернационална должност“ за помош на комунистичката Демократска Република Авганистан, губејќи раце и нозе, за дома да ги дочека Перестројката и распадот на СССР. Има една песна за ветеран, кој не ги сфаќа промените, кои се случиле во негово отсуство. Свежо вратен од Афган, оди во кафеана да се напие, коа глеа разни фаци, субкултури, долгокоси металци, наркозависници, фудбалски хулигани, неонацисти… не сфаќа ништо, сиот систем на вредности, кој бил воспитуван да го брани се урнал, а никого не го занима неговата судба. Неприфатени, како и виетнамските, некои ветерани западнаа во алкохолизам и криминал. Друга песна пак, говори за војник, кој се грижи за змија, на што таа му возвраќа со спасување на животот. „Ние таму со змии се уважувавме, а тука луѓето се полоши од змии“ – вели таа. Некои бедата ги натера да си ги продаваат ордените по тезги. Но „ордења не се продаваат“ вели трета песна. По доаѓањето на Путин на чело на соседна Русија, на ветераните се гледа со повеќе почит. Во Украина пак, многу градови имаат спомен обележја за загинатите во таа трагична војна.
Еден од многуте советски воени шансони на тема на Авганистанската војна
Сега бевме на пат до лулката на запорошките козаци, кои воделе некои други војни во подалечното минато. Козаците, „афганците“, како и борците од Втората светска војна, припаѓаат на богатата воена историја на тие подрачја. Стигнавме во Запорожје. Саша ми помогна да се снајдам. Влагаме у тролејбус, јас платив, а тој не, покажа ветеранска книшка, со која има бесплатен превоз. На сликата он у униформа, високи чинови и куп ордени. Може да ја сликам? – прашав. О, не – вели, КГБ.. сикрет сервис… Ме одведе до еден хотел, праша за соба за мене на рецепција, вели добро е, со брачен кревет, можеш да си донесеш и девојка. Му се заблагодарив за помошта и срдечно се разделивме, по што започнав со прошетка низ градот.
ЗАПОРОЖЈЕ
За разлика од преубавите украински градови како Киев, Харков и Одеса, за кои веќе пишував, Запорожје не ми делуваше толку атрактивно (ако говориме за современиот дел од градот, тргајќи ја настрана козачката историја, која привлекува илјадници посетители од целиот свет). Инаку, Запорожје има околу 700 илјади жители и низ него тече најголемата украинска река, Дњепар.

Запорожје: реката Дњепар, неговиот остров Хортицја и браната во позадина

По улиците на градот
Од неговата архитектура (барем од она што видов), само старинскиот театар блескаше среде генералното сивило. Ја видов фабриката каде некогаш се произведувал автомобилот „Запорожец“, а во денешно време, Lanos, Chevrolet и KIA (можеби некои од тие аута и самите возите). Интересно, еден од раните модели на запорожец потсетува на нашето „фиќо“ (и обата биле базирани на италијанскиот Фиат). Прошетав и по булеварот Ленин долг 10 км., за кој се вели дека е еден од најдолгите во Европа, главна соц-реалистичка атракција во градот, заедно со хидро-централата Днепрогес, истотака именувана во чест на Ленин.

Театарот именуван по режисерот Владимир Магар (интересно презиме). На програмата: „Моцарт и Салиери“.
Снимајќи ја браната од мостот на Дњепар, умало не ме одвеа силниот ветер како пердуф УооОУФ! За дете навикнато на Вардар наш насушен, Дњепар беше чудовиште. Истовремено, млади запорошци од мостовите рипаа банџи! Но јас не дојдов на Исток да глеам банџи џампинг и остали западни идиотштини. Морав да го посетам речниот остров Хортицја, каде некогаш била Запорозька Січ, седиштето на козаците. Прашав една постара жена за правецот кон Хортицја покажувајќи кон еден од островите. Таа рече не, тоа е островот Ленин (пак типов). У социјализмот одевме таму на пикници за 1-ви Мај, о колку ни беше убаво – говореше сета озарена, по што ми го покажа вистинскиот правец до мојата цел.
Во многу екс-советски градови, особено индустриските, сеуште постои носталгија по СССР и се уште негибнати стојат спомениците на Ленин, но во 2010, комунистите во Запорожје открија дури и биста на Сталин! Набргу, украинските националисти ја урнаа со експлозив! Но комунистите не се откажаа, па направија нова. Калакурница.

Страшниот Дњепар (порано Славутич) со своите 2000 и кусур км. Тој е битен за транспортот на стоки, туристичките крстосувања и електричната енергија.

Хидро-електраната Днепрогес Ленин

Поглед на браната

Во 1941 браната била минирана при повлекувањето од германскиот напад. Поплавата однела не само непријателски, а и многу советски жртви.

Запорожје – индустриски град: поглед кон пристаништето
По пат накај Хортицја, повторно прашав за правец, овојпат еден постар човек. Рече ќе ме одведе. Фин белокос господин, капут, шал, беретка на глава. Многу убаво збореше, жал ми е што не го снимав, ми беше незгодно. Може бил професор. Се замуабетивме: историја, политика итн. Ми го покажа местото, каде во X век пострадал киевскиот принц Свјатослав I од рацете на Печенезите, по што канот Курја пиел од неговиот череп. Говоревме и за козаците, кои тука живееле и војувале од XVI-XVIII век. Прашав дали можеби Тарас Буљба бил вистинска личност, тој одрече. Иако заснован на историски факти, тој сепак е литературен лик – рече човекот.
Ова дело на Гогољ ми е една од омилените книги. Ме бендиса и холивудската екранизација од 1962 со Јул Бринер во улога на Тарас Буљба (патем, актерот е родум од Владивосток, Русија). И поред одредени киксови, оваа верзија е супериорна наспроти рускиот Тарас Буљба од 2009, кој иако е визуелно атрактивен, ме остави рамнодушен. Русија има пребогата филмска традиција, но ова им беше утка. Шупљиви ликови, лоша глума, спец-ефекти к’о у видео игра и многу дневнополитичка пропаганда на релација Русија- Украина.
Америчката верзија е поемотивна. Акцентот е ставен на забранетата љубов меѓу Тарасовиот син Андреј и Полјачката, како и неговото предавство. Завршува со најтешката сцена видена на филм. Тарас Буљба извршува смртна казна над родениот син. Бринер, иако цело време бестрашен и одважен, во тој момент се крши. А во руската верзија, Тарас, кој личи на сенилен дедо, го убива синот к’о мува („дои ваму, стој така“ и данг), по што филмот тера даље според книгата, оставајќи ја важнава сцена позади себе, као да е „една од многуте“. Џабе го купуев оригинал двд-то. Ако ништо друго, бар е убав за око, во смисла пејзажи, костимографија, масовни сцени на битки и сл.
Инсерти од американскиот Тарас Буљба со Јул Бринер
Го преминав мостот кој води до ос. Хортицја, кој е сега национален парк и таму е сместен музеј, кој го посетив. Имаше интересни артефакти: носии, кубури, сабји, мускети, копја, хелебарди, знамиња, статуи, диорами и др. На Хортицја има и клуб, во кој современите козаци, со ист имиџ како и нивните чукундедовци, ги вежбаат своите традиционални вештини на јавање и ракување со сабји, кои се изведуваат пред публика. Постои и боречка вештина инспирирана од козачките танци, наречена „бојови хопак“. По падот на СССР, козаштвото доживеа ривајвл на тие простори. Нови генерации се приклучуваат во новоформираните козачки организации, некои од нив извршувајќи активна (пара)воена служба. Козаштвото не е само циркуска забава за туристи, како што некои од вас помислуваат, иако и тоа е интересно да се види.

Првиот хетман, Бајда, со хохол на главата. Војувал против Турците, кои го егзекутираат во Стамбол 1563
Козаците биле слободарски воини на коњи. На тие степски простори, тоа било вообичаено уште од времето на Скитите и Сарматите, за чие присуство на тие простори сведочат нивните традиционални ниски статуи и гробници во облик на брда (кургани). Ние имаме „Воин на коњ“, но да те видам јавај по охридските ридишта (ох, риду, риду). Тука ви зборам за степа, створена е за да збодињаш коњ, рамна и бескрајна. Козаците си живееле во некакво свое автономно и за она време, демократско општество. Нешто као Астерикс и Обеликс. Многу од нив биле избегани закрепостени селани и робови. Имале бричени глави со перчин (хохол, оселедець или чуприна), носеле сорочки (кошули), шаровари (шалвари), чоботи (чизми), жупани и кунтуши (као капути), на главите шубари и башлики, а во појасите кубури и „шабљи“.
Козаците имале свои народни песни, танци, обичаи, легенди и преданија. Нивните традиционални бардови – кобзарите, им пееле епски „думи“ за јунаците како Мамај и Голота. Водачите, атаманите / хетманите, си ги бирале сами и не ги рецкале соседните кралеви, цареви, канови и султани (полски, руски, кримско-татарски, османлиски..), со кои се судирале, иако некогаш фаќале страни од стратешки причини (или заради плен). Не џабе „козак“ значи „слободњак“, а зборот веројатно потекнува од кримските татари или од турците. Осим шо се убијале со соседите, козаците примале по некои нивни влијанија, и обратно.

Брат, ова те удри, тешко тебе..
Козаците оделе во православна црква, но ретко биле дисциплинирани. Со наука многу многу не се бавеле, поготово математика. Кога купувале од еврејските трговци важело: стаам рука у џеб, колку фатам – толку ќе ти дам. Ако фати појќе – арно, ако помалце – толку Госпо ти дал. А ако немале, си зимале бесплатно. Ако се десила невоља или природна непогода, се знае кој е крив: евреите, па ги фрлале в река. Сепак евреите увек биле околу нив, заради трговијата. Ликот Јанкел од „Тарас Буљба“ е еден од нив. Буљба не бил антисемит, а напротив, тој се спријателува со Јанкел, кој му помага во невоља. Иако биле предимно славјани, меѓу козаците можеле да се најдат луѓе од разни етникуми, мешани, па и туѓинци – белосветски авантуристи.
Инсерти од филмот „Со оган и меч“ базиран на делото на полскиот писател Хенрик Сјенкевич, пропратени со звуците на „Запорошкиот марш“
Инаку, во музејот на Хортицја има и експонати од разни историски периоди, било да се работи за времето на гореспоменатиот Свјатослав, кнезот на Киевска Рус, монголо- татарските инвазии, козаштвото (за кое сега говориме), Втората Светска Војна (Големата Татковинска, како што се нарекува на тие простори) и др.

Експонати во музејот: скулптури, оружја, знамиња и др.

Оклопи од разни историски периоди: Скитските воини, Киевска Рус, Монголо- татарските орди и др.

Диорама со тенкови од Втората Светска Војна
Сведоштво за козачката своеглавост е нивното легендарно „Писмо до Отоманскиот султан“ (Лист запорожців турецькому султану), документ од 1676 год. Имено, тоа е риплај на едно писмо, кое тој претходно им го пишал. Во него, тој нешто им промрчел, по што тие седнале да го удостојат со соодветен одговор. Историскиот настан се случил вака:
Султанот напиша: „Јас, султан и владетел на Блескавата Порта, син на Ибрахим I, брат на Сонцето и Месечината, Божји внук и намесник на Земјата, властелин на царствата Македонско, Вавилонско, Ерусалимско, на Големиот и Мал Египет, цар над царевите, владетел над владетелите, неспоредлив рицар, непобедлив воин, владетел на Дрвото на животот, неотстапувачки чувар на гробот на Исус Христос, доверител на самиот Бог, надеж и утеха на муслиманите, сигурност и велик заштитник на христијаните, ви наредувам, запорошки козаци, да ми се предадете доброволно и без било каков отпор и мене со вашите напади повеќе да не ме беспокоите. Султан турски Мехмед IV.“
Запорошките козаци одговорија: „Ти султан, шејтан турски, и на проклетиот ѓавол брат и другар, на самиот Луцифер секретар. Каков си ти по ѓаволите рицар?! Со голо дупе еж нема да убиеш. Ѓаолот сере, твојта војска ждере. Нема ти, кучкин сине, синовите христијански под себе да ги имаш, од твојата војска ние не се плашиме, на земја и вода со тебе ќе се биеме, мамицата ќе ти ја ебеме. Вавилонски ти измеќар, Македонски тркалџија, Ерусалимски пивар, Александриски козојеб, на Големиот и Мал Египет свињар, Подолски лопов, Ерменска бишко, Татарско педерче, Каменецки џелат, на целиот свет и подсвет дворска будало, на самата змија внук и на нашиот кур. Свињска ти фацо, кобилска гузицо, месарска џукело, некрстено чело, еби си мајката. Ете така, запорошците ти одговорија, клошар. Нема дури ни свињи христијански да пасеш. Со тоа завршуваме, затоа што датум не знаеме, неаме календар, месецот е на небото, годината е во книгата, а денот е кај нас таков, како и кај вас, затоа баци не’ сите в газ! Потпишале: атаман Иван Сирко, со сиот логор Запорошки“.
Постојат повеќе верзии на писмото и низ Европа се рашириле повеќе преводи, а во мојов си дозволив малку слобода, но суштината е зачувана (да, содржината е таква, експлицитна, со пцуење). Имав девојка од наводното родно место на Иван Сирко (на русски инаку се изговара Серко, which is self-explanatory, земајќи в превдид како се изразува во писмово). Тоа е гратчето Мерефа, Харковска област.

Репродукција на „Запорошците пишуваат писмо на турскиот султан“ на Рјепин. Оригиналот е во Санкт Петербург. Иако ја сликав во музејот во рускиот град Азов, таа говори за Запорожје, Украина.

Бохдан Хмељницки
Запорошките козаци конечно ги покори, и тоа без борба – Србин. Името му е Петар Поповиќ Текелија, генерал на руската армија. Во тоа време многу срби дошле во братската им Русија, каде служеле војска, пришто некои дотуркале до висок чин. Русите нив ги населувале во Украина, формирајќи ги колониите Нова Србија и Славјано-Србија. Козаците биле револтирани. Но еден ден, им доаѓа србинов на вратанца и каже: предајте се. Типоиве се предале.

Хортицја е „топ“: нем сведок на некогашното козачко утврдување
По оваа капитулација, седиштето им е спалено, а козаците биле раселени, многу од нив во Јужна Русија. Од нив ќе настанат Кубањските козаци во Краснодарскиот крај, кој го посетив. Иако се лојални на Русија, за која учествувале во многу војни во историјата (па и ден денес), во културата и дијалектот на Кубањците се забележуваат украинските корени.

Кубањските козаци, наследници на Запорошците. Ги фотографирав во Краснодар, Русија.
Во поновата историја на Украина, козаци се најдоа на спротивставените страни во Граѓанската војна 1917-1921, како во редовите на националистичките лидери Симон Петљура и Павло Скоропадски, но и меѓу нивните противници – царистичката руска Бела гарда на Деникин и Врангел, потоа меѓу бољшевиците, кои организираа т.н. „Червоное казачество“ на чело со Виталиј Примаков, па во црвената коњица на Буѓони, Ворошилов и Пархоменко, меѓу анархистите на Нестор Махно, а се јави и одделно движење наречено „Слободно козаштво“ во чии редови се истакнал Симон Хризло. Денес во Украина функционираат стотици правно регистрирани козачки организации, некои од нив со паравоен карактер, чија работа е регулирана со соодветно донесените закони на таа држава.
Украинските козаци ги повикуваат руските на мегдан. На шега им изработија дрвено коњче и сабја. Фрлената ракавица не беше прифатена, па предизвикувачите прогласија тех. победа.
Како што говори и нивната химна, голем процент од современите украинци имаат козачка крв во своите вени. Козачкиот перчин (хохол) одамна стана општ назив за украинец (според некои тоа е ethnic slur, додека други со гордост самите се нарекуваат така). Како што спомнавме, во рамки на козачката фризерска „мода“ имало и варијации како оселедец, чуб и чуприна. Кога го прашале запорожецот, зошто носи таква фризура, тој им одговорил (превод не ви треба, не сте дотолку антички):
Питалися козака:
«Що то за причина,
Що в вас гола голова,
А зверху чуприна?»
«А причина то така:
Як на війні згину -
Мене ангел понесе
В небо за чуприну»
Степан Руданскиј,
украински поет (1834-1873)
Од таму, Украина некои денес на шега ја нарекуваат Хохландија – земја на хохлите. Моите патеписи низ нејзините убави предели продолжуваат понатаму. Качени на коњи, бодинајќи низ бескрајните степи, ќе стигнеме до некое ново интересно место.

Запорошците порано живи луѓе јаделе, а денес? Ете ги, веројатно одат на пазар.