Настап во клубот „Кастро“ кај Пеце од Суперхикс

Чест ми е да ви прикажам еден редок видео клип од познатата група Denny Te Chuva, кој го снимив во далечната 2004 година, кога тие сеуште не беа афирмирани. Но најпрво еден вовед. Особено ми е драго што овој познат бенд, своите први чекори ги направи со снимање на демо снимки токму кај мене. Тие послужија како скици, за нешто подоцна, бендот да го сними и својот прв официјален албум Меѓу четири ѕида, издаден во 2005 година.

На Меѓу четири ѕида, Дени те чува се одлучија главно за акустичен звук, инспириран од ним омилениот албум Acoustic, заеднички проект на Tony Sly (од групата No Use for a Name) и Joey Cape (од Lagwagon), кого музичката критика го опиша како „мелодична панк верзија на Simon & Garfunkel“. Освен членовите на Дени те чува, кои беа во постава: 2 гитари и бас, на нивниот албум беше вклучен и италијанскиот виолончелист Кристијано Да Рос, потоа трубачот Димитар Тодоровски, член на ska-punk легендите Суперхикс и други гости.

Снимањето се случуваше на бината на Универзалната сала, во 2004 година, а материјалот е потоа доработуван и во студио. Снимањето во Универзална го овековечив и со видео камера, па уште тогаш се обидов и да склепам демек „спот“ од сето тоа. Како музичка подлога употребив едно од демоата снимено кај мене. Се разбира, не очекувајте ништо профи. Екслузивен гостин во „спотот“, кого можете да го видите на самиот почеток е и Георги Шарески, познатиот jazz гитарист образуван на Беркли, кој заедно со Шон од DTC некогаш членуваше во мелодичната hc punk група Sidewalk.

Но да не должиме, еве имам чест тој видео клип и да ви го испрезентирам сега, екслузивно само за Вас години по неговото снимање и монтирање.