Почина нашиот легендарен карикатурист и аниматор Дарко Марковиќ. Ја имав таа привилегија, во даден период да работам во негова екипа над еден анимиран филм и можам да кажам дека беше прекрасен човек и дека многу ми е жал што замина. Нека почива во мир.
Пред сè, тој беше познат како автор на сатиричниот стрип „Пецко“, но мене најмногу ми се допаѓа неговиот мјузикл „Каша“ (1977), во кој низ анимација тој претставил повеќе светски поп и рок хитови од тоа време, како некој вид на спотови. За тој анимиран филм тој добил награда на престижниот ТВ фестивал Rose d’Or (Златна Роза) во Монтре, Швајцарија (една од многуте, кои тој ги собрал низ својата кариера). Како што имам читано во неговите мемоари, тој таму имал прилика да се запознае со Чарли Чаплин и бил гостин во неговата вила на Женевското Езеро. За оние, кои не знаат, Чаплин таму живеел во егзил, откако во САД бил осомничен како „комунист“, како и за разни скандали, заради што западнал во немилост. Нашиот Дар-Мар е еден од последните луѓе, кои имале прилика да го запознаат тој филмски великан, затоа што тој починал токму во 1977 година. Подоцна, Дар-Мар направил уште еден анимиран филм со музичка тематика, а тоа бил „Фестивал“ (1982).
Во Лондон, при крајот на 1980-тите и почетокот на 1990-тите години, Дар-Мар работел како аниматор за специјални ефекти на долгометражниот цртан “Freddie as F.R.O.7.”, чиј режисер и сценарист бил Џон Ацевски (брат на нашата актерка Нада Гешоска). Во овој цртан филм учествувале повеќе светски познати ѕвезди. Во пишувањето на сценариото помагал шкотскиот комичар Били Коноли. Наратор е афро-американскиот актер Џејмс Ерл Џонс (Дарт Вејдер од “Star Wars”). Гласот на Фреди го позајмува Бен Кингсли (“Gandhi”). За музиката биле задолжени Бој Џорџ, Грејс Џонс, Холи Џонсон (од Frankie Goes to Hollywood), групата Asia и др. При работата на овој филм, Дар-Мар имал прилика лично да се запознае со повеќето од овие ѕвезди. И уште, со екс-Битлсот Џорџ Харисон и американскиот комичар Боб Хоуп.
“Freddie as F.R.O.7.”, како што кажува неговиот наслов, бил анимирана пародија на Џејмс Бонд, со жабецот Фреди во главната улога. Во разни земји, овој филм се појавил под различни наслови. Така например, видео изданието во САД било насловено со поедноставеното “Freddie the Frog”. Тоа требало да биде висококвалитетна продукција, да не речам како Дизни, но за жал, како што Дар-Мар шеговито раскажува во своите мемоари, проектот го следела лоша среќа, немало доволно средства, а во самата екипа доаѓало до креативни несогласувања. По многу перипетии, проектот бил завршен, но финансиски, тој не поминал добро во киносалите и сега е подзаборавен.
Поради тоа, Дар-Мар бил принуден да се зафати и со други проекти. Тој станал дизајнер на мерчендајзингот на црниот боксер Гери Мејсон, несудениот предизвикувач на Тајсон. За музичката поддршка на Мејсон била задолжена познатата група The Bee Gees, која ги носела маиците со неговата карикатура, нацртана од нашиот Дар-Мар. Во Лондон, тој ги осмислил и „Евровитите“, цртани карактери, кои ги претставуваат народите на Европската Унија, што тогаш било доста актуелно, заради нејзиното официјално настанување во 1992 год. Изработувал и фигурички, кукли, кои таму предизвикале голем интерес. По враќањето во родното Скопје, Дар-Мар со себе понел дел од тие кукли и отворил продавница за нив, недалеку од школото Песталоци.
Речиси и да нема форма на визуелна уметност, во која Дар-Мар не се испробал. Низ животот тој работел како карикатурист, филмски режисер, сценограф, аниматор, стрип цртач, илустратор, куклар и дизајнер, но бил и талентиран архитект. Всушност, тој најпрвин дипломирал архитектура. Дури потоа тој решил да специјализира анимација кај Душан Вукотиќ, претставник на познатата загрепска школа на цртан филм и добитник на Оскар за своето дело „Сурогат“. Како дизајнер на омоти на музички албуми, Дар-Мар го има сработено „Ручни рад“ на Леб и сол, а работел и на документарен филм за оваа наша група. Tаа пак, има напишано саундтрак за неговиот цртан филм „Циркус“ (1979). Дар-Мар имал соработка и со хумористичното трио К-15, за кого има сработено анимирани клипови. Ќе остане запаметен и како сатиричар и критичар на негативностите во нашeто општество.
Тој е автор на автобиографските книги „Лична карта“, во која раскажува за своето детство (инаку, тој е Стар Скопјанец по раѓање) и на „Балкан во Лондон“, која говори за неговите животни и работни искуства во британската престолнина. Една од тие книги тој ми подари со посвета. Тој беше добар пријател на моето семејство и ние би сакале да им изразиме сочувство на неговите блиски.