Клик на сликата за зголемено: Португалски војници со пушки украсени со каранфили, 1974.

Во многу земји, армијата имала реакционерна улога и придонела за воспоставување на диктатури. Но, ќе издвојам историски примери за тоа како таа придонела за нивно уривање. Првиот е Каранфилската револуција во Португалија од 25-ти април 1974 год., со која бил соборен тамошниот фашизоиден режим, познат како Нова Држава (Estado Novo), кој таму владеел 40 години.

Каранфилската револуција започнала такашто лисабонското радио ја емитувало песната “E Depois do Adeus” на португалскиот евровизиски претставник од таа година, Пауло Де Карвало, што претставувало таен сигнал за прогресивните офицери (повеќето левичари) да стапат во акција. Откако со своите трупи тие ги заземале сите стратешки точки во земјата, на радиобрановите била емитувана песната “Grândola, Vila Morena” на забранетиот фолк-пејач Зека Алфонсо, со што, било дадено до знаење дека акцијата поминала успешно.

002_portugalija_karanfilska_revolucija_vbb

Тогаш, револуционерните органи побарале од населението да остане во своите домови, додека ситуацијата сосема не се расчисти, но тоа спонтано излегло на улиците на Лисабон за да ги поздрави своите ослободители. Во април, на лисабонските пазари може да се најде големо количество на каранфили, па многу од граѓаните се „вооружиле“ со нив и ги употребиле за украсување на пушките на војниците, како и на нивните тенкови и оклопни транспортери.

Каранфилската Револуција поминала ненасилно, но имало само еден потежок инцидент кај седиштето на репресивната режимска тајна служба ПИДЕ (PIDE), од кое било отворено оган, пришто пострадале неколку граѓани. Но тој слаб отпор бил набргу скршен од страна на армијата.

003_portugalija_karanfilska_revolucija_vbb

Капетанот Салгејру Маја.

Херој на Каранфилската револуција бил 30-годишниот капетан на португалската армија Салгејру Маја, кој служел во во градот Сантарем. Пред стапувањето во акција, тој им го одржал на своите трупи следниов говор: „Господа, како што знаете, постојат разни државни уредувања. Постојат социјалистички, капиталистички држави, како и ова државно уредување до кое нè дотуркаа. Сега, во оваа ноќ, ние нему ќе му ставиме крај. Кој сака да дојде со мене, ќе одиме за Лисабон за да го завршиме тоа. Ова е доброволно. Кој не сака да оди таму, нека остане!“. Тогаш, сите војници му изразиле верност и под негова команда тргнале кон престолнината. Откако пристигнале таму, тој дури успеал да ги убеди тамошните единици истотака да му се придружат. Потоа, тие заедно успеале да ја соборат владата и да ги уапсат нејзините членови. По револуцијата, Маја не покажал политички амбиции, туку продолжил да биде воено лице и се посветил на семејниот живот со посвојување на две деца. Починал од рак на 47 години.

006_portugalija_karanfilska_revolucija_vbb

005_portugalija_karanfilska_revolucija_vbb

007_portugalija_karanfilska_revolucija_vbb

004_portugalija_karanfilska_revolucija_vbb

За да сфатиме зошто дошло до Каранфилската револуција, треба да се вратиме малку поназад во историјата. Долги векови, Португалија била монархија, а нејзиниот последен крал бил Мануел II. Со револуцијата од 1910 год., тој бил соборен и таа била прогласена за република. Новите власти ветувале демократија, подобрување на економијата, одземање на привилегиите на аристократијата, одделување на црквата од државата и намалување на влијанието на конзервативниот католички клер (кој таму бил доста силен). Но, за жал, во периодот кој следел, земјата западнала во нестабилност. Имало злоупотреби на власта и корупција, влади паѓале како круши, дошло и до атентати, вооружени буни итн.

Оправдувајќи се со спречување на хаосот, во 1926 год., реакционерни португалски офицери извршиле пуч и воспоставиле воена диктатура. Министер за финансии во новата влада бил Антонио Де Оливеира Салазар, кој со текот на годините станувал сè повлијателен во политиката, за во раните 1930-ти, тој самиот да стане диктатор. Називот на неговиот режим бил Нова држава и тој бил недемократски, ултра-десничарски, националистички, конзервативен и корпоративен. Тој ги прогонувал левичарите, либералите, демократите и воопшто сите оние кои не се согласувале со него, а бил во спрега со конзервативниот католички клер.

Во земјата се одржувале некакви „избори“ и имало и некакви „синдикати“, кои всушност биле фарса. Единствена легална политичка партија била Националниот Сојуз (União Nacional). Била формирана и партиска паравојска, под називот Португалска Легија (Legião Portuguesa), а како и во сите тоталитарни режими, постоела и младинска организација, слична на Хитлерјугенд, чиј назив бил Португалска Младина (Mocidade Portuguesa).

010_portugalija_karanfilska_revolucija_vbb

Салазар (во цивил, во средина) врши смотра на Португалската легија.

Важно е да се спомне дека Португалија била колонијална сила, под чија власт биле Ангола, Мозамбик, Гвинеја-Бисао, Кабо Верде, Сао Томе и Принсипе, Гоа, Макао, Источен Тимор и други територии во Африка и Азија. Патем, да спомнеме дека во подалечното минато, португалска колонија бил и Бразил, но тој станал независна држава уште во 1822 год. Од една страна, колониите биле корисни за Португалија заради експлоатација на нивните природни ресурси, но од друга страна, во нив се јавиле движења за независност, со што тие ѝ станале голем товар. По Втората Светска Војна, низ Африка и Азија започнал процес на деколонизација, па Португалија морала да издвојува сè повеќе средства и воени единици за да ги држи под контрола.

011_portugalija_karanfilska_revolucija_vbb

Режимската организација Португалска младина.

Може слободно да се каже дека режимот на Салазар спроведувал фашистичка политика. Тогаш бил во мода т.н. медитерански фашизам (со елементи на клеро-фашизам), каков што граделе Франко во Шпанија, Мусолини во Италија или Метаксас во Грција. Но да се стави знак на еднаквост меѓу Салазар и Хитлер би било некоректно. Затоа, да ги наведеме објективно и неговите позитивни страни: под Салазар, Португалија била општествено-политички и економски стабилизирана; во Втората Светска Војна, таа била неутрална и терала бизнис со обете завојувани страни, од што таа добро заработила; а идеологијата на Естадо Ново била помека од италијанскиот фашизам и германскиот нацизам и кај неа немало расизам, антисемитизам и логори како Аушвиц. Напротив, Португалија им дала азил на многу еврејски бегалци од другите европски земји.

012_portugalija_karanfilska_revolucija_vbb

Женскиот оддел на организацијата Португалска младина.

Домородците од колониите најпрвин биле сметани за инфериорни во однос на Португалците, но под влијание на бразилскиот антрополог и социолог Жилберто Фрејре, Салазар го омекнал таквиот став. Евреи и црнци биле нормална глетка на улиците на Лисабон, додека во другите европски земји, тие завршувале во гасни комори. Со цел да ги омекне антиколонијалните движења, Салазар прифатил елементи од учењето на Фрејре за т.н. лузотропикализам. Според тоа учење, по долговековното присуство на Португалецот во Ј. Америка, Африка и Азија, тој се зближил и подизмешал со тамошните народи, па се сметало дека преку образованието, тие би можеле да се цивилизираат и да се асимилираат во португалското општество.

Но тоа што Португалија била полиберална од Третиот Рајх или Италија не значи дека таа била слободна земја! Зарем таквите режими се некаков репер за демократија и човекови права?! Салазар сепак бил суров и под него многумина пострадале. Задолжена за тероризирање на опозицијата била злогласната тајна служба ПИДЕ. Таа вршела тортура и атентати врз неподобни личности, а некои од нив завршиле во зандани во далечните колонии, каде гниеле во нечовечки услови. Во тие колонии, португалските сили спроведувале брутална пацификација на месното население. Навистина, во поголемите колонијални центри Португалците донеле напредок (струја, водовод, патишта, школи), но во тоа уживале главно португалските доселеници. Голем дел од домородното население живеело во беда, глад и болести. И во самата Португалија економијата почнала да стагнира и државата сè повеќе запаѓала во меѓународна изолација заради својата колонијална политика.

014_portugalija_karanfilska_revolucija_vbb

Португалската армија водела брутални колонијални војни.

030_portugalija_karanfilska_revolucija_vbb

Исцрпувачките колонијални војни биле португалски „Виетнам“.

Во легендарната 1968 година, низ светот доста се засилила радикалната левица, како и бунтот против американската интервенција во Виетнам и се случиле големите студентски протести во американските универзитети, Париз, Рим, Лондон, Берлин итн. Тоа влијаело и на Португалија. Младите Португалци барале промени, а особено оние кои избегале од режимската репресија и воената обврска во некои други и послободни земји. Ваквите радикални идеи биле донесени во Португалија и од многуте студенти, кои се образувале во европските градови.

Но дали тие хипи студенти со долги коси и маици со ликот на Че Гевара ги спровеле револуционерните промени во Португалија? Одговорот е негативен. Интересно, ветерот на промените дошол од сосема неочекувано место – од португалската армија. На нејзините припадници веќе им било доста од тоа да убиваат, да гинат и да губат раце и нозе по белосветски вукојебини за колонијалните интереси на режимот. За Португалците, ова била слична траума како што за Американците била Виетнамската војна.

015_portugalija_karanfilska_revolucija_vbb

Припадничка на ослободителното комунистичко движење ФРЕЛИМО во Мозамбик.

Исто како што тоа било во Виетнам, ослободителните движења во Ангола, Мозамбик, Гвинеја-Бисао и другите африкански и азиски земји добивале помош од мајката и таткото на сите угнетени пролетери – Советскиот Сојуз. Иако тоа била тоталитарна држава, која ги репресирала своите граѓани, во земјите на Третиот свет таа одиграла позитивна улога. Москва ги помагала ослободителните движења на Виетнам, Палестина, Никарагва, Ангола и др. со големо количество на калашњикови, СКС паповки, РПГ фрлачи, тешки митралези ДШК и останато комунистичко наоружање. Не залудно на државниот грб на Мозамбик е претставен „автомат калашникова“ АК-47 со бајонет.

Голем број на Африканци, Азијати и Латиноамериканци студирале на Универзитетот „Патрис Лумумба“ во Москва, именуван според познатиот конгоански револуционер, од каде се враќале во своите земји како инжињери, доктори или агенти на советската тајна служба КГБ. Објективно, во земјите во развој комунизмот одиграл еманципаторска улога. Во помошта на антиколонијалните движења биле вклучени и Куба, Чехословачката Социјалистичка Република, Германската Демократска Република, Народна Република Бугарија, Социјалистичка Република Романија, неврзаната СФР Југославија, Великата Народна Социјалистичка Либиска Арапска Џамахирија, Народна Демократска Република Алжир и други земји во кои народот бил на власт. Комунистичкиот интернационализам цветал. И НР Кина го помагала анти-колонијализмот. Но, по идеолошките разидувања и судири со Москва, Кинезите се концентрирале на помагање на антиколонијални движења со маоистичка, про-кинеска и анти-советска ориентација.

Ослободителното комунистичко движење ПАИГК во Гвинеја-Бисао.

Од друга страна, Западот ги толерирал или отворено ги помагал фашизоидните режими во Шпанија, Грција, Турција, Чиле, Заир и други земји, со цел да спречи ширење на комунизмот. Така било и со Португалија. Но, кога станало јасно дека распадот на колонијалните империи е неизбежен, САД решиле да спонзорираат некои анти-колонијални движења со прозападна ориентација, како противтежа на комунистичките. Во африканските војни, поддршка на Португалија ѝ пружала и Јужноафриканската Република (во која тогаш владеел расистичкиот режим – апартхејдот), како и Израел (кој самиот ги тероризирал окупираните Палестинци). Во дадениот контекст, Западот имал реакционерна улога, а комунизмот прогресивна (за разлика од Источна Европа, каде тој бил репресивен).

016_portugalija_karanfilska_revolucija_vbb

Ослободителното комунистичко движење МПЛА во Ангола.

Затоа, многу португалски офицери ги прифатиле левичарските идеи. Тие го создале тајното Движење на вооружените сили (Movimento das Forças Armadas) и започнале со подготовка на револуција во својата земја. Во 1968 год., Салазар доживеал излив на крв во мозокот и повеќе не можел да ја извршува функцијата премиер и тој починал две години подоцна. На негово место стапил нов и нешто помек диктатор, Марселу Каетано. За ова на Салазар не му било соопштено и тој починал со убедување дека сè уште е премиер. Каетано се обидел да спречи избувнување на револуција со некаква еволуција, односно со бавни реформи, но не бил премногу успешен и се соочувал со противење од поконзервативните сили. А и самите граѓани веќе немале трпение да чекаат „подобро утре“.

023_portugalija_karanfilska_revolucija_vbb

Мотото „Сложниот народ е непобедлив“ од познатата чилеанска револуционерна песна (превод на португалски).

Радикални промени започнале и во Римокатоличката црква, под влијание на т.н. ослободителна теологија (види статија: „Духовници бунтовници“). Во 1973 год., прогресивниот свештеник и мисионер во Мозамбик, Адријан Хејстингс, јавил за наводен португалски масакр на 400 Африканци во селото Виријаму, што довело до голема осуда во меѓународната јавност.

Во раната 1974 год. пак, екс-гувернерот и командантот на португалските сили во Гвинеја-Бисао, Антонио Де Спинола, познат по својот коректен однос кон тамошното население, ја објавил книгата „Португалија и иднината“, во која ги критикувал нејзините колонијални војни. Книгата била забранета во Португалија, но сепак, многумина некако стигнале до неа. Незадоволство и желба за промени имало и во соседна Шпанија, тогаш под власта на Франко, како и во Грција, во која тогаш владеела воена хунта. Атмосферата почнала да зоврива и наскоро дошло до кулминација – Каранфилската револуција. За само еден ден бил урната диктатурата, која им го загорчувала животот на Португалците во тек на неколку децении! Диктаторот Каетано поднел оставка и заминал во егзил во Бразил, каде што починал 6 години подоцна.

017_portugalija_karanfilska_revolucija_vbb

Граѓаните и армијата се радуваат.

020_portugalija_karanfilska_revolucija_vbb

Заробување на осомничен агент на режимската тајна служба ПИДЕ.

021_portugalija_karanfilska_revolucija_vbb

Разјарената толпа сака да им пресуди на режимските слуги.

По успешно изведената револуција, во Португалија била воспоставена Хунта за национален спас (Junta de Salvação Nacional) и следел турбулентен транзиционен период, наречен Револуционерен процес во движење (Processo Revolucionário Em Curso). Меѓутоа, во самото револуцинерно движење дошло до идеолошки разидувања и судири.

Колонијалната политика била напуштена, а на португалските колонии во Африка и Азија им било дозволено самоопределување. Во земјата пристигнале и околу милион Португалци – бегалци од некогашните колонии (т.н. returnados), што претставувало огромен товар. Некои од нив, особено воените лица, биле разочарани од губењето на колониите и тие почнале да вршат терористички напади против новата португалска власт.

008_portugalija_karanfilska_revolucija_vbb

Левичарството веќе почнало да се институционализира во португалскиот систем. Новата власт започнала со национализација и аграрни реформи, а во уставот биле внесени и термините „социјализам“ и „бескласно општество“. На 23-ти октомври 1975 год., Португалија дури го одликувала претседателот на нашата некогашна држава, неврзаната СФР Југославија, другарот Тито, со орденот Сантјаго Да Еспада.

Но, на првите демократски избори во Португалија по падот на Естадо Ново, најголем успех имале умерените социјалисти и социјалдемократите, а не комунистите. Навистина, левицата во дадениот момент била мошне популарна, но тамошното општество си е малку конзервативно и религиозно и приватната сопственост нему му е важна, па Комунистичката Партија не доживеала толку голем успех, како што стравувале западните посматрачи. Таа, како и повеќето компартии во светот, била во тесни врски со Москва. Во Португалија функционирала и маоистичката и про-кинеската Работничка Комунистичка Партија, но таа не била толку силна. Некои португалски политичари посакувале воспоставување на апла комунистички систем, па било тоа милум или силум.

024_portugalija_karanfilska_revolucija_vbb

Португалски војници читаат новости од Хунтата за национален спас.

Заплашен од можноста Португалија да потпадне во советската сфера на влијание, контроверзниот американски секретар Хенри Кисинџер стапил во контакт со португалскиот премиер Мариу Соареш од Социјалистичката Партија, која ја сметал за помало зло. Кисинџер го предупредил Соареш дека тој би можел да заврши лошо, како некаков „португалски Керенски“. Александар Керенски, да објаснам, бил умерен социјалист и премиер на Русија по анти-царистичката Февруарска револуција во 1917 год., кого болшевиците на Ленин го собориле од власт со Октомвриската револуција од истата година. Кисинџер стравувал дека истото може да се случи и во Португалија. На тоа, Соареш одговорил: „Немаме желба да станеме комунистичка земја“, на што Кисинџер иронично додал: „Ниту Керенски не сакал“.

И навистина, во ноември 1975 год., радикалните комунистички елементи во армијата се обиделе да извршат пуч (според нивно гледање, револуција), но тоа било осуетено од демократите, социјалистите и социјалдемократите. Со тоа, процесот на демократизација на Португалија можел нормално и непречено да продолжи, но според сфаќањата на комунистите, со ова победила „буржоарската контрареволуција“.

025_portugalija_karanfilska_revolucija_vbb

Кисинџер сега можел да здивне, а Соареш не завршил како Керенски и успешно ја продолжил својата политичка кариера. Некои шпекулираат дека во оваа работа биле вмешани американските служби, кои, наводно, финансиски ја помагале умерената левица во Португалија, но како и да е, таа не станала комунистичка држава. Да се случело тоа, десничарскиот тоталитаризам на Естадо Ново ќе бил заменет со комунистичкиот и Португалија денес можеби би изгледала како Куба. Или можеби би била заостаната пост-комунистичка земја како што се некои во Источна Европа.

Слично нешто се случило и во Грција, каде, по паѓањето на воената хунта, се очекувало засилување на комунизмот, но всушност, на власт дошла умерената десна партија Нова Демократија. Истотот важи и за Шпанија, каде, по смртта на Франко, кралот Хуан Карлос поддржал спроведување на демократизација, а на изборите победил умерениот социјал-либерал Адолфо Суарез.

Од Каранфилската Револуција се изминати 42 години. Португалија оттогаш опстојува како нормална и демократска држава. Што е за право, нејзината економија е полоша од онаа во другите членки на ЕУ какви што се Франција, Германија или Шведска, но сепак, земјата е дел од развиениот и слободен свет. Екстремната десница и левица во Португалија се фрлени на маргините. Како во повеќето нормални земји, во неа се развил бипартиски систем. Во него доминираат партии, кои се умерено лево или десно од центарот. Најсилни се Социјалистичката и Социјалдемократската партија, а потоа следат Народната Партија (демохристијанска и конзервативна) и Левиот блок (модерна либертаријанска левица, критички настроена кон капитализмот, со еколошки и про-ЛГБТ ставови).

mario soares

Првиот демократски избран премиер на Португалија по падот на диктатурата, социјалистот Мариу Соареш.

Како друг пример за прогресивна улога на армијата би ја навел Романската револуција од декември 1989 год. Тогаш, романската армија им се приклучила на демонстрантите во борбата против тамошниот тоталитарен комунистички режим на Николае Чаушеску. Подробно околу тоа можете да прочитате во статијата „Падот на Николае Антиквизаторот“.

Обратно од тоа, како пример за негативна и реакционерна улога на армијата во општествено-политичкиот живот би го навел воениот пуч во Грција од април 1967 год. и воспоставувањето на тамошната десничарска воена хунта, спонзорирана од САД, која паднала 7 години подоцна. Околу тоа можете да читате во статијата „Z ама не е Zorro“. Истите тие реакционерни сили се обиделе да извршат пуч и во Кипар, околу што истотака имам напишано статија. Брутални воени диктатури имало и во Јужна Кореја, за што пишував во статијата за струшкиот лауреат Ко Ун.

За крај, интересно е да спомнеме дека низ светот се случиле и други револуции со „цветни“ и „растителни“ називи, како например: т.н. Револуција на Розите во Грузија во 2003 год., Револуцијата на Лалињата во Киргизстан во 2005 год., Кедар Револуцијата во Либан во истата година, Лотусовата револуција во Египет во 2011 год. и др., но тие немаат поврзаност со португалската Каранфилска Револуција.

029_portugalija_karanfilska_revolucija_vbb

Графити во Лисабон, по повод 40-годишнината од револуцијата.