Генеричка марка – тоа е оној феномен кога марка на одреден вид на производ кај народните маси спонтано се претвара во општо име за сите такви производи. Би издвоил примери од нашето секојдневие.

Zdenka – Конкретна марка на пакувано топено сирење за мачкање, произведувано во Велики Зденци, Хрватска. Кај народот спонтано се врежала како општо име за сите меки пакувани сиренца. Честопати некој ќе каже „ај иди купи леп и зденка“ мислејќи општо на меко сиренце, без притоа да инсистира на конкретната марка. Овој се враќа глеаш му носи рецимо француски сиренца President, а овој не се буни, му донеле „зденки“. За него сите меки сиренца у триаголнест облик спакувани у тркалезна кутија се „зденки“.

Eurocrem – Конкретна марка на крем од чоколадо и лешник произведуван во Таково, Србија. Иако постојат уште милион домашни и странски марки на крем кој се мачка на леб, голем дел од народов сите нив ги вика „Еурокрем“, па дури и странската Nutella.

Smoki – Не сите флипс производи се Смоки, инаку бренд на компанијата Соко Штарк од Белград. Па како може името „Смоки“ да го употребуваме за Стоби Флипс на Витаминка од Прилеп?! Влагаш у радња викаш „дај ми две (ќесици) Смоки“, а он те прашуе „сакаш од Соко Штарк, од Витаминка или од Агроплод?“. Нонсенс. Смоки е само она од Соко Штарк. Многу ми беше смешно кога на радио еднаш слушнав рекламен слоган, кој гласеше „Стоби Флипс – наши смоки најдобри“.

Digitron – Конкретна марка на џебни калкулатори произведувана во Бује, Хрватска. Калкулаторот што го имаш и да е од марката Sony, ипак многу веројатно е дека го викаш „дигитрон“.

Sellotape – Конкретна британска марка на самолеплива лента и слични производи. Сепак останало сите самолепливи ленти без оглед на нивната марка да ги викаме селотејп.

Walkman – Не секое портабл касетофонче со слушалки е Вокмен, како што многумина мислат. Вокмен е назив за конкретен регистриран производ кој стриктно припаѓа на компанијата Sony. Да се пофалам коа бевме мали имавме она баш Walkman, Сониев, олд скул металик, тежок, асален. Го донесоа роднини од Австралија таму цирка 1982.

Discman – Не секој портабл CD плеер со слушалки е Дискмен. Дискмен е назив за конкретен регистриран производ кој стриктно припаѓа на компанијата Sony. Неможе рецимо портабл цеде плеер со слушалки од марката Панасоник да го наречеш Дискмен. Сепак се врежало кај народот, како и во претходните примери.

Jeep – Конкретна марка на теренско возило. Не сите такви возила се од марката Џип, инаку бренд на Chrysler а сепак така ги викаме. Немоеш ти теренско возило од марката Land Rover да го наречеш џип! Тоа ти е ко Тојота да наречеш Мерцедес.

Nescafé – Седнуеш у кафана и нарачуеш „Нескафе“, скратено „Нес“. Под тој термин ти погрешно мислиш на еден од начините за приготвување на инстант кафе (може да биде топло, ладно, со вода, со млеко, со мраз, шејкано, со шлаг итн.). А Нескафе не се однесува на рецепт за подготовка, туку на конкретен бренд на компанијата Nestle. И келнеров ти носи она шо ти носи, ти го пиеш и све као ОК. Од кај знаеш дека не ти донел рецимо Jacobs инстант кафе подготвено со млеко и пена и све тоа? Ти и покрај се’ таквата пијачка ја викаш Нескафе. Студената пијачка со млеко, пена и цефка направена со Јакобс кафе како може да ја викаш Нестле кафе?

Gillette – Конкретна марка за сечила за бричење. Народов сите такви ги нарекува „жилети“, иако може да се од друга марка.

Frigidaire – Кај ти се ладат пивата? У фрижидер? Епа фрижидер не е општ назив за ладилник, туку за конкретен бренд на ладилници, машини за перење, климатизери и други производи. Како можеш да каеш „стаив пива у фрижидер“ коа ладилникот ти е рецимо од марката Горење?? „Стаив пива да се ладат у Панасоник“?!

Magnetophon – Магнетофон не е општ назив за сите магнетни уреди за снимање кои користат ленти („ленташи“), туку е име на конкретен бренд на германската фирма AEG.

Jacuzzi – Конкретна марка на одреден тип на кади за во бања, а не општ назив за истите. За да биде збрката уште поголема, некои името на маркава кое се чита Џакузи, го мешаат со Јакузи- јапонски гангстери! Во една прилика во една ТВ емисија гостуваше една девојка, добар познавач на Јапонија, која студирала и долго време живеела таму. Ја прашаа што значи „Џакузи“ таа рече паа када со хидромасажа. Сеа од кај им се поврзало да ја прашат тоа, си помислив ваљда заради она „Јакуза“, а кадиве немаат благе везе со Јапонија пошо Браќата Џакузи биле италијански емигранти во САД :) Од друга страна пак, зашто па девојкава не го расчисти недоразбирањево ако толку добро ја познавала Јапонија па да каже што е што?! Некој бегал од часови?

Vaseline – не секое желе кое содржи петролеум е од марката Вазелин. Коа некој ќе ве зеза „утре да си донесете Вазелин“ прашајте на кој производ од таа марка мисли. Имено, марката Вазелин има и сосема безазлени производи (во смисла, кои не се користат како лубриканти) како креми за заштита од сонце, против сушење на раце и сл. Да каеш „купи си Вазелин“ е исто ко да каеш „купи си Нивеа“. Се работи за марка а не тип на производ.

Има уште многу примери, па списоков може и понатаму да се проширува.


Со статијава се направи една ненамерна реклама, поради природата на самата тема, која се обработува во неа. Доколку сакате да направите намерна реклама, контактирајте ја нашата редакција.