Секој 25-ти Април со комеморативна служба в зори, во Австралија и Нов Зеланд се одбележува Australia and New Zealand Army Corps Day. Поводот е истоварувањето на Галиполи, Турција, во 1915, за време на светската војна предизвикана од оној принципиелен Србин, Гаврило, во Сарајево. Со оглед дека сум на свој начин поврзан со Австралија, имено таму живееја, работеа и починаа и дедо ми и баба ми, доста ме интересираат теми врзани со културата и историјата на таа “land down under”, како што ја викаат, која ја имам и посетено.
Истоварувањето на Галиполи имало за цел освојување на Истанбул, тогаш главен град на Отоманската Империја, која во војната била на страна на Централните Сили (Австро-Унгарија, Германија, Бугарија и др.) како и заземање на Дарданелите, стратешки битниот морски теснец кој го поврзува Егејско со Црно Море, заради овозможување на слободен проток на бродовите на сојузничка, тогаш Царска Русија. Планот, инаку осмислен од славниот британски политичар Винстон Черчил доживува целосен крах, а трупите на ANZAC даваат илјадници залудни жртви во судирот со османлиската војска, со која командувале: Мустафа Кемал, подоцна прославен како Ататурк, родум од Солун, Мехмед Шефик, родум од Костур и Хусеин Авни, родум од Битола.
Според некои, оваа операција имала империјалистички карактер, со оглед дека трупите на Австралија и Нов Зеланд гинеле за колонијалните интереси на Британската Империја, но од друга страна, за многумина во тие земји, овој настан претставува дел од националниот мит, симбол на патриотизмот, храброста, пожртвуваноста и сл. Ова биле првите позначајни битки во историјата на Австралија и Нов Зеланд, нешто као нивен „Бој на Косову“. За Османлиите пак, оваа битка имала одбранбен карактер, иако, тие самите всушност биле поробувачи на тие простори, кои претходно, биле главно населени со грци. И самиот топоним „Галиполи“ има грчко потекло. Можеби најисправно би било да се каже, дека се работело за судир помеѓу различни империи, секоја од нив со свои интереси.
Иако ја добија битката, Османлиите ја загубија војната, која заврши во 1918 год., на 11.11 во 11 часот. Империјата, вклучително и нејзиниот главен град Истанбул, беше окупирана од победниците, кои се зафатија со меѓусебна поделба на нејзините поседи. За ова особено беше заинтересирана Грција, која, охрабрена од Западните сојузници, умаршира на османска територија, понесена од својата „Мегали идеа“ за ослободување на некогашна Византија и создавање на Голема Елада. Но понижувањето од поразот, кај Турците предизвика јакнење на национализмот и отпор. Грците беа „топло“ пречекани од гореспоменатиот Мустафа Кемал Паша, при што се „потучени до ногу“ и „бачени у море“ (кажано со речник ала „Војна енциклопедија на ЈНА“). Со Лозанскиот договор, Турција и Грција извршуваат размена на население. Грчкото е иселено од Турција, оставајќи ги зад себе домовите во Константинополи (тур. Истанбул), Смирна (Измир), Адрианополи (Едрене) и други места. Грчките просфиги (бегалци) се систематски населувани во Егејска Македонија, од каде спас ќе бараат некои други бегалци, наши сонародници.
Отоманската империја наскоро била укината. По доаѓањето на власт, некогашниот офицер Мустафа Кемал ја создава современата Република Турција и го добива прекарот Ататурк („Татко на Турците“). Правејќи низа реформи, тој ќе ја доближи Турција до Западниот свет, за подоцна таа да стане и членка на НАТО, а со тоа и сојузник на некогашните непријатели, Австралија и Нов Зеланд, во времето на Студената војна. Турската влада ќе дозволи официјално именување на местото на историското истоварување на Галиполи како Anzac Cove, каде што се подигнати споменици во чест на загинатите, а секоја година таму се одржуваат собири на ветерани и посетители од Австралија и Нов Зеланд. Реципрочно, во тие земји се подигнати споменици во чест на Ататурк. На еден од нив, поставен во главниот австралиски град Канбера, се пренесени неговите зборови, врежани на споменикот на Галиполи:
Херои, кои си ја пролеавте својата крв и ги изгубивте животите… сега лежите во почва на пријателска земја. Затоа, почивајте во мир. Нема разлика за нас помеѓу Џониевците и Мехмедовците, кои лежат едни до други во оваа наша земја… Вие, мајките, кои ги испративте своите синови од далечни земји, избришете си ги солзите. Вашите синови сега почиваат во мир на нашата грутка. Губејќи ги своите животи тука, тие станаа и наши синови.
Кемал Ататурк, 1934
Во 1971 австралискиот музичар од шкотско потекло, Ерик Богл ја напиша антивоената And the Band Played Waltzing Matilda, која говори за Галиполи и која стана една од најпознатите австралиски песни. Во нејзиниот наслов, инаку, се референцира друга позната австралиска песна. Преработувана е од повеќе светски познати артисти как напр. The Pogues, Џоан Баез и др. Десет години подоцна, Питер Вир го режираше Галиполи, со Мел Гибсон во главната улога, кој истотака говори за воените страдања.