„Исус е првиот палестински револуционер“ – тврдеше Арафат, борецот за независност, прогласена во 1988 со манифестот на струшкиот лауреат Махмуд Дарвиш, а призната во ООН четврт век подоцна.
На Меѓународниот ден на солидарноста со Палестинскиот народ, 29-ти Ноември 2012 година, 138 од вкупно 193 земји – членки на Организацијата на Обединетите Нации гласаа за Резолуцијата 67/19 со која Палестина се здоби со статус на држава – набљудувач, што е историски момент во повеќедецениската борба на Палестинците за независност.
Вовед
Палестинците имаа свои претставници во ООН уште од 1974 год. – Палестинската Ослободителна Организација (ПЛО), но немаа статус на суверена нација. Независната палестинска држава е прогласена уште на 15 ноември 1988 год. Автор на декларацијата за независност беше Махмуд Дарвиш (нам познат како добитник на Златниот Венец на Струшките Вечери на Поезијата во 2007 год.).
Иако во 1988 год. многу земји билатерално ја признаа независната Палестинска држава, таа сепак немаше реална контрола врз териториите, кои ги сметаше за свои, што е еден од условите за членство во ООН (јасно дефинирани граници, суверенитет итн.). Палестинското раководство ја донесе таа декларација во егзил во Алжир.
Поради тоа, во 1988 год. Палестина не стана земја-членка на ООН, но и’ беше дозволено учество со статус на некаков ентитет (у стилу „не е баш држава, али ту негде“ или „влада во егзил“ или сл.). Тоа се промени со неодамна изгласаната резолуција 67/19, со која ООН фактички ја призна Палестина како држава.
Таа се’ уште не е потполно независна (израелски окупациони трупи се се’ уште присутни на нејзина територија) и како таква таа не е полноправна членка на ООН. Сепак, оваа резолуција е чекор напред кон нејзина потполна самостојност. Да не бидам сфатен погрешно, јас немам ништо против Евреите и секогаш се трудам да бидам балансиран, но на нивното гледање на работите ќе се осврнам подоцна.
Историјата на палестинскиот проблем
Палестинците кревале востанија за ослободување уште во времето на Отоманската власт. Во време на Првата Светска Војна, Арапите востанале против Османлиите, потпомогнати од британскиот агент Лоренс од Арабија. Британија им ветила независна арапска држава, но по победата, таа заедно со другите големи сили го прекроила Блискиот Исток според своите колонијални интереси (спореди со Букурешкиот договор). Арапите биле изиграни.
Спротивно на ветувањата дадени на Арапите, британските колонијалисти зазеле ционистички позиции и поддржале создавање на еврејска држава во Палестина. Тогаш е донесена и Балфуровата декларалција (1917). Околу антиквизаторската идеологија на ционизмот, создадена од Теодор Херцл, подетално ќе се осврнеме подолу. Во кампањата се вклучил баронот Валтер Ротшилд и други британски политичари и банкари од еврејско потекло.
Во тој момент, Евреите биле малцинство во Палестина, што е последица на раселувањата по светот започнати уште од римското уништување на Ерусалим (70 год. н.е.). Затоа, нивната слаба бројност се засилувала со доселеници од еврејската дијаспора (Ашкенази, Сефарди и др.) од Америка, Германија, Русија, Полска, Унгарија, Шпанија, Етиопија и други земји, под оправдание дека Палестина им била „ветена на Евреите од Бога“ и дека тие „се враќаат“ во неа по долговековно отсуство.
Во текот на тоа двомилениумско отсуство на Евреите, Арапите станале мнозинство, кое остро се спротивставило на овие самонаречени „повратници“, кои никогаш не живееле во Палестина и кои за неа слушале само од преданијата на своите рабини. Многу од т.н. „повратници“ воопшто немаат еврејско етничко потекло, ниту го владејат хебрејскиот јазик, туку се конвертити, кои го прифатиле јудаизмот како религија и како такви се „подобни“ за доселување на земјата на набрканите Палестинци, според израелските закони.
Ова потсетува на грчкото систематско истиснување на нашите сонародници во Егејот, со маџири од Мала Азија, Понт и сл. 1948 година била подеднакво трагична како за нашите сонародници од Егејот, така и за Палестинците. Тогаш се случил нивниот егзодус, кои тие го нарекуваат Накба (Катастрофа), до кој дошло по победата на Евреите и прогласувањето на државата Израел.
Историската резолуција 67/19 се донесе 65 години по пропаста на планот на ООН за решавање на конфликтот со создавање на две држави во географскиот регион Палестина: еврејска држава (Израел) и арапска држава (Палестина). Во 1948 год. Палестинските Арапи го отфрлиле тој план и со тоа правото на Израел да постои, затоа што го сметале за вештачка творба, создадена на нивната земја од страна на еврејските колонисти – ционисти. Арапите не се задоволувале со парче од регионот, а сиот си го сметале за свој.
Следувал половина век на крвави судири меѓу Палестинците и Израелците, во кои биле вмешани и соседните земји Јордан, Египет, Сирија и Либан, како и светските суперсили како САД и СССР. ПЛО подоцна го призна правото на Израел да постои и се откажа од идејата за контрола над целиот регион, задоволувајќи се само со одредени области (границите пред Шестодневната војна од 1967 год.). Со преговорите во Осло во 1994 год., се создаде автономна покраина – Палестинската Национална Управа, која со резолуцијата 67/19 дотурка и до држава – набљудувач во ООН, а во иднина можеби ќе биде и држава – членка.
Современата Држава Палестина (како што е нејзиниот официјален назив) покрива само две области од географскиот регион Палестина: Западниот брег и Газа, исто како што например, нашата држава го покрива само Вардарскиот, но не и Егејскиот и Пиринскиот дел на Македонија.
Гласањето во ООН
За поддршка на Палестина на 29.11.2012 гласаа: Русија, Кина, Јапонија, Нов Зеланд, Индија, Турција, Србија, доста ЕУ и Шенген држави (Франција, Белгија, Италија, Шведска, Норвешка, Данска, Финска, Шпанија, Швајцарија, Австрија, Ирска, Грција, Кипар, Луксембург, Лихтенштајн), како и поголем дел од Третиот Свет (земјите на Јужна Америка, Африка, Азија, и секако, арапските). Епа сеа, ако може НАТО протекторатот Republika e Kosovës да биде независна држава, зошто да не може Палестина, која толку години води борба за осамостојување? Палестинското раководство, да спомнеме, не го признава Косово и смета дека неговото експресно признавање од страна на Западот е пример за двојни стандарди. Уште од времето на СФРЈ, Палестинците одржуваат добри односи со Белград.
Како што и беше очекувано, Израел се изјасни против Резолуцијата, заедно со уште 8 други држави: САД, Канада, Чешка, Панама, Микронезија, Науру, Палау и Маршалските острови. 5 држави беа отсутни од гласањето, меѓу кои по величина се истакнува Украина (кај ли се запивте бре браќа?). 42 држави пак, гласаа воздржано. Една од нив беше и онаа, која во ООН официјално фигурира како „Поранешна Југословенска Република Македонија“, но начинот на кој што таа гласаше не беше нималку „југословенски“. Иако неврзаната СФРЈ беше голем поддржувач на палестинската кауза, а Арафат и палестинските студенти кај нас беа радо виѓени гости, нашата земја гласаше претпазливо – неутрално.
„А што па сеа треба да ме занима Палестина и тие терористи и исламисти кои се убијаат таму?“ – цинично ќе прашаат некои наши вжештени глави, кои заслепени од шовинизам, исламофобија и христијански фундаментализам, во Израел гледаат некаков „природен сојузник“. На таквите ќе им порачам:
Палестина – колевка на христијанството
Прво, иако не е спорно дека во Палестина доминира исламот, таа не е „некоја си таму исламистичка земја“ како што вулгарно поедноставувате. Не заборавајте дека таа е колевка на христијанството. Таму е роден Господ Исус Христос лично и персонално. Роден е на Божиќ (логично) пред 2013 години во Витлеем во областа Јудеја, кој сега е еден од побитните градови во Државата Палестина. Израел во истиот тој Витлеем изгради Ѕид, со кој го спречува слободното движење на локалните палестински христијани и ги малтретира, затвора, убива, им ги урива куќите и им доселува Евреи – ционисти од разни страни на светот, исто како што тоа им го прави и на Палестинците – муслимани.
Палестинците – христијани и нивните сонародници од исламска вероисповест го почитуваат Исус (секој на свој начин), додека Евреите, доминантната етно-религиозна група во Израел, го следат јудаизмот и не го почитуваат. Оттаму, мене не ми е јасно, зошто вие како христијани не ги поддржувате своите палестински арапски браќа по Христа, а ги поддржувате Евреите, кои истиот тој Христос го распнаа? Јуди! Фарисеи! Простете за невкуснава шега. Не сакам да ширам омраза, јас ги почитувам сите народи и религии. Просто, си поигрувам со испервертираната логика на тие вжештени глави, кои ги опишав погоре.
Исус од Назарет, логично, живеел во Назарет. Иако и тој спаѓа во географскиот регион Палестина, за разлика од Витлеем, тој не е вклучен во Државата Палестина, туку потпаѓа под Израел. И во Назарет истотака денес живеат голем број Палестинци – христијани, како и во светиот град Ерусалим, каде што е Христовиот Гроб. Тука не мислам на мисионерите дојдени од страна, ниту пак на конвертити од ислам во христијанство или нешто слично. Многу веројатно, овие Палестинци – христијани се наследници на оние оригиналните христијани од Исусово време и тие живеат на тие библиски простори непрекинато со векови. И не само во Палестина, христијанството со векови е присутно и во други арапски средини: соседен Либан, Јордан, Сирија, Египет и др.
Јасно дефинирани нации во Исусово време немало, но се смета дека меѓу првите христијани во Палестина имало: Евреи (оние кои го прифатиле Исус, наспроти оние, побројните, кои го отфрлиле), Грци и Римјани (кои таму биле присутни уште во антиката), но и Арапи (исламот, со кој обично се поврзувани, тогаш се’ уште не постоел). На тие простори во далечната историја егзистирале и разни заедници, кои нам не ни се сосема познати: Филистинци, Арамејци, Самарјани, Каананити, Асирци итн. Како и да е, христијанството се родило на просторите на Јудеја, Галилеја и Самарија, кои денес ги знаеме како Палестина и се раширило меѓу населенијата, кои живееле таму.
Подоцна, оваа христијанска маса потпаднала под силно влијание на византиската култура и грчкиот јазик, а потоа, со Арапските освојувања, на тие простори се наметнува како доминантен арапскиот јазик и култура и секако исламот. Палестинските христијани ја зачувале својата вера, но денес мнозинството од нив говорат на арапски јазик и чувствуваат блискост со другите арапски народи во регионот. Мнозинството од нив се православни, но има и римокатолици, протестанти и др. (има и некои деноминации кои нам не ни се многу познати: маронити, мелкити, гркокатолици и сл.). Во Палестина се присутни и грчки, ерменски, руски, етиопски и други христијани. Таа некогаш била дел од Византија, која го развивала православието, крстоносните освојувачи пак – католицизмот, а разните мисионери од Западот го донеле протестантизмот.
Познати Палестинци – христијани се например: комунистичкиот терорист д-р Жорж Хабаш (православец роден во Лида, град каде што е гробот на Св. Ѓорѓија, кој бил етнички исчистен од страна на Израелците во 1948 год.) и неговиот колега по лекарска и терористичка линија, православецот д-р Вади Хадад (кому израелската тајна служба Мосад му подметна затруена чоколада, по што тој умре во Источен Берлин).
Од православно семејство бил и Сирхан Сирхан, атентаторот врз Роберт Кенеди, како и американскиот универзитетски професор и активист Едвард Вади Сајид, иако самиот се декларирал како агностик. Блиска соработничка на Сајид била Хана Ашрави, палестинска политичарка, која номинално припаѓа на англиканската црква. Познат палестински свештеник од таа конфесија е Одех Рантиси (бегалец од гореспомениот град Лида), а од англиканско семејство бил и писателот Емил Хабиби. Истакнати палестински римокатолици пак, се Суха Дауд Тавил (сопругата на Арафат, која пред бракот премина во ислам), бившиот пратеник во израелскиот парламент, Азми Бишара од палестинската левичарска и национална партија Балад и др.
Палестинската христијанска заедница дала низа интелектуалци, бизнисмени, научници, писатели, уметници и сл., кои високо котираат во палестинското општество. Во времето на Отоманската, а потоа и под Британската колонијална власт, меѓу Палестинците, како христијани, така и муслимани, имало еснаф – чорбаџии, кои држеле дуќани, меани, се школувале или тргувале во Каиро, Александрија, Марсеј, Казабланка, Цариград, Солун, се облекувале европски со одела и паларии, говореле англиски или француски, имале грамофони онакви со труба, сингерици и сл.
Се разбира не биле сите толку префинети, мнозинството Палестинци сигурно биле прости селани, но сепак егзистирала една староградска граѓанска класа (каква што кај нас имало например во конзулската Битола), нималку слична на оние исламистички фанатици кои ги гледате на ТВ. Сликата која нашиот човек ја има за тој дел од светот е само пустелии, бомбаши самоубијци и сл.
Палестинците – христијани подеднакво страдале од израелските етнички чистења како и муслиманите. Познати примери се христијанските села Икрит и Кафр Бирим. По нив беше наречена терористичката операција против израелските спортисти на Олимпијадата во Минхен 1972 год, злосторство за кое веќе пишував (кликни тука).
Јас остро го осудувам тероризмот, но за негов развој придонела очајната и безизлезна состојба во која се нашле илјадници Палестинци (и муслимани и христијани), прогонети од сопствените домови по бегалските кампови во соседните арапски земји како Јордан, Либан, Сирија, Египет и др. Многу од нив биле и внатрешно раселени.
Истотака, Палестинците – христијани се спречувани слободно да ги посетуваат своите свети места, како напр. Исусовиот гроб. Тој се наоѓа во Источниот дел на Ерусалим, кого Израелците го окупирале во 1967 год., а потоа и противправно го анектирале во 1980 год., што било осудено со Резолуцијата 478 на ООН.
Палестинската борба не е исламизам
Да се изедначува борбата за независна Палестина со исламизмот би било неточно или барем, не сосема точно. Иако вековното присуство на исламот среде Палестинците е неспорно, како и присуството на разни исламистички движења (Хамас, Исламски Џихад и др.), сепак, ПЛО – меѓународно признатиот претставник на Палестинскиот народ, не е едно од нив. Напротив, ПЛО е коалиција (т.е. народен фронт) на повеќе секуларни, национални, левичарски и други партии и движења. Во редовите на таа коалиција има и муслимани и христијани, а веројатно и атеисти.
ПЛО го сочинуваат: Фатах, најсилната партија во коалицијата (лев-центар), Народниот Фронт за Ослободување на Палестина (марксистичко – ленинистичка), Демократскиот Фронт за Ослободување на Палестина (маоистичка), Палестинската Народна Партија (порано Палестинска Комунистичка Партија), Арапскиот Ослободителен Фронт и Палестинскиот Арапски Фронт (порано про-ирачки и садамистички баатистички партии), Ас-Саика (про-сириски баатисти) и др. Значи, тука гледаме: умерени социјалдемократи, екстремна левица, палестински националисти, баатисти (идеологија која обединува пан-арапски национализам и „социјализам со арапско лице“) и сешто, но исламисти нема.
Во борбата за независна Палестина уште одамна се вклучени и жените. Тие во ПЛО имаат рамноправен третман. Првата жена во Фатах била Интисар Ал-Вазир, која се зачленила во далечната 1959 год., а подоцна дотуркала и до прва жена – министер во палестинската автономија. Самиха Халил пак, била претседателски кандидат на изборите во 1996 год., на кои очекувано победи Арафат. Позната Палестинка е секако и неговата сопруга, Суха Арафат, која ја спомнавме погоре. Лејла Шахид била првата палестинска амбасадорка, а Маџида Ал-Масри, член на политбирото на ДФОП е бивш министер за социјала. Примери многу. Сепак, најпозната палестинска револуционерка е сигурно Лејла Халед од марксистичкиот НФОП, која извршила повеќе терористички акции, особено грабнувања на авиони. Сметана е за своевиден „женски Че Гевара“. Сега е легален политичар и член на Палестинскиот Национален Совет. Во даден период студирала во рускиот град Ростов на Дону, тогашен СССР (во тој град умало не се оженив по четири годишна врска, но за тоа другпат).
Во времето на Студената Војна, ПЛО добивала поддршка од секуларниот комунистички свет (од СССР, земјите на Источниот Блок, Куба, Виетнам, Северна Кореја, во одреден период и од НР Кина и секако од неврзаната СФР Југославија). Поддршка пружала и Романија, иако таа не ги прекина дипломатските односи со Израел, како што тоа го сторија повеќето социјалистички држави. Многу палестински студенти дипломираа на факултетите во тие земји. Еден од нив е палестинскиот претседател, Махмуд Абаз, дипломец на универзитетот „Патрис Лумумба“ во Москва, именуван по познатиот конгоански борец против колонијализмот. Интересно е и тоа што во 1985 год., Абас престојувал во неврзаната СФР Југославија, која пружаше засолниште на палестинските активисти.
На „Патрис Лумумба“ се школувале многу студенти од Третиот Свет. Се вели дека универзитетов бил „регрутен центар на КГБ“, дека студентите биле идеолошки индоктринирани за да ја прошират комунистичката револуција во своите земји: НР Ангола, НР Мозамбик, СР Виетнам, НДР Лаос, ДР Авганистан, НДР Јемен, НДР Етиопија, ДСР Шри Ланка, Куба, Никарагва, Египет, Сирија и др. Познат студент на оваа високообразовна институција бил и злогласниот венецуелски терорист Илич Рамирез Санчез – Карлос Шакалот (додуша поише бркал жени, шверцал фармерки, љокал вотка и дувал трава отколку што учел). Во даден период, во Москва се школувал и гореспоменатиот „стружанец“ Махмуд Дарвиш. Поприлично атеистичкиот СССР ги поддржувал секуларните држави и ослободителни движења на Блискиот Исток и примал студенти од тие простори, но жестоко се пресметувал со исламистичките антикомунистички бунтовници во Авганистан.
Пост-дипломската работа на Абас во Москва била со екстремно анти-ционистички карактер. Некои обвинуваат дека завлегувала дури и во антисемитизам и негирање на Холокаустот, од што тој се огради и се оправда дека текстот бил остар, затоа што бил пишуван во време на жестока војна меѓу Палестинците и Израелците (1982). Во него, тој укажува на шокантниот факт дека имало случаи на соработка помеѓу еврејските ционисти и германските нацисти. На 25.08.1935 е потпишан Договорот за трансфер (хебрејски: Хескем Хаавара) помеѓу еврејските ционистички организации и банки и Третиот Рајх, кој предвидувал преселба на германски Евреи во Палестина. Со тоа, Германија би се ослободила од нив, а тие би биле спасени од нацизмот, притоа зголемувајќи го еврејското население во Палестина. Соработка на нацистите понудил и Аврам Штерн, лидерот на милитантното еврејско движење Лехи, кое се борело против британскиот колонијализам во Палестина.
Анти-ционизмот на дисертацијата на Махмуд Абас бил во согласност со советската анти-израелска политика во тој момент. СССР најпрвин ги поддржувал Евреите (нели, Маркс бил Евреин) и дури формирал еврејска автономна покраина (џенем кај руско- кинеската граница, гл. град Биробиџан), но спротивно на очекувањата, Израел станал капиталистичка држава и се зближил со САД. Разгневени, СССР и социјалистичките земји ја пренасочиле својата поддршка на Арапите, а еврејскиот национализам – ционизмот го изедначувале со нацизмот, фашизмот и расизмот. И денес, многу аналитичари од разни провиниенции, го споредуваат третманот на Израел врз Палестинците со расистичкиот апартхејд кој некогаш владееше во Јужна Африка. Сличен став имал и славниот Нелсон Мандела.
Како што видовме, ПЛО во голема мера е секуларна со големи приклонувања во лево. Но рака на срце, во неа има некои исламски елементи. Така например, уставот на Државата Палестина вели дека исламот е официјална религија, при што другите (се нагласува, монотеистички) религии се подеднакво почитувани и заштитени и дека законот се темели на принципите на Шеријатот.
Муслиманите се сепак мнозинство во Палестина и таа е сепак дел од Исламскиот свет, па значењето на исламот во палестинската и општо арапската култура и историја не може да се занемари. Затоа, не можете да очекувате 100% секуларен и ултра-либерален устав во една земја како Палестина. Но да ја поистоветувате со Авганистан под Талебаните, со Иран под Хомеини или со Саудијска Арабија би било претерано.
Фатах vs Хамас
Повеќето Палестинци се муслимани, но тоа не значи дека сите се поддржувачи на екстремниот исламизам. Навистина, исламистите од Хамас ја освоија власта во палестинската област Газа, но тие се сметаат за сепаратисти и не добиваат меѓународна поддршка. Таа сега е упатена кон поумерената и секуларна администрација на Махмуд Абас и неговата партија Фатах.
Нејзиното седиште се наоѓа во главниот палестински град Рамалах на Западниот Брег (иако Палестинците го сметаат Ерусалим за главен). Хамас, кој ја држи власта во Појасот Газа ги набрка или егзекутира претставниците на Фатах и дури провали во куќата на Арафат и му ја украде и Нобеловата Награда за Мир, која ја доби во 1994 год.
Во Газа, Хамас сега спроведува некои политики, кои Махмуд Дарвиш ги спореди со талебанските. Покрај тоа што жителите на Газа страдаат од израелската блокада и вооружени напади (фактички се у затвор под отворено небо, каде владее немаштија, глад, жед, болести и пренаселеност, што предизвикува жестоки протести низ целиот свет), тие истотака мораат да ги трпат и шеријатските закони на Хамас.
Газа како што знаете излегува на Средоземното море, па интересно е тоа што, меѓудругото, Хамас забранил мажи да се капат топлес. Добро прочитавте не е печатна грешка. Додека патување на Западниот брег е можно (и покрај одредени ризици), странските туристи се предупредуваат да не го посетуваат појасот Газа.
Некои аналитичари одат доттаму да тврдат дека Израелците тајно го поддржувале исламистичкиот Хамас со цел да ги победат, условно речено, „комуњарите“ од Фатах, што подоцна им се удри од глава. Колку и да делуваат неверојатно, непринципиелни коалиции од таков вид не се непознати низ историјата. Така и Американците ги снабдуваа муџахедините на Бин Ладен со стингери за борба против СССР во Авганистан, за подоцна да бидат гаѓани со истите. Во помошта со оружје за авганистанските бунтовници, иронично, тајно учествувал и Израел. Пакистанскиот претседател, преку кои одела испораката, замолил „само не ставајте ја Ѕвездата на Давид на кутиите“.
Кога велам дека Фатах е поумерена опција, не значи дека тој дели цвеќенца, чоколада и бомбони. И тој има свои негативности. Фатах се критикува за недемократско владеење, корупција, му се припишува поврзаност со екстремистичката група Мачениците од Ал-Акса и сл. Меѓутоа, за тамошните услови, Фатах е сепак поумерен во однос на исламистите како Хамас или скраја било, Ал Каеда. Изнервиран од америчката империјалистичка политика, едно време наивно верував дека единствена сила која може и треба да му се спротивстави е исламизмот, кој донекаде и се обидував да го сфатам по логиката “one man’s terrorist is someone else’s freedom fighter”. Но кога се случи 9/11 во Њујорк, бомбите во мадридското и лондонско метро, сфатив дека играчки со такви работи – нема. Во таа смисла, добро е што Фатах добива широка меѓународна поддршка.
Еврејски фундаментализам
Некои израелски аналитичари тврдат дека Фатаховиот „секуларизам“ и „умереност“ е маска, зад која всушност се крие исламизам. Според нив, се работи за такија, кетман, идтирар или сличен исламски концепт, според кој муслиманот смее да лаже, доколку се наоѓа во опасност или заради стратешки причини. Истовремено, позади завесата, тој си го остри својот јатаган, стрпливо чекајќи погоден момент да го покаже свое вистинско лице. Тие сметаат дека преговорите на Арафат со Израелците, за кои тој ја доби и Нобеловата Награда за Мир во 1994 год., биле само мачкање очи на Западната јавност и стратешко повлекување.
Не знам дали тие израелски аналитичари се во право, можеби се, можеби и претеруваат, но јас би им препорачал прво самите да се погледнат во огледало. И за Евреите веќе со векови егзистираат куп стереотипи и теории на завери, зарем не? А и Израел знае да биде поприлично фундаменталистички, иако, генерално се смета дека е демократска и секуларна држава. Јудаизмот таму игра и тоа како битна улога. На израелското знаме е Давидовата ѕвезда, на грбот – Менората, а титуларната нација, Евреите, се и религиозна заедница. Оттаму, кога се вели дека „Израел е еврејска држава“, таа е И верска, поточно полу- теократска. Тоа е резултат на компромисот помеѓу секуларните и религиозните еврејски политичари кога била формирана Државата Израел.
Политиката и законите на Израел и тоа како содржат религиозни елементи. Например, секој Евреин, од каде и да е, има законско право на доселување во Израел, при што законот дефинира: Евреин е оној, кој е роден од еврејска мајка (што е преземено од еврејскиот религиозен кодекс, Халахата) или оној кој преминал во јудаизам (испаѓа дека, независно од етничката, верската или расната припадност, ако некој се конвертира во јудаизам, и да бил католик, будист, црнец, кинез или марсовец, тој аутоматски се претвара у Евреин и е добредојден). Со законски амандман, правото за доселување е проширено и на неевреи, но само на оние, кои се во точно определено сродство со Евреин (брачен другар на Евреин, дете на Евреин, внук на Евреин, брачен другар на дете на Евреин или брачен другар на внук на Евреин).
На таквите им се дозволува доселување, но не се сметаат за Евреи (пошто немаат еврејска мајка и не преминале во јудаизам). Како такви тие во Израел не ги уживаат привилегиите, кои се резервирани само за „правите Евреи“. Нив не можат да ги уживаат ни оние, кои се веќе следбеници на јудаизмот, доколку не припаѓаат на официјално признатиот ортодоксен јудаизам (и таа религија има разни гранки: реформистичка, конзервативна и др.). Затоа и едните и другите ќе мораат да поминат низ официјална конверзија пред комисија ортодоксни рабини. После тоа, ќе можат да стапуваат во брак со други Евреи, ќе добиваат бенефиции, може ќе ќарат и имот од прогонетите Палестинци, кои не смеат да се вратат. Правото на доселување пак, не важи за оние Евреи, кои се откажале од јудаизмот и прешле во друга религија. Доколку имале еврејска мајка, Халахата и понатаму ги смета за Евреи, но израелскиот закон ги отфрла, затоа што се апостати (издајци на верата).
Што е Евреин, а што не е, е сложена тема околу која се кршат копја. Некои велат дека тоа е етничка група, други дека е само религиозна, трети – дека е етно-религиозна. Според дефиницијата во израелските закони, која ја спомнавме погоре, испаѓа дека е религиозна (штом доселениците – конвертити се сметани за полноправни Евреи). Кандидатот е должен да го докаже своето еврејство со документи од предците, потврди од синагогите, може и да решава одредени тестови и сл. Не знам само дали проверуваат и дали е обрежан доколку е машко. Малце да се нашалиме, иако темава баш и не е смешна. Ова заличува на некаков еврејски религиозен супрематизам. Аргументот на Израелците е дека на ваков начин се зачувува еврејското мнозинство во Израел и неговиот карактер на еврејска држава, затоа што Евреите немаат друга.
Религијата е длабоко вмешана и во израелското брачно право. Браковите не се склопуваат на матичар, а пред свештеник (рабин / оџа / поп / пастор/ бискуп). И тоа не било каков, а само од официјално признатите верски заедници. Ако е рабин, тој мора да е од ортодоксниот јудаизам. Бракови помеѓу Евреи и неевреи во Израел не се можни (се признаваат ако се склопени во странство). Не се можни ни бракови помеѓу Евреи, кои припаѓаат на различните гранки на јудаизмот, па тие мораат да поминат конверзија. И за разводите истотака одлучува свештенството.
Според законот, на светиот ден Шабат (Сабота) не смее да се работи и да се вози, па сите дуќани и државни институции се затворени, нема јавен превоз и не смее да се вклучуваат и исклучуваат електрични уреди (напр. лифт, па праат лифтови кои застануваат на секој спрат за да не кликаш). Храната која се увезува во земјата и која се служи во официјални институции (напр. болници, школи, армија, затвори) мора да биде подобна на религиозните правила, т.е. кошер, а сертификати издава свештенството. Евреин не смее да работи и вози на Шабат, но ако има итен случај, се наоѓаат разни решенија. Некои, например, ангажираат шофери неевреи (Арапи или др.) за да ги одвезат до одредено место.
Сеа нормално, 21-ви век е, многумина во Израел фаќаат кривини (напр. работат и возат на Шабат, продаваат или јадат свинско, живеат раскалашено, се журкаат, пијанчат, дрогираат или сл.), но тешко тебе ако се најдеш во некоја поконзервативна средина. Може да ти дојдат чичковци со бради кои ќе те „упатат во ред“. Постојат ултра-конзервативни еврејски секти, кои би сакале уште потврди закони, постојниве им се премногу „меки“.
Еврејските религиозни екстремисти шират омраза кон муслиманите и христијаните, ги сквернават нивните храмови и ги напаѓаат физички, па дури постои и еврејски религиозно мотивиран тероризам, иако е помалку развиен и експониран од исламистичкиот. Терористички акции вршеле еврејските милитантни движења Хагана, Иргун, Лехи и др. Некои од нив биле секуларни, но некои и религиозни. Познат случај на еврејски тероризам е кревањето во воздух на ерусалимскиот хотел Крал Давид во 1946 год., во кој тогаш била сместена британската колонијална администрација.
Познати еврејски терористи во поновата историја се Барух Голдштајн, кој во 1994 год. изврши масакр во џамија во градот Хеброн, во кој загинаа 29 Палестинци, а 125 беа ранети и Јигал Амир, атентаторот врз израелскиот премиер Јицак Рабин. Рабин потпиша мировен договор со Арафат во Осло во 1994 год. и за тоа ја доби Нобеловата награда за мир, со што си го навлече на себеси гневот на еврејските екстремисти.
Значи, во израелскиот општествено – политички живот и правен систем и те како има религиозни моменти. Во Израел постои и религиозен тероризам. Нели би можел некој да се пошегува дека сето тоа е своевиден „еврејски шеријат“, „еврејско талебанство“ или „еврејска инквизиција“? После Палестинците биле исламисти заради спомнувањето на Шеријатот во својот устав? Тие бар донеле Устав, Израел воопшто го нема (добро прочитавте, Израел нема пишан устав).
Цинизмот на ционизмот
Би сакал да ги прашам почитуваните Евреи: зошто арапските жители на Палестина, кои таму живееле со векови, да немаат право на своја државност, а тоа право да го имаат еврејски доселеници од Америка, Германија, Русија, Полска, Унгарија, Романија, Шпанија, Мароко и куп други земји? Зошто палестинските бегалци немаат право на враќање на своите вековни огништа, а право на „враќање“ (кое е доста дискутабилно) имаат еврејските доселеници, кои се систематски населувани од страна на израелските власти со цел да се смени етничката состојба во регионот? Сликата вреди илјада зборови. Погледнете го видео клипот подолу. Што гледаме во него? Нека ми простат Евреите, ништо шовинистички, но јас на видеово гледам некакви си Американци од Масачусетс или Бог-знае-од-каде-веќе, кои личат на се’, освен на автохтони жители на Блискиот Исток.
Циниците би прокоментирале дека луѓево во клипот можеби завчера се конвертирале во јудаизам или ископале (или исфотошопирале) папир за некој еврејски предок и врз основа на тоа добиле земјиште конфискувано од избрканите Палестинци. Што бараат овие странци на земјата на набрканите Палестинци? Да се некои печалбари дојдени по парче леб, би ги сфатил, но тука се работи за систематско доселување мотивирано од некои фундаменталистичко – националистички мотиви.
Погледнете го списоков: Шимон Перез, моментален преседател на Израел (роден во Вишњев, Белорусија), Давид Бен Гурион, татко на државата Израел и нејзин прв премиер (роден во Плонск, Полска), Хајм Вајцман, прв претседател на Израел (роден во Мотаљ, Белорусија), Голда Меир, прва жена премиер на Израел (родена во Киев, Украина), Јаков Дори, прв началник на генералштабот на израелската армија (роден во Одеса, Украина), Менахем Бегин, борец за независност, премиер и создавач на партијата Ликуд (роден во Брест, Белорусија), Моше Шарет, премиер и министер за надворешни (роден во Херсон, Украина), Хаим Моше Шапира, министер за земјоделие и имиграција (роден во Гродно, Белорусија), Јицак Груенбаум, министер за внатрешни (роден во Варшава, Полска), Пинхас Розен, министер за правда (роден во Берлин, Германија), Елијезер Каплан, прв министер за финансии (роден во Минск, Белорусија) и да не редам. Многу од најбитните личности во историјата на државата Израел се дојденци. И сеа тие се као „автохтони“ и имаат право да градат еврејска држава на просторите на Палестина, а Махмуд Абас, роден во Сафед, во Галилеја, каде шетал Ристос, е тој не може? Која е таа логика?
Религиозниот аргумент е: „Бог им ја вети земјава на Евреите“. Немам проблем со религија, ама како можеш така бескрупулозно да манипулираш со неа за да заграбиш туѓа територија? После исламистите се криви што си ги оправдуваат своите гнасни злосторства со делови од Куранот? И што сега, ќе искочиш на говорница во ООН и ќе кажеш извините господо ама мене бог ми рече дека земјава е моја? Каков е тој муабет? Или пак, националистичкиот аргумент: „ние тука живеевме пред 46565786 векови и сеа се вративме“. Не си живеел ти, ти си роден (рецимо) 1973-та у незнамти Пенсилванија, за Палестина си слушал само од легенди и преданија завиени во магла и митови. Си дошол вчера, уште не си се ни аклиматизирал, а земјава е веќе „твоја“? Арапите, кои се тука со векови пред тебе, се натрапници? Каков ти е тој муабет?
Ционизмот доведува и до многу апсурдни појави во Израел. Еве например, гледаме доселеници – Етиопски Евреи. Гледаш фаца – чоекот Африканец. Чеј сеа, он е као етнички Евреин кој „се враќа“ во „својата земја“?! Ништо расистички! Просто не ве контам. Како може тој Африканец да е повластен во однос на Палестинците? Само затоа што практикува јудаизам? Израел има потрошено билиони долари на мегаломански операции за масовно доселување на илјадници Евреи и „Евреи“ (чија етничка припадност е дискутабилна) од најразлични места на светот. Ангажирани биле цели флоти на авиони со кои во Израел се транспортирани комплетни еврејски заедници од Јемен, Мароко, Ирак, Етиопија, Еритреја, Џибути, Судан итн. Истото се правело и со бродови.
Операциите за преселба во Израел биле изведувани во соработка со американската CIA, најчесто тајно и без договор со земјите, чии државјавни биле преселуваните. Тие операции ги носеле шифрираните имиња: Канфеј Нешарим (1949), Езра и Неемија (1950), Јахин (1964), Мојсеј (1984), Јошуа (1985), Соломон (1991) и др. Рака на срце, во некои случаи, на Евреите во тие средини им се заканувале погроми, глад, војни и сл., па тие евакуации биле оправдувани како хуманитарни. Но дајте да не се лажеме, тие главно биле поведени од ционистички и национал – романтичарски мотиви. Така например, се сметало дека оние Етиопјани кои практикуваат јудаизам (заедницата Бета Израел) се наследници на царот Соломон и царицата Саба и нивниот син Менелик I, односно дека настанале со мешање на древните Израелити и Етиопјани 1000 години пред нашата ера. Иако во ова можеби има вистина, оттогаш минале три милениуми, па сето тоа е толку магливо, што дури забегува во митологија! Антиквизација! Но Израел тоа си го сфатил многу сериозно. Се јавила и идеја за нивна комплетна преселба во Израел.
Во Израел започнале жолчни дебати околу тоа дали Бета Израел се вистински Евреи и дали ја следат Халахата итн. Врховниот израелски рабин, Овадиа Јозеф, познат по изјави од типот „Смислата на постоењето на неевреите е да им бидат слуги на Евреите“, пресекол дека Бета Израел се полноправни Евреи и како такви треба да се преселат во Израел. Етиопјаните, нормално, едвај чекале да избегаат од гладта, болестите и војните, кои беснееле во нивната земја, па со задоволство прифатиле да бидат евакуирани во Израел, каде добиле државјанства. Подоцна, со ДНК анализа е утврдено дека немаат везе со Израелците (освен што се следбеници на јудаизмот, што со ДНК и онака нема везе, но дури и нивната религиозна принадлежност е под знак на прашање, свашта се шмугнало на тие летови). Францускиот игран филм Va, Vis et Deviens од 2005 год., говори за тоа како етиопска мајка – нееврејка (христијанка), успева да го бутне своето дете меѓу еврејските деца на лет до Израел, со цел тоа таму да има подобар живот. По тие организирани преселби, некои луѓе кои патувале низ Африка јавиле дека бројот на „еврејски села“ нагло се зголемил. Азиланти колку сакаш Начуле селаниве дека некој доаѓал и зимал луѓе со авиони, давал гага јадење и пиење, па си рекле нисмо бре шугави.
Има и други сулуди примери. Во Израел се појавила некоја чудна група на неонацисти (?!) Тие претепувале Евреи и чкртале кукасти крстови на синагоги (во Израел?!). Се испоставило дека се работи за емигранти од бившиот Советски Сојуз (Русија, Украина, Белорусија и сл.). Навистина таму има големи еврејски заедници, чии припадници во голем број емигрираат во Израел. Многу од тие Евреи се високо ценети во израелското општество. Арно ама, очигледно свашта се шмугнува меѓу нив. Да не беше ужасно, ќе беше ужасно смешно. Кујзнае какви се’ далавери се прават. Руска работа. А факт е дека Израел намерно пропушта одреден број луѓе за да се засили неарапското население. Ама кој со ѓаолот тикви сади, од глаа му се удираат. Многу од новокомпонованиве руски „Евреи“ доаѓаат во Израел по подобар живот, незнаат ни „е“ од еврејство, не поштуваат ни религија ни кошер, таманат прасиќи, пијат к’о Руси.
Врз основа на правото за доселување, во Израел се дојдени и многу индиски Евреи, но кулминација на се’ би било тој организирано да ги врати кај себе Кинеските Евреи. Да, добро прочитавте, во Кина со векови егзистира мала еврејска заедница во градот Кајфенг. Се говори дека настанале со мешање помеѓу локалното население и еврејските трговци, кои доаѓале по патот на свилата уште пред илјада години. За нивното присуство таму посведочил дури и Марко Поло. Доколку имаат сродство со Евреи, тие сосема легално можат да аплицираат за израелско државјанство. Па и да немаат, може да се конвертираат во јудаизам и со тоа да ги исполнат критериумите за доселување. Иронично е тоа што, додека Африканци, Индијци, Кинези и неонацисти без проблем успеваат да добијат израелско државјанство, истото им било одбиено на луѓе кои по сите критериуми го заслужиле. Голема брука во историјата на Израел е случајот на Освалд Руфајзен, попознат по прекарот Брат Даниел (1922-1998), полски Евреин и херој од Втората Светска Војна, кој спасил многу свои сонародници од нацистичките конц-логори. Доселувањето во Израел му било одбиено затоа што се конвертирал во римокатолик. Не помогнала ни жалбата, која тој ја поднел пред Врховниот суд на Израел. На крај едвај некако успеал да добие државјанство преку натурализација.
Законот за враќање врз основа на кој сите тие луѓе се доселуваат во Израел, се темели врз идеологијата наречена ционизам. Нејзин татко е Теодор Херцл (1860-1904). Таа се залага за доселување на Евреите во Палестина, каде што би формирале своја држава, во која би биле безбедни од антисемитизмот и прогонувањата (кои објективно им се случувале). Но за разлика од другите поробени народи, кои се бореле за создавање на сопствени држави на просторите на кои со векови живееле, ционизмот сакал да создаде еврејска држава на туѓи територии. Херцл бил роден во Будимпешта, значи живеел во тогашна Австро-Унгарија, родителите му биле од Земун, каква врска имал тој со Палестина? Тој само ја посетил како турист, поведен од ционистичкиот романтизам.
Се разбира никој нормален не спори дека во далечното минато, во Палестина цутела пребогата еврејска култура, за која сведочат низа археолошки локалитети, артефакти и пишани документи! Но по римското задушување на еврејските востанија и уништувањето на Ерусалим, започнува раселувањето на Евреите по светот. Како резултат на тоа, се создала голема еврејска дијаспора, расцепкана на повеќе групации: Ашкеназите од Централна и Источна Европа, кои говорат јидиш (јазик под силно германско влијание), Сефардите во Шпанија и Португалија (кои говорат ладино, т.е. старо-шпански и кои се доселиле и на нашите простори), Мизрахите од Блискиот Исток и др. (btw имаме во Скопје познато семејство со презиме Мизрахи, кое го почитувам, да не ми замерат за послободниов стил на пишување). Како последица од раселувањата, Евреите во Палестина биле сведени на малцинство и таму доминирала арапската култура. Тука е интересно да се спомне дека поддршка за доселувањето на Евреите во Палестина изразил лидерот на левичарската ВМРО – Обединета, Димитар Влахов, кога бил пратеник во Младотурскиот парламент, што предизвикало негодувања кај арапските пратеници.
По неколку века отсуство од Палестина, поведени од национал-романтичарските и ционистичките идеи, Евреите почнуваат масовно „да се враќаат“ во неа. Но бидете објективни, дали тоа воопшто може да се нарече „враќање“? Тоа биле луѓе родени во Германија, Австрија, Унгарија, Романија, Русија, Украина, Полска… Нивната папочна врска со Палестина била прекината пред многу векови, тие веќе не го говореле јазикот на своите библиски предци (со исклучок на чуварите на традицијата, рабините) и иако многу од Евреите навистина строго го запазувале својот идентитет, религија и начин на живот, тие сепак се мешале со населенијата со кои биле опкружени и апсорбирале конвертити од други етнички и религиозни заедници во своите редови. Фактички, тоа веќе не биле оние истите Евреи, кои пред многу векови ја напуштиле Палестина.
Кога овие Евреи „се вратиле“ во „својата земја“ таму затекнале гневни Арапи, кои, сосема нормално, се почувствувале загрозени од оваа, така да се каже, колонизација. Што е за право, имало и моменти на соживот и соработка, не е се’ така црно-бело. Од обете страни имало луѓе со добра воља. Но сепак тоа се повеќе исклучоци, отколку правило. Доселувањето предизвикало повеќе бунтови на Арапите, при што тие сурово се обрачунавале со дојденците. Замислете си арап иде да се бања на брегот у Јафа, Хаифа, коа одеднаш глеа некакви бродови доаѓаат, глеа се истовараат некакви луѓе со црвени бради и европски изглед, кои говорат на некаков германски, јидиш, со имиња и презимиња к’о Карл Хајнц Розенштајн и сл., ги глеа зинат к’о индијанец целиот у прашалници, се крсти (се погодил православен, се викал рецимо Ставре, од грчкото: ставрос = крст). И што се случува?
Палестинска сцена: Палестинец си седи у двор, пие кафе, мези локуми. Му доаѓа Евреин Ашкенази бегалец од погромите во Царска Русија или од Холокаустот во Германија и му вика: „ти си Арап, ти си дошол у 7 век со арапските освојувања, иди си таму у Арабија у Мека и Медина, а ја сум Евреин и Бог мене ми ја дал оваа земја“ (му вади тука Тора, Талмуд, му покажуе еве читај). Палестинецот му одговара „ние сме автохтони жители на регионов, но сме биле арабизирани и исламизирани во време на арапските освојувања. Но добро, еве и да сме дојдени. Дедовците ми дошле тука пред 14 векови. Компири да се, многу се! 14 века ние живееме на оваа земја. Сме ја обработувале, сме паселе кози на неа, сме воделе битки за неа, сме се раѓале, женеле, умирале, не’ погребувале во неа. Ти никад не си живеел тука, си дошол вчера од Дортмунд или од Мухосранск, Саратовска губернија. Зашто ја треба да се иселам за ти да се вселиш? Дошљакот му одговара „затоа што мојот чукун – чукун – чукун – чукун – чукун – чукун дедо живеел тука пред 458 миљарди милениуми“. Абе каков чукун, чукнат ни еден, куќава дедо ми ја соѕида, маслинава сам ја засади, му вади Палестинецов османски дефтери и тапии. Евреинот му вика „с тим папирима можеш да обришеш дупе“ и му иде со булдожер дониран од компанијата Caterpillar вррр- врррм бдшшш му ја руши куќата. Палестинецов завршуе како бегалец исто како што и Евреинот претходно бил бегалец. Седи у бегалски камп усред пустиња „картон сити“, смрди, ѓубре, болести, нема храна, вода. Околу кампот зид, електрична ограда, чекпоинтс и стражи к’о у конц-логор…
Македонска паралела: Наш Егеец седи дома у село Постол, Ениџевардарско, музе офци, му доаѓа грчки просфиги (бегалец) од Турција и му вика „Скопја малака, ти си Словен, си дошол у 6 век од Карпатите, иди си таму, оваа земја е моја, грчка, Македониа ине елиники, Мегас Александрос, Филипос (филос-ипос = љубител на коњи) и све тоа (му објаснуе цела античка историја од алфа до омега). Егеецов го глеа у прашалници и му вика: „ОК бе, Словен сум. Словените дошле пред 15 века. Компири да се, многу се! 15 века ние живееме на оваа земја. Сме ја обработувале, сме паселе офци на неа, сме воделе битки за неа, сме се раѓале, женеле, умирале, не’ погребувале во неа. Ти никад не си живеел тука, си дошол вчера од незнамти Кападокија. Каков Александрос? Ја јес да сум Словен, ама рушевините на Пела ми се пред нос, кучето го мочам таму секој ден, ти првпат ги глеаш у живот. Зошто ја треба да се иселам за да ти да се вселиш? Дошљакот му одговара „затоа што мојот чукун – чукун – чукун – чукун – чукун – чукун дедо живеел тука пред 458 миљарди милениуми, па кога со фалангата на Александрос тргнал во поход на Исток, останал во Мала Азија, па сеа фактички ја ’се враќам’ назад. А ти скопја малака нагамисуме си ми ја фатил нивата док сум бил отсутен!“. Која бре нива, му вади Егеецов турски тефтери, тапии, а маџиров му вика „с тим папирима можеш да обришеш дупе“, го шутира од дома и му уселуе сурија Грци и „Грци“ (as in патријаршисти од разни етникуми) со турски презимиња: Караѕаферис, Караманлидис, Хасанидис, Сабанис, Кемалис, Муратис, Цолаѕоглу од каде ли не Мала Азија, Понт, Источна Тракија, Северен Епир, Кавказ, Источна Румелија, Крим, од Смирна (Измир), Трапезунда (Трабзон), Константинополи (Истанбул), Адрианополи (Едрене), од Александрија, Триполи, Антиохија, Галиполи итн… итн… Нашиов стануе бегалец каков што и Гркот бил претходно. Исто како што Палестинецот стана бегалец, каков што и Евреинот бил претходно.
Правото на постоење
Да не бидам погрешно сфатен, јас немам ништо против еврејскиот народ, кој дал низа значајни личности за целото човештво. Како би можел да ги мразам Алберт Ајнштајн, Сигмунд Фројд, Барух Спиноза, Франц Кафка, Марк Шагал, Исаак Башевис Сингер, Стивен Спилберг, Вуди Ален, Ефраим Кишон, Кирк Даглас, Малколм Мекларен, Џој Рамон, Ноам Чомски, Леонард Коен и презимењакот му, Саша Барон Коен? И мојот омилен руски бард, Владимир Висоцкиј, имал понекој процент еврејско во себе.
Без оглед што ја критикувам израелската политика, јас имам голема почит и за легендарниот командос Јони Нетањаху (братот на сегашниот израелски премиер), кој храбро загина при спасувањето на израелските заложници од рацете на палестинските и германските левичарски терористи во Ентебе, Уганда, 1976 год. Моќна израелска акција беше и киднапирањето на нацистот Адолф Ајхман од страна на Мосад во Аргентина, после што го судеа и го обесија усред Израел. Скидам капа! Но да не ги фалам премногу. Јас не верувам во „избрани“ и „неизбрани“ народи, виши и нижи раси. Тоа е за нацистите. Евреите се луѓе како и сите други, па и тие си имаат свои маани и гревови.
Па и Палестинците имаат свои гревови, не е спорно де! Кога веќе погоре спомнав нацисти, се сетив на тоа дека ерусалимскиот муфтија, палестинскиот арап Хаџи Амин Ал-Хусеини соработувал со Хитлер на заедничка анти – еврејска база. Тој учествувал и во организирањето на босанската муслиманска СС Дивизија Ханџар, која извршила низа злосторства (интересно, некои единици стационирани во германските бази во Франција кренале бунт и дезертирале, босанска работа). Додека за Евреите биле предвидени гасни комори, Арапите и воопшто муслиманите (Персијците, Татарите, Албанците и др.) биле сметани за подобни од страна на нацистите. Арапи доброволци или дезертери од колонијалните британски или француски војски се приклучувале кон т.н. „Слободна Арапска Легија“ во рамките на германските сили. За тероризмот, бомбашите – самоубијци и сличните гадости извршени од палестински екстремисти ич да не почнувам, за тоа увелико се говори и пишува.
Кога на ТВ екраните ќе го видиме хаосот, безредието, сиромаштијата, фанатизмот и тероризмот, кои за жал се присутни во арапските средини, Израел делува како далеку попристојна опција (дури човек ќе се подзамисли дали оние ѕидови, кои тој ги крева околу Палестинците можеби се навистина оправдани?). Факт е дека Израел сепак претставува успешна прикаска (барем за Евреите). Тие среде пустина успејаа да изградат една перспективна и богата држава, која е далеку полиберална во споредба со деспотиите во нејзиното опкружување. Некои Арапи се вклучени во израелското собрание, Кнесетот, па дури и во владата, тие имаат право да учат на својот јазик и да ја практикуваат својата религија. Се отвораат мешовити училишта за еврејски и арапски деца, се појавува млада “Facebook генерација” на прогресивни Израелци, кои се за дијалог со своите Палестински врсници, LGBT популацијата живее слободно (напр. на Евровизија 1998 победија со трансексуалецот Dana International).
Поради сите тие причини, има дури и понекои Арапи кои го поддржуваат Израел (тука не мислам само на припадниците на етно-религиозната заедница Друзи или на Бедуините, кои отсекогаш важеле за негови лојални граѓани, па дури и војувале на негова страна). Сепак, работите се далеку од идилични! Под таа израелска фасада на цивилизираност се случува колонијален терор!
Паралелно со егзодусот на нашите сонародници од Егејот во 1948 год. се случила и палестинската Накба, па тука би прераскажал сцена од палестинскиот филм Солта на ова море (2008): Млада Американка од палестинско потекло го посетува убавиот приморски град Јафа и куќата, каде некогаш живееле нејзините предци, пред да бидат изгонети во 1948 год. Таму, таа налетува на еврејска доселеничка. Меѓу нив се развива пријателство, но главната протагонистка и’ вели (парафразирам): „Ова е моја куќа, дедо ми ги ставал овие плочки, а ти си дојдена. Јас ти дозволувам да живееш тука, но барем признај ја вистината!“.
Сличен момент како и во филмов доживеал и палестинскиот англикански свештеник Одех Рантиси. Тој бил изгонет со семејството од родната Лида, почивалиштето на Св. Ѓорѓија во 1948 год. Татко му го зачувал само големиот метален клуч од нивната куќа. Речиси дваесет години подоцна Рантиси ја посетил куќата и видел мало момче како си игра во дворот. Колку долго живееш тука? – го прашал. Тука сум роден – одговорило детето. И јас истотака – му возвратил тој. Клучот е денес симбол на борбата на палестинските бегалци за враќање во своите огништа.
И покрај се’, јас не и’ го негирам правото на постоење на Државата Израел. Но таа е должна да признае што навистина се случувало, официјално да се извини и да им дозволи враќање на илјадниците палестински бегалци. Јас сфаќам дека Израел е милитантен, со цел на Евреите никогаш повеќе да не им повторат Холокаустот, погромите и сличните трагедии. Но дали тоа што Евреите биле прогонувани е оправдание за тоа тие самите да се претворат во прогонувачи?
Знаете ли дека славниот гениј Алберт Ајнштајн, кој инаку бил лево ориентиран, остро ги осудувал воените злосторства извршени од еврејските милитанти и ги споредувал со нацистичките? И дали знаете дека тој предлагал решавање на палестинско-израелскиот конфликт со создавање би-национална држава, во која двете заедници би биле рамноправни? И Ноам Чомски и Норман Финкелштајн се славни еврејски мислители, кои ја критикуваат израелската политика, поради што дури им беше одбиен влез во Израел.
Што ни е заедничко со Палестинците
Меѓу нас и Палестинците има доста сличности, како например, долгогодишната борба за независност (вклучително и востанија против Отоманската Империја), бегалските судбини, како и шизмите, кои се појавувале во нашите ослободителни движења. Меѓу ВМРО и ПЛО има некои сличности. Обете се патриотски, револуционерни, секуларни и републикански организации со социјалистички примеси. Тој национализам не е освојувачки и шовинистички, туку е еманципаторски, каков што се јавува кај поробените народи.
Ако говориме конкретно за православните Палестинци, заедничка ни е и борбата против грчкото духовно ропство. Тие долго време се борат за поголема автономија од грчкото свештенство, кое управува со нивните цркви, вклучително и со многу од светите места, како напр. родното место на Исус, Витлеем и неговиот гроб во Ерусалим.
Истакнат лидер на православните Палестинци е архиепископот Теодосиј (роден во 1965 год. под световното име: Назар Хана). Покрај тоа што отец Теодосиј е активист за ослободување на Палестина од израелската власт, тој истотака се спротивставува и на доминацијата на грчкото свештенство во Ерусалимската Патријаршија, канонски призната автокефална црква (фактички најстарата), во која тој служи. Оваа борба за политичка, но и духовна слобода доста потсетува на нашата. Така и нашите Миладиновци, Прличев и други преродбеници во XIX век се спротивставувале на асимилаторската политика на изразито грчката Цариградска Патријаршија.
Дали знаете дека православните Палестинци ја поддржувале таа наша борба? Македонија и Палестина тогаш биле во составот на Отоманската Империја. Во 1870 година, православните Палестинци го поздравиле создавањето на Бугарската Егзархија (црква, која тогаш била доминантна среде нашиот народ). Во образовните институции поддржувани од Бугарската Егзархија се школувале или учителствувале низа наши преродбеници и илинденци: Гоцета, Дамета и др. Така например, во редовите на ТМОРО имало многу учители или ученици од Бугарската Машка Гимназија во Солун (иако тие понекогаш се бунтувале против Егзархијата, што е одделна тема).
Во Солун се школувал и отец Теодосиј. Тој магистрирал на солунската богословија во 1991 година. Иако е школуван во Грција и работи во црква управувана од Грци, тој се залага за отфрлање на нивната хегемонија, која влече корени уште од византиските времиња. Византиската Цариградска Патријаршија („Православниот Ватикан“), имала контрола над сиот православен свет, во кој го ширела грчкиот јазик и култура. Затоа еден од општите називи за целото православие во англискиот јазик е “Greek Orthodox Christianity”, кој е збунувачки, па подобра алтернатива е “Eastern Orthodox Christianity”. По падот на Византија, Цариградската Патријаршија добила надлежност над сите православни народи и во Отоманската Империја.
Како што знаете, во Отоманската Империја немало нации според денешното сфаќање. Тие се определувале според религијата. Така, долго време сите православни биле сметани за „Грци“ (без оглед дали биле Грци, Бугари, Власи, православни Албанци и др.). Сите тие биле бутани во „рум милет“ („грчки народ“). Овој термин произлегува од Источното Римско Царство, Византија. Во неа доминирал грчкиот јазик, нејзиниот главен град Константинополи (славјански: Цариград) бил „Вториот Рим“ после Ватикан, па нејзините поданици се нарекувале Ромеи. Оттаму сите православни станале „римјани“, т.е. Грци, па така и отоманскиот назив за Балканот бил Румелија (земја на „Римјаните“, Грците).
Иако Византија со мисиите на Св. Кирил и Методиј придонела за покрстувањето на Словените, тие со текот на времето и’ се оттргнале од контрола и формирале свои држави и цркви, па Цариградската Патријаршија работела на тоа да го врати „залутаново стадо“ под своја капа. Нејзиното седиште било и се’ уште е во населбата Фанари во некогашниот Константинополи (Истанбул), па оттаму и називот за фанатичните грчки патријаршисти – фанариоти. Тие биле одговорни за згаснувањето на Охридската Архиепископија во 1767 год., за асимилаторските политики спрема нашиот народ, за прогонувањата на нашите просветители како Миладиновци и Прличев, подоцна и за великогрчките андартски чети.
Во тој дух, во 1872 год. Цариградската Патријаршија ја анатемисала како шизматичка тазе формираната Бугарска Егзархија и ја осудила за етнофилетизам. Единствен во редовите на Патријаршијата, кој имал храброст да се спротивстави на оваа одлука, бил патријархот Кирилос II (1795-1877), Грк родум од островот Самос. Тој не само што имал разбирање за бугарската црковна самобитност, но и за палестинската, со оглед дека служел во Ерусалим, каде бил близок со православните Палестинци. Се разбира, неговите претпоставени набргу го смениле од должност. Поддршка за Кирилос II, за Бугарска Егзархија и за палестинската црковна самобитност изразувала Мајка Русија, „Третиот Рим“. Руската Духовна Мисија во Ерусалим, чиј прв началник бил архимандритот Порфириј Успенскиј (1804-1885), ги поддржувала православните Палестинци и ја охрабрувала употребата на арапскиот јазик во црковните служби. Во Ерусалим функционирало и Императорското Православно Палестинско Друштво (руска верска, хуманитарна и научна мисија). По распадот на Царска Русија, оваа институција ја презеле советските власти. Кога во 1967 год., СССР ги раскинал дипломатските односи со Израел, преку оваа институција тој промовирал анти-ционизам, односно поддршка за Палестинците. Поддршка за Палестинците пружаа и другите социјалистички земји, особено неврзаната СФР Југославија.
Шчо напраифме и шчо требит да праиме за однапред
Не знам. Појма неам. Од една страна сакаме и треба да имаме добри односи со Израел, но од друга страна, 100 годишната борба за државност на Палестинците никако не може и не смее да се занемари. Ако го признавме Косова, како може Државата Палестина да не ја признаеме? Еве да ги видиме комшиите. Србија гласаше во поддршка на Палестинците, а тие пак го немаат признаено Косово. Истовремено, Србија има добри односи со Израел. И тој не го признава Косово. И вук сит и офце на броју. Во Белград постои палестинска амбасада. Во Грција пак, на времето, социјал-демократскиот премиер, Андреас Папандреу, доста ги поддржуваше Палестинците, но син му Јоргос сега води поинаква политика. Грција и Израел сега имаат дури и воена соработка и заеднички воени вежби. Грција ги блокира бродовите на разните западни невладини организации, кои одат на протестни собири или носат хумантарна помош во Појасот Газа. Сепак, Грција гласаше во поддршка на Палестинците. Во Атина работи и дипломатско претставништво на Палестина.
Зближувањето меѓу Грците и Израелците веројатно се должи на банкротот на првонаведените и загриженоста на вториве од тенденциите во Турција. Таа, како про-западна, секуларна, кемалистичка и НАТО земја, порано имала добри односи со Израел, меѓутоа, кога во неа почна да зајакнува муслиманскиот идентитет и нео-отоманизмот под водството на Ердоган, односите се заладија. Во ООН, Турција истотака гласаше ’за’ Палестинците. Бугарија ја има признато палестинската независност уште во социјализмот, во 1988 год. Во Софија функционира палестинска амбасада. Паралелно, односите со Израел и’ се добри. И сичко хубаво. Сепак, Бугарија во ООН гласаше воздржано. Исто постапи и Албанија, која истотака ја има признато палестинската држава во 1988 год. и таа во Тирана има своја амбасада. Слична е прикаската и со Црна Гора, која ја има признаено Државата Палестина уште кога самата стана независна во 2006 год., но во ООН гласаше воздржано. Босна и Херцеговина ја има признато Државата Палестина во 1992 год. и во Сарајево има палестинска амбасада, но за резолуцијата во ООН гласаше воздржано. Хрватска преклани размени претставници со Палестинците, но се’ уште ја нема официјално признато. Таа гласаше воздржано. Словенците исто. Чудно ми е тоа, некои од земјиве имаат билатерални односи со Палестинците и амбасади и се’, но за резолуцијата гласаа воздржано?!
Нашата бивша држава СФР Југославија ја призна Палестинската држава во 1988 год., оттогаш и датира амбасадата во Белград. СФРЈ, како една од основачите на Движењето на Неврзаните имаше добри односи со арапскиот свет, особено со Палестина, на која и’ даваше секаква поддршка, вкл. и во ООН. Многу палестински студенти, па и милитанти имаат престојувано во Југославија. Лидерот на ПЛО, Јасер Арафат, беше еден од многуте светски лидери, кои беа на погребот на Јосип Броз Тито. Односите со Израел, СФРЈ ги прекина во 1967 год., во знак на поддршка на Арапите по Шестодневната војна против Израел, во кои тие беа поразени. Во јануари 1992 год., југословенско-израелските односи беа, условно речено, „возобновени“, затоа што тоа беше онаа „крња Југославија“ среде распаѓање (без нас, Словенија и Хрватска), па само Србија ги наследи тие односи, така што, тоа и не се рачуна.
Испаѓа дека ние, како конститутивна држава на СФРЈ, веќе сме ја признале Палестинската држава уште во 1988 год. (башка што сме имале релации со ПЛО и претходно). Некои ќе потсетат дека СФРЈ повеќе не постои, па дека тоа веќе не е валидно. Не мора да значи. Србија ги наследи односите со Државата Палестина од југословенските, воспоставени во 1988 год. И нашата, сега независна држава, има некои договори со странски земји наследени од бившата федерација.
Што би било најдобро да се стори во врска со Палестина? Јасно е дека причина за нашата воздржаност е да не се замериме со никого. Но, како што гледаме од примерите погоре, нејзиното признавање не мора да значи расипување на односите со Израел. Франција, Белгија, Италија, Шведска, Норвешка, Данска, Финска, Шпанија, Швајцарија, Австрија, Ирска, Нов Зеланд и куп други земји, кои пружија поддршка на Палестина, не се белким идиоти?
Еве за почеток, можеби треба да испратиме некаква државна делегација кај Палестинците, може и црковна (али да бидат онакви third world свештеници – револуционари и комуњари к’о отец Макариос од Кипар или Камило Торез од Колумбија за да се уклапаат у причата), па да се поразговара таму, да се види што е и како е. Ама и мене да ме земете, пошто јас ја дадов идејата. Ипак сме ние блиски со Палестинците, ете низ текстов видовте комуњаришта, православци, руси, стружани, студенти, југословени, со еден збор, све наши љујѓе! Hasta Siempre La Victoria! حرروا فلسطين! Фаластиин хура!