born_on_the_fourth_of_july_xlg

tom_kruz_kisel_osmeh

Не го готивам баш неговиот скиселен осмех к’о да изел кило мушмули или каца купус.

Денес познатиот холивудски актер Том Круз прославува пола век од своето раѓање. Иако не ми е нешто особено симпатичен како појава со својата скиселена насмевка (тетка у продавница му вика: леле дечко извини уместо спрајт сум ти дала солна киселина! Детето се заврти и ’кисело’ се насмевна), ниту пак ми е нешто многу убедлив како актер, сепак мора да му се признаат триессетте години плодна работа во филмската индустрија, во чии рамки се прослави со своите улоги во „Топ Ган“, „Бојата на парите“, „Коктел“, „Дождовниот човек“, „Том и Џери Мекгваер“, „Војна на световите“, „Небо од ванила“, „Малцински извештај“ и ред други дела и недела на седмата уметност и тоа од различни жанрови (драма, акција, научна фантастика и др., само порно од него не видовме, во таа смисла Сталоне е попоштен).

Својата првата улога, инаку епизодна и малку позната, Круз ја одигра во „Бескрајна љубов“ од 1981, а ѕвезда станува со „Ризична работа“ од 1983. Овие пар наслови може не ви значат премногу, но со „Топ Ган“, јас мислам дека веќе секој дозна кој е Том Круз, дури и оние, како мене, кои овој актер не ги занимаше многу. Додека моите машки соученици во основно сонуваа да имаат јакна, каква што носеше тој во филмот и воедно да возат мотори и авиони, моите соученички колективно се заљубија во него. Тие лепеа негови постери од германското списание Bravo по ѕидовите на своите соби и го слушаа саундтракот на групата Berlin, чиј наслов погрешно го толкуваа како “Take My Brother Away” (наместо Take My Breath Аway).

top-gun-1986-02-g

Таа песна прозвуче во еротската сцена со Кели Мекгилис, која, моите соученички истотака ја обожуваа, но не заради нејзините актерски квалитети, ами само затоа што беше партнерка на Круз во филмот, додека јас ја ценев заради „Сведок“ на Питер Вир. Потоа дојде „Коктел“, чија ударна тема „Кокомо“ на Бич Бојс стана голем хит, за многу подоцна да биде преработена во сатиричната Косово. Моите соученички дури трпеа да го изгледаат и „Рејнмен“ кога искочи, инаку тотално несоодветен филм за нивната тогашна возраст, само заради Том Круз, што посебно ме иритираше.

600full-top-gun-photo

Со Кели Мекгилис во Топ Ган

Имено, јас го испоштуев „Рејнмен“ чисто ради генијалниот Дастин Хофман, се разбира. Увек сум бил поинаков у пм. Но и Том Круз се менуваше, еволуирајќи од тинејџ идол во се’ посериозен актер. Почна во т.н. “brat pack” филмови, па го сними патриотскиот „Топ ган“, еден од филмовите типични за Регановата ера, за во „Роден на 4-ти јули“ да се појави во сосема поинакво, бунтовно и ’либерал’ хипи руво, на кое тинејџерките не беа навикнати, што мене тогаш ми се виде како интересен „твист“.

Па така и сега ќе бидам уникатен. Ако веќе морам да направам избор омилени филмови со Том Круз (онака ако баш мора, со двоцефка у уста), би ги скокнал разните Мили-Ванили и би одел на ретро варијанта, нешто од по раната фаза, 80’ѕ, како например: Аутсајдери (каде глуми член на младалачка банда заедно со Мет Дилон, Патрик Свејзи, Емилио Еставез и Ралф Мачио), Тапс (каде заедно со Шон Пен играат офицери-кадети, кои креваат побуна во воената академија) или пак комедијата Губење на невиноста (или како го преведуваа “Losin’ It”?), со тинејџерите што одат на провод у Тихуана, каде пијат текила, спијат со проститутки и пушат марихуана.

top_gun_jacket_tom_cruise

Култната пилотска јакна модел G-1 украсена со пришивачи, која Том Круз ја носеше во „Топ ган“.

Том Круз е роден на 3 јули 1962 година во Сиракјуз, градот во американската сојузна држава Њујорк, именуван по Сиракуза, Сицилија, родното место на Архимед, кој му викаше на римскиот легионер да „не ги гиба неговите топки“. Круз е роден само еден ден пред Денот на американската независност, 4 јули, затоа би можел да го парафразирам насловот на еден од неговите најпознати филмови како “Born on the Third of July”. Улогата, која ја играше во тој филм е заснована врз вистинска личност. Се работи за Рон Ковиќ, американски маринец од хрватско потекло, кој, по искусувањето на Виетнамската војна, во која заминал од патриотски побуди, се враќа дома како инвалид, по што се посветува на мировниот активизам. Ковиќ, инаку навистина роден на 4-ти јули, е ко-сценарист на филмот заедно со Оливер Стоун, кој пак е воедно и режисер на истиот. Заедничко и на обајцата е тоа дека се виетнамски ветерани. Нивната соработка за малку не беше крунисана со Оскар за најдобро сценарио, што не им успеа, но затоа филмот беше награден во други категории. Во знак на благодарност кон Круз, за реалистичното доловување на ужасите низ кои Ковиќ самиот поминал, тој му го подарил своето воено одликување.

Ron-Kovic-Born-on-the-Fourth-of-July-640x465

Автобиографската книга на Ковиќ врз која е базиран истоимениот филм

Интересно е тоа што соработката со хрватот Ковиќ не е единствен случај на некаква поврзаност на Том Круз со нашиве (пошироки, екс-југословенски) простори. Во акциониот блокбастер „Невозможна мисија II“ и во „Очи ширум затворени“, последниот филм на легендарниот Стенли Кјубрик, Круз глумеше рамо до рамо со Раде Шербеџија (да ми го бриЧиш со зеЛено џамЧе). Во еден од своите рани филмови пак, чиј наслов беше „Сите вистински потези“, снимен во 1983, Круз го играше ликот на американскиот фудбалер Стефан Ѓорѓевиќ (според имево, претпоставувам, лик од српско потекло). Како што знаете, Круз е следбеник на Саентологијата, како и нашиот Мони Дамевски. Тој, како и Круз, истотака глумеше со претходно споменатиот Шербеџија, во „Пред дождот“ на Милчо Манчевски. Круз ги има и посетено екс-југословенските простори, конкретно хрватското приморје, а гледано од ваква екс-ју перспектива, сомнително ми е она „роден на 4-ти јули“, имено овој датум се славеше како Ден на борецот во бившата СФРЈ.

fhd999EWS_Rade_Serbedzija_002

Шербеџија и Круз: Пукај бе брачед, пукај…

Коцкичките од мозаикот лека-полека почнуваат да се спојуваат и работава веќе станува јасна. Шербеџија, Ђорђевић, Дамевски, Милчо, Том Круз, Џонтра Волта, срби, хрвати, македонци – Југомафија! Све е поврзано! После ова, веќе и најголемиот скептик мора да се соочи со фактот, дека Том Круз е највероватно некој наш „Томе“ (причај ми о томе, а Томе је у војсци). Мислам види какво друштво и какви улоги бира! Па нисмо бре ми толко наивни! Дотолку повеќе што тој беше опеан во песната на Ластовица „Ќути живти се“ во стиховите „Да си место мене со Том Круз, не би тупела, баба ми со таков угурсуз би се ду.. ду-ду-ду“ (почиње да микса баш на ова место).

Видео клипови на темата: Клик наслов за преглед, разглеј списак со клизач десно.

P.S. Насловот на текстот е референца до познатата македонска ТВ драма „Томе од бензиската пумпа“ на Братислав Димитров.