Клик на наслов на видео клипот за преглед

Се’ што денес се случува во Украина, јас веќе детално го разглабав (да не бидам суетен па да речам, го предвидов) уште пред две години во својот есеј под наслов Украинска страва. Текстот, кој е малтене една докторска дисертација, за жал, помина незабележано (луѓето не ме слушаат, зато смо довде и догурали). Добро сега, морам да признам дека се работи за тешко сварливо штиво, што се должи на сложеноста на украинската историја (и сегашност). Јеби га, не е забавно како напр. Бетмен Велит или сл.

Ги имам патувано и истражувано и Украина и Русијa, за што веќе читате во патеписите на овој сајт и подеднакво ми се драги и Украинците и Русите. Поради тоа, ставен сум во непријатна позиција да заземам страни. Ова не е филм, каде што има „гуд гајз“ и „бед гајз“. И обете страни имаат некои свои аргументи, но и скелети во шкафот.

Кај украинската борба за самобитност има еден зезнат момент, дека границата помеѓу патриотизмот и шовинизмот е доста т’нка. Од друга страна е опасниот руски апсолутизам и империјализам. Тоа што тој нас не не’ тангира, не значи дека не е опасен.

Не спорам дека и американскиот империјализам е опасен. Дали говориме за Американците во Виетнам во 1968 год. или за советските тенкови во Чехословачка во истата година, сеедно. Тука јас малку ќе ја прокоментирам ситуацијата у фазон на еден „неврзан“ набљудувач (да се каже на шега, во духот на неврзаната СФРЈ).

Околку видео клиповите

Решив да ја започнам оваа статија со илустрација на двете политички опции, кои сега се судираат во Украина. Првата е онаа, националистичката, која се залага за независност на Украинците од нивниот поголем (и како што велат, пијан) брат, Русинот, кого со потсмев го нарекуваат „Москал“. Од него тие доста пропатиле, како во Руската Империја, така и во СССР. „Москалот“ пак, нив со презир ги нарекува „Хохли“, што доаѓа од „хохол“, козачки перчин, каков што носел Тарас Буљба. Украинците се „козацького роду“, како што вели нивната химна.

Првиот клип

Првиот клип, говори за Украинската Востаничка Армија (УПА) од Втората Светска Војна. Под црвено-црно знаме и паролата „Воля або смерть“ (Слобода или смрт), УПА водела борба против Германија, СССР и Полјаците, при што успеала да ја создаде Колкивската Република (април – ноември 1943 год.), на територија од 2000km. квадратни. УПА била создадена од Организацијата на Украинските Националисти на чело со Степан Бандера (1909-1959). Пред војната, ОУН вршела терористички акции против СССР и Полска.

Во 1941 год., таа се обидела да прогласи Независна Украина со помош на германскиот окупатор, но нему му било потребно украинското жито и „животниот простор“ (Lebensraum) и не бил заинтересиран да поддржи некаква држава, дотолку повеќе, словенска. Нацистите уапсиле или стрелале повеќе припадници на ОУН, поради што таа решила да востане против нив. За таа цел, била формирана УПА.

Во својата борба, ОУН и УПА не добивале никаква странска помош. Во 1944 год., тие успеале да го формираат Украинскиот Главен Ослободителен Совет (нешто како АСНОМ кај нас, со таа разлика, што ОУН и УПА биле изразито антикомунистички). По војната, УПА водела борба на Карпатите против СССР и Полска, се’ до 50-тите години на минатиот век, кога повеќето нејзини припадници биле убиени, затворени или завршиле во егзил.

Во Западна Украина, ова движење е сметано за ослободително, додека про-руските Источни Украинци, Русите и Полјаците го отфрлаат како шовинистичко. Му се припишува и етничко чистење, а нејасен е и неговиот однос кон Евреите. Накусо, се работи за контроверзно движење. Сепак, УПА е битен дел од украинската историја. Со нејзино запознавање, подобро ќе се сфатат и актуелните настани.

Вториот клип

Вториот клип ни ја прикажа руската гледна точка. Гледаме прилично јаден обид за „рокерска“ ангажирана песна. Чичкото, кој ја изведува е рускиот пратеник Андреј Иванцов од „Либерално-Демократската Партија“. Нека не ве залажува нејзиниот милозвучен назив, кој асоцира на нашиот Жерновски. Тука се работи за радикалната националистичка партија на Жириновски, кој деновиве изјави дека „Мајданот смрди на гомна“. Простете за речникот, ама тој е одамна познат по своите примитивни испади. Во спотот, Иванцов „добронамерно“ им порачува на Украинците да „не се продаваат за долари“ и ги предупредува дека „една искра може да предизвика пожар“.

Јас сфаќам дека Русите не се рамнодушни кон настаните во Украина. Со неа тие имале заедничка историја, во неа има 8 милионско руско малцинство, како и голем број на рускојазични и про-руски Украинци, кои се производ на русификацијата во Царска Русија и СССР. Тука да се разбереме дека „рускојазичен“ не значи по автоматизам и „про-руски“ настроен. Тоа во Украина варира од човек до човек. Запознаен сум и дека полуостровот Крим, на контроверзен начин и’ бил одземен на Русија и доделен на Украина во 1954 год.

Но било што било во историјата. Со Будимпештанскиот меморандум од 5 декември 1994 год., Русија се обврза дека ќе го почитува украинскиот територијален суверенитет и интегритет. Со актуелната воена интервенција на Крим, Русија го прекрши тој договор.

Сега, таа може да се оправда со аргументот „Ако може Косово, тогаш може и Крим“, што ќе признаете, држи. Ако можат САД да си ги спроведуваат своите интереси, зошто Русија да не смее? Заради историските и географските причини, Русија има дури и повеќе право да интервенира во Крим, отколку Американците во Косово.

Сепак, овој нејзин чекор е кршење на меѓународното право и напад врз братската Украина. Тоа е акт на окупација и мешање во нејзините внатрешни работи. Целта е јасна: казнување на Украинците, затоа што се „дрзнале“ да си ги уредат работите во својата сопствена држава и диктирање на нивната политика однадвор.

Замислете си Украинците да им диктираат на Русите каков претседател тие треба да имаат и во какви сојузи смеат да влегуваат или пак, да им влезат во Чеченија и да ја одделат од Русија.

Сувенир купен на Киевскиот Мајдан, 2005, кога беше свежа Портокаловата револуција. „Хохол“ тука немав, но барем имав „реп“.

Поларизацијата во нашето општество

Конфликтот предизвика поларизација и во нашата јавност. Про-украинските ставови се присутни кај нашите про-европски аналитичари, додека про-руските ставови кај нашите, условно речено, конзервативци / националисти. Читајќи ги анализите за состојбата во Украина, забележувам непознавање на таа земја и кај едните и кај другите.

Про-европскиот табор

Некои про-европски аналитичари сметаа дека Евромајданот е борба за Евроатлантските интеграции, други пак, поведени од некаков младешки идеализам, се надеваа дека тој ќе има карактер на борба за социјална правда, човекови права, lgbt rights, animal rights и све више. Без намера да ги навредам, јас уште тогаш им укажував дека ја промашиле темата. Настаниве во Украина, имаат јасен карактер на националистичка револуција (некои би ја оцениле како патриотска, зависно на која страна од барикадите се наоѓаат).

Јас сфаќам дека опозицијата таму беше хетерогена и дека во неа имаше луѓе од разни „бои“: либерали, демохристијани, националисти, можеби и левичари, па и неопределени граѓани, кои не беа задоволни од Јанукович и од неговото неисполнување на ветувањата за европските интеграции. Сепак, сцените кои 24 часа се пренесуваа од бината на Мајданот преку онлајн стриминг, покажуваа:

- Говори со националистичка содржина (или патриотска, зависно кој како гледа);
- Мавтање на црно-црвените знамиња на УПА и носење на портретите на Бандера;
- Изведба на националната химна, како и на патриотски (или националистички) песни;
- Свештенослужење на верски заедници, кои се анти-руски настроени и кои биле репресирани во Руската Империја и СССР (канонски непризнатата Украинска Автокефална Православна Црква и унијатската Грко-Католичка Црква).

Затоа почитувани аналитичари, ако нешто не сте сконтале у целата ситуација, сте требале да ме викнете, па ќе седневме пред монитор уз кафе / чај и ќе анализиравме: какво е ова знаме, какви се овие симболи, што се вели во говорот, што се пее во песната итн., наместо да создавате заклучоци врз основа на тоа што вие сте сакале да видите таму.

Дополнително, новата украинска власт се обиде да го укине законот за употребата на малцинските јазици на регионално ниво, донесен во времето на Јанукович. Националистите го одобруваат овој чекор, затоа што украинскиот според нив треба да е единствен официјален јазик во целата држава на сите нивоа. Тие се загрижени од доминацијата на рускиот јазик и про-руските чувства во одредени делови на Украина.

Од друга страна, ова предизвика загриженост кај нејзините малцинства, како и реакции од повеќе соседни земји. Овој не баш „европски“ и демократски чекор на новите власти е потврда повеќе за моите тврдења дека Евромајданот имаше изразито националистички карактер.

Пан-словенски антиквизатори

Сега пак, ќе им се навртам и на нашите конзервативци и националисти. Нивните симпатии кон Русија се должат на разочараноста од Западот, а не на вистински симпатии спрема таа земја. Да потсетам дека тие до неодамна се крстеа во Џорџ Буш и дури бараа преименување на скопската ул. Водњанска во негова чест, заради „неговата поддршка за нашата земја на Самитот на НАТО во Букурешт во 2008 год.“.

Еден од тие антиквизатори, објави роман во кој „Егејска Македонија е ослободена од страна на американските војски“, кои „шетаат по улиците на Лерин“. За да го прочитате тоа ремек дело кликнете тука. Книгата се прослави не по својата литературна вредност, туку по паниката што ја предизвика читањето на нејзини извадоци во една ТВ емисија, што беше слично на случајот со Орсон Велс и Марсовците.

Тие антиквизатори до неодамна со гадење плукаа на сопствениот словенски идентитет, нарекувајќи го „цефкарски“ (заради сламките со кои Славјаните наводно го препливале Дунав), а сега одеднаш со симпатии гледаат кон центарот на пан-славизмот, Мајка Русија. Значи, кај нив јасна идеологија нема, туку таа се менува од ден за ден. Денес е НАТО, утре е Русија, задутре нешто трето. Или денес сме антички, утре Словени, задутре Марсовци. Признавам дека и јас сум лутал со ставовите, но никогаш не сум бил креатор на нашата државна политика.

Тие антиквизатори негуваат и фасцинација од автократското владеење на Путин, кое посакуваат вештачки да го ископираат и кај нас. Русија треба да се почитува, но таа си е друг свет и си има долговековни апсолутистички и империјалистички традиции (Иван Грозни, Петар Велики, Стаљин, Путин), кои кај нас ги нема. Барокот и триумфалните капии во Петербург се автентични, не к’о вашиот „Шутекс барок“. Околу тоа говорев во текстот тука.

Нашите националисти ронат крокодилски солзи за тоа што Јанукович беше соборен од „злобните соросоиди“, а притоа не сфаќаат дека се работи за руски вазал, кој едвај го владее официјалниот јазик на државата со која тој раководеше – украинскиот. Таквите како него Украина ја гледаат само како една „руска бановина“.

Јанукович, чисто информативно, има мешано етничко потекло. Тој има полски корени по татко и руски по мајка и е рускојазичен. Сето тоа и не е важно, туку важно е тоа што тој беше претседател на Украина и како таков, тој мораше да ја почитува неа, нејзините интереси, јазик, култура, историја и суверенитет. Тој тоа не го правеше, туку ги спроведуваше руските интереси. Сега, тој е во егзил во Русија, која изврши агресија врз неговата земја.

Таков вазалски менталитет и срамење од својата сопствена држава и нација, е типичен за просторите од кои потекнува Јанукович, а тоа е рударската област Донбас во Источна Украина. Во тој дел од Украина, украински не говори никој и сите говорат на руски. „Цеца брате, разумеш“. Однесувањето на нашиве „националисти“ во однос на Јанукович, му доаѓа како „Ванчо Михајлов да плаче по крал Александар Караѓорѓевиќ“ (паралелава не е најпрецизна, но некако така испаѓа).

Ситуацијата е уште полоша во Беларус (треба „Бела Рус“ или „Бела Рутенија“, а не „Белорусија“). Таа е една национално обезличена вазална држава, во која речиси никој не го владее беларускиот јазик, па дури ни дикаторот Лукашенко. Беларускиот јазик и патриотизам таму се потиснувани во корист на рускиот, а државата е сведена на заштитен „бафер“ помеѓу Русија и Западот. Таква улога, Русија посакува да и’ наметне и на Украина.

Мое фото од Плоштадот на Независноста во Киев (Мајданот).

Украина во Европа или во Евроазија?

Нашите антиквизатори некритички го голтаат руското гледање на работите, според кое, Украинците се полуидиоти без никаков идентитет, култура, јазик, историја и визија за иднината, некакви „Руси са говорната маната“, една безлична маса, која нема никаков став и која може да се купи за „шаку долара“ од страна на Блудницата Вавилонска – Европа.

Притоа, се премолчува долгогодишната борба за украинска самобитност и фактот, дека прашањето „Украина во Европа ДА или НЕ“ е поставено уште пред 150 години, далеку пред постоењето на ЕУ. Со европската дилема се занимавале украинските преродбеници уште во XIX век. И Украинците си имале некои свои Миладиновци, Прличевци и Мисирковци, кои си го поставувале прашањето „Шчо напрајвме и шчо требит да се прајт за понапред“.

Во XIX век, Украина била поделена помеѓу Царска Русија и Австро-Унгарија. И во обете империи почнала да се развива украинската национална преродба. Во Русија владеел некаков полу-феудализам и апсолутизам, под кој, украинскиот идентитет бил репресиран.

Во Австро-Унгарија пак, веќе имало развиен капитализам и повеќепартиски систем, во чии рамки функционирале и национални партии: австриски, унгарски, чешки, словачки, полски, хрватски, српски, па и украински. Западните Украинци биле под влијание на европската просветеност, што е евидентно и ден денес.

Некои украински интелектуалци биле за блискост со Русија, други за Полјаците, трети за самобитност итн. Среде разните мислители, се јавиле и такви, кои ја отфрлале Русија како „назадна азијатска деспотија“, наспроти „чистите Словени, Украинците“, кои се „природно склони кон демократија“ и чие „вистинско место е во Европа“.

Тие размислувања биле обременети со национал-романтизам (земајќи в предвид кога се појавиле), но од нив јасно се гледа дека европската дилема не ја измислија ни Обама, ни Меркел, ни Баросо, ни Сорос, туку таа си влече корен со години наназад.

Склоност кон демократија

Тврдењата за „склоноста кон демократија“ на Украинците имаат некаква историска основа. Во XVI век, на бреговите на Дњепар се формирала рудиментарна „држава“ на украинските козаци, за кои пишував во патеписот од Запорожје. Во XVII век, од неа се создала и асли држава, Хетманатот.

Козачкиот хетман Бајда (1516-1563), кого го сликав во музејот во Запорожје.

Козаците си создале некакво „демократско“ уредување. Водачите (хетманите), тие си ги бирале сами и не се покорувале на соседните руски, полско-литвански, кримско-татарски или османлиски владетели, со кои се судирале или по потреба, соработувале. Во XVII век, хетманот Хмељницки кренал востание против полските поробувачи, по што го формирал Хетманатот. Тој функционирал од 1649 до 1764 год., при што се постигнале успеси на планот на науката, уметноста итн. Тогаш се родил и украинскиот или козачки барок (автентичен правец во уметноста, не к’о нашиов „барок“).

Поради штетниот Перејаславски договор со Русите (1654), Хетманатот станал нивен вазал, а потоа бил припоен кон Русија. Таа им го наметнала на козаците својот апсолутизам, што кај нив предизвикало отпор. За помош, тие се свртеле кон Западот. Кога во XVIII век, Русија била нападната од Швеѓаните, хетманот Иван Мазепа се здружил со нив во неуспешен обид да ја ослободи Украина, заради што „заработил“ анатема од Руската Црква. Неговиот наследник, хетманот Пилип Орлик, во 1710 год. го донел Уставот за Правата и Слободите на Запорошките Козаци, кој се смета за еден од првите во современа Европа. Уставот бил патриотски и прилично демократски.

Тој предвидувал: независност од Русија и православна црква, независна од руската; поделба на власта на законодавна, извршна и судска; ограничување на власта на хетманот од избрано козачко собрание; намалени даноци за селаните и сиромашните итн. Тој повикувал на соработка со Швеѓаните, Кримските-Татари и други сојузници заради одбрана од Русија, која била наведена како непријател.

Запорошците биле покорени од Руската Империја. Голем дел од нив бил преселен крај реката Кубањ во Русија, заради заштита на нејзините граници. Нивни наследници се Кубањските козаци во денешниот Краснодарски крај на Русија. Неодамна, во олимпискиот Сочи, група Кубањски козаци со камшици ја нападна групата Pussy Riot. Ете како од слободарски воини, Запорошците биле претворени во слуги на руските владетели. Тие биле, на некој начин, “Pussy Riot” на своето време.

Некои од сево ова заклучуваат дека Русинот е склон кон апсолутизам, империјализам, колективизам, милитаризам, наука, индустрија итн., додека Украинецот е главно рурален, едноставен и склон кон индивидуализам, слобода и демократија.

За разлика од Русинот, тој нема амбиции да владее со светот, уште помалку со космосот, туку си гледа за себе: хатата (колибата), пшеничката и прасињата. Чужого не хочу, а свого не віддам (превод да не ви треба бе антички?)

Брат за брат, сирење за пари

И Русите и Украинците се Словени. И кај едните и другите во даден период бил актуелен пан-славизмот. Меѓутоа, за едни словенски народи, тој се покажал како „мајка“, а за други како „маќеа“.

Поведена од пан-славизмот, Русија им помагала на Јужните Словени и за нив формирала и колонии во Украина – Славјаносрбија и Нова Србија.

Таа помогнала во ослободувањето на Србија, Црна Гора и Бугарија. Конкретно на нашите простори, Русија се залагала за Сан Стефанска Бугарија (1878), во која би се обединиле Бугарите од Мизија, Тракија, Добруџа и Македонија (← тоа сме биле ние).

Идејата завршила неуспешно заради противењето на Западот. Разочаран од тоа, нашиот познат револуционер Иван Хаџи Николов „плачел како дете“ – како што самиот изјавил. Затоа, тој подоцна ја формирал ТМОРО. Оттука гледаме дека Русија се обидувала да ги помогне своите браќа, но во тоа не секогаш успевала.

Од друга страна, Русија била „маќеа“ за оние Словени, кои живееле под нејзината чизма како Полјаците, Белорусите и Украинците, чии права биле потиснувани. Затоа, кај овие народи пан-словенскиот ентузијазам спласнал.

Во XIX век, повеќе украински интелектуалци го создале братството „Св. Кирил и Методиј“, кое се залагало за рамноправен сојуз на словенските народи, во кој Украинците би ги оствариле своите права, кои биле репресирани во Руската Империја.

Братството било растурено од руските власти, а неговите членови завршиле в затвор. Дополнително, во 1876 год., во Руската Империја бил донесен Емскиот указ со кој се забраниле книгите и наставата на украински јазик (сметан од руските власти за „малоруски“ дијалект).

Царска Русија го сфаќала пан-славизмот не како рамноправно партнерство на словенските народи, туку инсистирала таа да доминира. Таа негативно гледала на нивното осамостојување, кое го сметала за расцепкување на Славјанството. Украинците имале проблеми и со своите западни соседи, Полјаците.

Пан-славизмот подоцна западнал во криза и кај Бугарите, кои се нашле на спротивна страна од Русија во Првата Светска Војна. Во неа, таа ги поддржувала Србите. Во таа војна, многу Западни Украинци се бореле против Русија во редовите на Австро-Унгарската армија (Українські cічові стрільці). Денес, многумина во Украина нив ги сметаат за херои.

Значи, да, сите ние сме браќа Славјани, ама брат за брат, сирење за пари. Секој словенски народ си имал свои интереси.

Украинците сонувале за држава независна од Руската Империја. Сонот бил остварен по распадот на Империјата во 1917 год. Меѓутоа, независната украинска држава набргу била задушена во крв и инкорпорирана во СССР.

Обласната администрација во Харков, која беше заземена од про-руските антимајдановци.

Back in the USSR

Интересно е тоа што нашите антиквизатори плукаат на комунизмот и градат музеи на неговите жртви, а не сфаќаат дека ним омилената Руска Федерација е официјален и горд наследник на комунистичката империја, СССР. Неговиот распад Путин со жалење го оценува како: „Огромна геополитичка катастрофа“. Тој своевремено бил агент на КГБ во Германската Демократска Република, каде демократијата „просто цветала“ од источната страна на Берлинскиот Ѕид. Тој тип на социјализам бил 458 пути поригиден од нашиот.

Путин со гордост говори за успесите на СССР и ги релативизира неговите злосторства и оди дури и на омекнување на ставот кон Сталин, кој според анкетите, сега е една од најпопуларните историски личности во Русија.

Русите се чувари на советската традиција и се длабоко навредени што украинските демонстранти ги уриваат статуите на Ленин. Иако тој дозволил извесни национални права на Украинците (т.н. коренизација), сепак, во свеста на многу од нив, тој останува поробувач.

Имено, во 1917 год., Украинците на чело со национално-ориентираниот социјалист, Симон Петљура (1879-1926), се ослободиле од Руската Империја и создале независна држава, која бољшевиците на Ленин набргу ја задушиле. Украина била насилно набутана во СССР, каде доста пострадала. Истата судбина им се случила и на: Белорусите, Грузинците, Ерменците, Азербејџанците и др. Сите тие формирале независни држави, кои доста бргу биле освоени од страна на Ленин.

Подоцна, во времето на Сталин, истото ги стигнало и Литванците, Латвијците, Естонците и Молдавците, како и Западните Украинци и Белоруси (кои дотогаш биле дел од Полска). Сите наведени народи биле насилно вклучени во СССР со Пактот помеѓу Хитлер и Сталин во 1939 год. Истото требало да и’ се случи и на Финска.

Значи, без разлика дали говориме за „белата“ Царска Русија или пак за „црвениот“ СССР, во обата случаи говориме за империи, кои најбезобзирно ги голтале своите соседи, во таа смисла и Украина.

Русите подеднакво ги почитуваат и обете. Сеедно е дали на власт е цар или генсек (генерален секретар на КПСС). Важно е да има јак император и „да су сви Руси у једној држави“. Затоа, не чуди што поддршка за про-руските сепаратисти на Крим сега пружаат најразлични опции: и монархисти и комунисти. Еве дури се појавија и српски четници.

Да бидеме малку и објективни спрема СССР. Во него имало и понекои позитивни страни. Во негови рамки Украинците имале одредени национални права и ќариле огромни територии, но истовремено, тие доста пострадале. Нивната борба за самобитност против СССР, Москва ја отфрла како „фашистичка“.

Reductio ad Hitlerum

Идеалите за национална самобитност им се (наводно) „свети“ на нашите националисти, но тие покажуваат тотално непознавање на долгогодишната украинска борба за независност, која во некои аспекти, заличува и на нашата (иако не би рекол дека тие се потполно исти).

Таа борба не би смеело да се занемари и да се отфрла со она веќе отрцана финта Reductio ad Hitlerum, со која спротивната страна се обвинува за „фашизам“, со што се замолкнува секаква понатамошна дискусија. За жал, среде Украинците навистина имало и такви, кои негувале фашистички ставови и кои дури влегле во отворена колаборација со Хитлер, што не е за оправдување. Меѓутоа, си има тоа свое „зошто“ и свое „затоа“.

Ако веќе вадиме „прљав веш“, колаборационисти имало и меѓу Русите, например генералот Андреј Власов (1901-1946). Интересно, никој тоа не го спомнува. Истотака, Украинците се обвинуваат за антисемитизам. За жал, неспорно е дека тој бил присутен во Украина, но него и тоа како го има и во Русија, Полска и други земји, каде низ историјата се случувале жестоки погроми над еврејското население. И тоа далеку пред појавата на нацизмот.

Континуитет на украинската борба за самобитност

Погоре веќе ви ја раскажав речиси целата историја на украинската борба за независност, но сепак, тука ќе повторам некои битни моменти, со цел да го видиме нејзиниот континуитет:

  • Русите се повикуваат на средновековната држава Киевска Рус, за да ги оправдаат своите претензии кон Украина. Меѓутоа, Украинците имаат свои контрааргументи. Тие велат дека Киевска Рус не е исто што и оваа денешна Русија. Киевска Рус била првата држава на сите Источни Словени. Подоцна, таа била разбиена и со текот на вековите, од неа се вообличиле три нации: Украина, Русија и Беларус. Оние кои не се слеале во тие нации се денешните Русини. Значи, Русија не е единствена наследничка на Киевска Рус. Да го тврдиш тоа е исто како само Словенците да се наследници на Старите Словени. За таа сложена тема читајте со клик тука.
  • Во периодот од XVI-XVIII век, на бреговите на Дњепар опстојувало независното и демократично општество на украинските козаци, Запорізька Січ.
  • Во XVII век, козачкиот лидер Хмељницки кренал востание против полските поробувачи, по што формирал држава (Хетманат). Поради штетниот договор со Русите од Перејаслав (1654), Хетманатот станал нивен вазал. По извесно време, тој бил припоен кон Русија.
  • Во почетокот на XVIII век, кога Шведска ја нападнала Русија, хетманот Иван Мазепа преминал од руска на шведска страна. Како казна, царот сурово се пресметал со козаците. Мазепа бил анатемисан од Руската Црква и тој фигурира како предавник во руската историографија. Во Украина се предлага негова рехабилитација.
  • Во XIX век, повеќе украински интелектуалци, меѓу кои и истакнатиот поет Тарас Шевченко го формирале братството „Св. Кирил и Методиј“, кое подоцна било растурено од руските власти.
  • Во 1876 год., во Руската Империја е донесен Емскиот указ со кој се забраниле книгите и наставата на украински јазик.
  • Во 1917 год., по распадот на Руската и Австро-Унгарската Империја, се формирале две украински држави: Украинската Народна Република и Западноукраинската Република. Тие се обединиле во една држава со т.н. Акт злуки во 1919 год. Набргу, таа била задушена од страна на Ленин. Нејзиниот источен дел бил вклучен во СССР, а западниот во Полска. Украинците биле брутално репресирани.
  • Во 1929 год., се формира Организацијата на Украинските Националисти.
  • Во 30-тите години на XX век, се случува Холодморот, глад настаната како последица на комунистичката колективизација, поради кој умреле милиони Украинци. Други пак биле затворени по сибирските гулази или убиени. Подоцна, масовните гробници биле откриени од германскиот окупатор, кој ги искористил во пропагандни цели, заради привлекување на Украинците за борба против СССР.
  • Во 1939 год. е склучен Пактот Молотов-Рибентроп помеѓу Нацистичка Германија и СССР. Со него Западна Украина и’ била одземена на Полска и била вклучена во СССР. Позитивно е што со овој договор, дошло до обединување на Западните и Источните Украинци. Меѓутоа, Западна Украина доста пострадала од советскиот терор, кој започнал да се спроведува на нејзината територија.

  • Во 1941 год. ОУН прогласила Независна Украина, надевајќи се на поддршка од германскиот окупатор. Многу Украинци се вклучиле во СС Дивизијата Галиција. Германците ја отфрлиле независноста, по што повеќе припадници на ОУН биле репресирани. Поради тоа, ОУН се свртела против нив.
  • Во 1942 год., била создадена УПА, која успешно војувала на три фронтови, против Германија, СССР и Полјаците. Борбата продолжила на Карпатите и по завршетокот на Втората Светска Војна.
  • Во ноември 1943 год., ОУН и УПА ја одржале Конференцијата На Поробените Народи На Источна Европа и Азија, на која, покрај делегати – Украинци, учество земале и Грузинци, Азербејџанци, Узбекистанци, Ерменци, Татари, Белоруси и др., повеќето дезертери од советската армија. Бил формиран меѓународен антикомунистички фронт, кој по војната продолжил да делува во егзил.
  • Во 1944 год., бил формиран Украинскиот Главен Ослободителен Совет, нешто како привремена влада или собрание.
  • Во 1945 год., Украина е ослободена од страна на советската армија. Успесите на таа армија пред се’ им се припишуваат на Русите, додека се занемарува фактот дека во неа имало припадници од сите народи на СССР, вклучително и илјадници Украинци.
  • Ослободувањето во 1945 год., за едни било „мајка“, а за други „маќеа“. Следувала жестока пацификација на Западна Украина од страна на советските власти, затоа што тамошното население ја поддржувало УПА.
  • Украинските националисти продолжиле со политичка активност во егзил, каде многумина паднале како жртви на атентати извршени од КГБ. Бандера е убиен во Минхен во 1959 год.
  • На 14 април 1960 год., се случила последната битка на УПА против советските власти.
  • Во 1986 год., се случила хаваријата во нуклеарната електрана Чернобил. Тоа придонело за уште поголема огорченост на Украинците од советските власти. Реформите за либерализација на Горбачов („Гласност“ и „Перестројка“) овозможиле развој на украинско опозициско движење.
  • На 21 јануари 1990 год., илјадници Украинци направиле жив синџир од Киев до Лавов во должина од околу 480 километри, по повод 71-вата годишнина од Денот на обединувањето на Украина (Акт злуки, 1919 год.).
  • Во 1990 год. се формирала националистичка организација, подоцна и партија, УНА-УНСО. Таа се залагала за Независна Украина и создала вооружени групи. Нејзини доброволци се бореле во Чеченија (против Русите), Грузија (против Абхазија), Трансистрија (против Молдавците), Косово (на српска страна) итн. Организацијата се смета за екстремистичка. На изборен план постигнувала слаби резултати.
  • Во август 1991 год., во Москва се случил комунистички воен удар, чија цел била спречување на распадот на СССР. Поради тоа, на 24 август, собранието во Киев прогласило независност на Украина. Решението било потврдено од страна на граѓаните на референдумот, одржан на 1-ви декември истата година, на кој, над 90% од нив се изјасниле „за“.
  • На 5 декември 1994 год., во Будимпешта е потпишан меморандум, со кој Украина се откажала од советското нуклеарно вооружување на нејзината територија и го предала на соседна Русија. Таа пак, се обврзала дека ќе го почитува територијалниот суверенитет и интегритет на Украина. Оваа обврска, Русија неодамна ја прекрши.
  • Во 2004 год., изборните махинации на претседателот Кучма доведоа до Портокаловата револуција. Како свој наследник, тој го поддржуваше про-рускиот кандидат Јанукович. Негов противкандидат беше Јушченко, кој важеше за украински патриот. Тогаш се случи аферата со неговото труење со диоксин, за кое беше осомничен заменик-началникот на државната безбедност, Володимир Сацјук. Тој денес се крие во Русија, која одбива да го испорача на Украинците. Труењето е веќе познат метод на руската тајна служба ФСБ. Позната жртва беше и одметнатиот агент Литвиненко.
  • По револуцијата, новиот претседател Јушченко се залагаше за рехабилитација на борците на УПА и нивно здобивање со статус на воени ветерани. Тој ги прогласи контроверзните историски личности Степан Бандера и Роман Шухевич за народни херои и се залагаше за преиспитување на историската улога на „предавникот“ Мазепа. Тој иницираше и изградба на споменици посветени на познати украински националисти или на жртвите на Холодоморот.
  • На 21 ноември 2013 год., започна Евромајданот.

Од сето горенаведено, гледаме една долговековна и континуирана борба за украинска самобитност. Таа борба едноставно не може да се занемари и да се сведува на тоа дека „Сорос подмитил двајца – без – тројца хулигани со сендвич и кока кола“. Во текот на таа борба имало и светли, но за жал и некои мрачни поглавја, како што е тоа случај и кај многу други народи.

Се разбира, да се тврди дека пред многу векови постоела „јасно изградена украинска национална свест“ би било глупост. До формирањето на современата украинска држава, луѓето на тие простори лутале помеѓу разните идентитети, што било нормална појава во развојот на речиси сите нации. „Украинец“ како национално име е од релативно понов датум.

Долго време, жителите на денешна Украина себеси се идентификувале како Рутени, односно Русини (според Рутенија) или како козаци или како припадници на етничките групи Хуцули, Лемки и Бојки или сл., во зависност од географските региони, во кои тие живееле. Некои пак, потпаѓале под асимилација на соседните Полјаци, Руси или други народи. Сепак, гледајќи ја историјата, која ја опишавме погоре, стремежот за независност и обединување на тој народ е евидентен, уште од козачките времиња, па се’ до ден денес.

Крим и руските двојни стандарди

Јас во никој случај не негирам дека полуостровот Крим некогаш припаѓал на Русија и дека таму доминира рускиот етнос, јазик и култура. Правата и автономијата на тамошното руско население треба да бидат заштитени. Почитувањето на националните и сите други права се сериозен тест за демократичноста на новите украински власти. Во тој поглед, работите не им одат баш најдобро. Националистичката еуфорија е евидентна.

Доколку на Крим навистина постои закана по правата и безбедноста на локалните Руси и доколку кај нив постои силна воља за одвојување од Украина, дури и за тоа би покажал разбирање. Меѓутоа, дали можат граѓаните на Крим сега слободно да излезат на референдумот за осамостојување, закажан за 16 март, кога се опколени од окупаторски војници, руски козачки добровољци, српски четници и други до-зуби-наоружани брадати сподоби?

Дали е тоа нормален амбиент за вистински демократски референдум? Што ќе прават сега Кримските Татари, етничките Украинци и другите граѓани, кои таму живеат? Русија тврди дека таму нема нејзини трупи, туку дека се работи за „спонтано востание на локалното население“. Затоа и руските војски, кои таму неодамна се појавија, на себе немаа никакви ознаки за идентификација.

И уште побитно прашање, кое би сакал да го поставам е зошто истите стандарди за самоопределување не ги примениме и врз Русија?

Зошто например таа не им дозволи осамостојување на: Чеченија, Дагестан, Ингушетија, Адигеја, Татарстан, Башкортостан, Јакутија, Бурјатија, Калмикија, Чувашија, Мордовија, Удмуртија итн.? Тие не биле отсекогаш руски земји, туку биле насила освоени и колонизирани.

Русија станала гигантска империја на три континенти, не затоа што била многу добродушна и затоа што наоколу делела чоколада и бомбони, туку затоа што освојувала. Сибир, Урал, Кавказ и Аљаска биле освоени од страна на Русите, слично како што белците во Америка освојувале индијански територии.

Ајде добро, тоа било пред сто-двесте-триста години. Еве некои примери од поновата историја: руската Карелија не така одамна припаѓала на Финска, ексклавата Калињинград бил германскиот Кенигсберг, Курилските острови биле јапонски, Тува била независна држава и да не редам. Сите тие територии, Русија ги заземала во Втората Светска Војна.

Во 2008 год., Русија водеше војна на страна на Јужна Осетија, на која и’ помогна да се осамостои од Грузија. Епа зошто Русија потоа не и’ дозволи на Северна Осетија (која е во нејзин состав) истотака да се осамостои и да се обедини со Јужна Осетија? Цврц Милојко. Двојни стандарди.

Русија сега кука како Крим и’ бил одземен во 1954 год., но тој не бил отсекогаш руски. Тој станал дел од Русија по победата над Кримско-Татарскиот Канат во XVIII век. Ако одиме уште поназад во историјата, Крим всушност бил старогрчки (Ταυρική), оттаму произлегуваат и топонимите: Севастополис, Симферополис, Јалта, Феодосија итн. Но да не цепидлачиме.

Откако биле поразени, Кримските Татари биле малтретирани под Руската Империја, по чиј распад во 1917 год., тие успеале да формираат краткотрајна држава – Кримската Народна Република, на чело со Номан Челебиџихан (1885-1918). Тоа била една од првите секуларни држави во Исламскиот свет (заедно со Азербејџан). Ататурковата Турција се формирала нешто подоцна.

Кримската република била набргу задушена од бољшевиците на Ленин, а Челебиџихан бил стрелан и фрлен в море. Кримските Татари биле напикани во СССР. На 18 мај 1944 год., Стаљин ги собрал у сточни вагони и насилно ги транспортирал у Сибир, Централна Азија и други вукојебини, каде умирале од глад, студ, болести и малтретирања. Кримските Татари сега ги поддржуваат новите власти во Киев и нормално, несакаат да чујат да бидат повторно во Русија.

Ако Русија ја обвинува Украина дека е „зандана на народите“, најпрвин нека се погледне самата себеси. Ако Украина има „за враќање“, тогаш Русија има стопати повеќе. Кога Русија би дозволила самоопределување на нејзините делови, како што тоа го бара од Украина, тогаш таа би била сведена на „Московски пашалук“.

Но добро, иронијата настрана. Русија, со сите свои маани и доблести, едноставно мора да опстане заради рамнотежа во светот. Нејзината улога е сега особено важна во Сирија, Иран и други места. Потребна е и заради рамнотежа на Косово. Се стравува дека Евромајданот е дел од едно пошироко сценарио за нејзино опколување. Нејзиниот евентуален распад би довел до глобален политички, економски и секаков крах: војни, разурнувања, беда, бегалци и етнички кланици, во споредба со кои, Сребреница и Вуковар би изгледале како пикник.

Да не говориме за вахабитите, кои би покренале „света војна“ во нејзините доминантно исламски делови, како и жестоката борба за заграбување на нејзините богати природни ресурси од страна на Западот. За нуклеарната опасност, поарно воопшто да не почнувам. Јас сум остро против тоа рускиот апсолутизам да се копира на нашите простори, но таму, тој си има длабоки корени и според многумина, можеби е нужно зло. Како инаку ќе се одржува интегритетот на една таква гигантска држава?

Се разбира, сигурно е дека западните тајни служби имаат вмешано прсти во целата работа. Би било крајно наивно тоа да се негира. Повеќе заинтересирани земји се лешинарат околу нередите во Украина и веќе го планираат следниот чекор кон Русија. Но дајте да не го оправдуваме падот на Јанукович со надворешни фактори како: Илуминати, Сороси, НЛО-а, Бермудски триаголници и останати теории на завери. Факт е дека типот беше идиот, легитимни причини за протести сигурно дека не недостасуваа.

Како што Русија има секакво право да си ги брани своите граници, така и Украинците имаат право да си го средуваат дворот онака, како што сметаат дека е потребно. Притоа, тие ќе направат и некои глупости (и веќе направија). Да се надеваме дека пост-револуционарната еуфорија и екстремистичките испади, кои се нејзин составен дел, со време ќе слегнат и дека поредокот ќе се врати во нормала. Инаку, Украинците ќе паднат на испитот на зрелоста.

Народот ја пее химната на Украина во киевското метро


Препорачувам да ја прочитате и следната статија, под наслов: Дали Украинците се Руси.