Екслузивни фотографии од репетицијата на парадата на Црвениот Плоштад во Москва, на која присуствував на 7-ми мај 2011 год. Во тој град патувам често и по неговите улици сум проследил неколку паради, но ова беше ретка можност тоа да го сторам на самиот плоштад, благодарение на пропусницата, која ја добив преку еден наш бизнисмен, кој од поодамна е таму. Огромна благодарност до него за оваа чест.
Откако парадата заврши, поголемиот дел од публиката замина, но мојата блогерска љубопитност ме одведе до блиската Александровска Градина. Таму гори Вечниот Оган, посветен на 20-те милиони советски граѓани загинати во војната, на кои цвеќе им положија разни воени лица и ветерани, како и единиците, кои учествуваа на парадата. Тука имав неверојатна прилика, една од најмоќните армии на Планетава да ми промаршира буквално на 2 сантими од нос, што уредно го регистрирав со фотоапарат.
Русија како дел од некогашниот Советски Сојуз (СССР) дала огромни жртви за победата над фашизмот, што мора да се почитува, но, заради објективно информирање, по фотогалеријава, би сакал малку да се осврнам и на некои контроверзи врзани со оваа историја.
Оваа сторија ми чмаеше во фиока, затоа што се надевав дека за неа би можел да се заинтересира некој поафирмиран медиум. Но за жал, моите способности за новинарство се потценети. Тоа нека им служи на чест на нашите медиуми, кои трошат пари за глупости, наместо да ме ангажираат како дописник и да ми дадат соодветна опрема, а богами и хонорар. Во секоја нормална земја, за ваква репортажа јас добро би заработил, но принуден сум да ви ја дадам за беспари (прашање е дали ќе добие 3 лајка). Затоа си ги имате Бетмен Велит и слични глупости. И уште, некои веб портали си дозволуваат да ми крадат содржини.
Со парадата се одбележува 9-ти мај, денот кога во 1945 год., Нацистичка Германија потпишала безусловна капитулација, но со тоа, Втората Светска Војна не завршила. Таа траела сè до 2-ри септември истата година, кога капитулирала и Јапонија. Советските трупи учествувале и во операциии против неа (одбраната на Монголија, Манџурската офанзива, ослободувањето на Кореја итн.).
Јас сум голем љубител на рускиот народ и неговата култура. Русија има постигнато огромни успеси на економски, културен, воен, спортски и секаков план, за што говорев во статијата „Запад нè отпишуе, Исток нè прешишуе“. Таа поседува богата култура и преубави градови (пред кои нашите бледнеат како последни паланки), стандардот ѝ е кренат во однос на минатото и таа повторно е велесила на светската политичка сцена. Но, за жал, авторитарноста и империјализмот таму имаат долга традиција (Иван Грозни, Сталин итн.). Сега, во Русија се омекнува ставот кон тоталитарниот советски период.
Без намера да ги омаловажам жртвите, кои Антифашистичката коалиција ги дала за оваа Победа, неа не смееме да ја идеализираме и мораме да сфатиме дека таа си има и валкана страна. Зарем треба да потсетам дека, например, Американците фрлиле атомски бомби врз Хирошима и Нагасаки? И дека, по војната, тие го поддржувале монархофашистичкиот режим во Грција, против кој се бореле нашите партизани – Егејци? И СССР извршил злосторства. Милиони луѓе пострадале од фашизмот, но исто толку од сталинизмот. Ова не го велам за да ги навредам Русите. Напротив, тие самите доста пострадале од тој режим. Но Руската Федерација, како официјална наследничка на СССР, мора да се соочи со некои факти.
Тука мислам на Пактот меѓу Хитлер и Сталин од 1939 год., со кој, тие си ја поделиле Полска, по што илјадници заробени полски офицери биле убиени во Катин, Русија. Литванија, Латвија и Естонија биле насилно напикани во СССР, а и Финска била нападната без никаква причина. Молдавија била одделена од Романија и вклучена во СССР, по што, Сталин таму фабрикувал „молдавска нација“ за да ја оддалечи од романската. Западните Украинци и Белоруси биле ослободени од полската власт, под која тие биле репресирани и биле вклучени во Советска Украина и Белорусија, но тие таму пострадале многу повеќе.
Москва и Берлин имале одлична соработка сè до 22 јуни 1941 год., кога Хитлер го прекршил договорот за ненапаѓање. Сталин дури несакал да верува дека неговиот сојузник го сторил тоа. Советската репресивна служба НКВД масакрирала илјадници луѓе и ги фрлала во масовни гробници, кои германските окупатори ги откриле и ги употребиле за пропаганда. Затоа, некои Украинци, Белоруси, Кримски Татари и други советски граѓани ги дочекувале како ослободители. Но во борбата против фашизмот не паднале само Руси, туку и Украинци, Белоруси, Грузинци, Ерменци, Татари, Казахстанци, Узбеки и припадници на сите советски етнички групи, па дури и некои Волжски Германци.
Соработка со нацистите имало насекаде, па Русија не е исклучок. Тука би ја спомнале Руската Ослободителна Армија (РОА) на ген. Власов, Руската Ослободителна Народна Армија (РОНА) на Каминскиј, 15-от СС козачки коњички корпус и др. Некои колаборационисти верувале во фашизмот, но други го правеле тоа само за да ја ослободат својата земја од сталинизмот. Историјата не е црно-бела.
Милиони Руси загинале не само од окупаторскиот терор и битките, туку и заради лошата стратегија и нерационалноста на советските генерали. Неподготвени и слабо вооружени Руси биле пуштани на јуриш, додека позади нив, припадници на НКВД (т.н. заградотряды) стрелале во секој, кој би дезертирал. За да се сфати атмосферата на тоа време, ја препорачувам руската ТВ серија „Штрафбат“. Најквалитетниот команден кадар на советската армија бил растрелан уште во предвоените сталински чистки. Многу советски војници паднале во заробеништво, а по војната, тие биле судени за „дезертерство“ и гниеле по сибирските гулази. Нивните семејства истотака биле казнувани. Некои од тие заробеници биле толку очајни, што се вклучувале во РОА.
По падот на фашизмот, некои од германските конц-логори работеле како сталинистички, напр. Саксенхаузен, кој го имам посетено. За време на војната, таму бил затворен украинскиот националист Бандера. Затоа, смешно е што сега некои го опишуваат како „украински нацист“, а тој бил затворен од самите нацисти, затоа што тие биле против неговата идеја за Независна Украина. Во Русија е во мода Украинците да се поистоветуваат со нацистите, но всушност, премиерот на Украина, Гројсман, е Евреин и таму со закон беа забранети сите тоталитарни идеологии (и нацистичката, и комунистичката). Неспорно е дека меѓу Украинците имало нацисти, но такви имало и во Русија. Во неа сега има повеќе неонаци движења, а нивните припадници им се приклучуваат на сепаратистите во Донбас и Крим.
Кога сме кај Крим, Сталин извршил масовна депортација на Кримските Татари со сточни вагони во Сибир и Средна Азија, каде тие страдале. Депортирани биле и Волжските Германци, Карелијските Финци, Полјаците, Чеченците, Понтијските и Кримските Грци, Литванците, Латвијците и Естонците, Јапонците и Корејците од Курилските острови и Сахалин и др.
Во војната, Русија се проширила, анексирајќи ги: финската област Карелија, јапонските Курилски острови, германскиот Кенигсберг (родно место на Емануел Кант, сега Калињинград), Тува (мала земја кај Монголија, која до 1944 год. била независна) и други територии. Дали сега Русија би дозволила референдум за нивно отцепување, како што се случи во Крим?
По ослободувањето на И. Европа, советските војски го замениле фашизмот со комунизмот, под кој многу луѓе пострадале. Некомунистичките антифашистички движења биле репресирани, како напр. полската Армија Крајова. Унгарија се обидела да се ослободи од советскиот јарем во 1956 год., а Чехословачка во 1968 год. Но, и во обата случаи, тоа било задушено од советските тенкови. Во ослободената С. Кореја, Советите истотака воспоставиле брутален комунистички режим, кој таму владее до ден денес. Неспорно е дека и западните Сојузници вршеле злосторства, но земјите, кои тие ги ослободиле (Франција, Белгија, Холандија и др.) станале демократски и добиле материјална помош, по што, тие процветале, додека И. Европа пропаѓала.
На териториите ослободени од Советите се случиле и силувања. За ова сведочел писателот – нобеловец Солжењицин, инаку самиот учесник во војната. Поради тие сведоштва, тој одлежал 8 години во сталински гулаг. И Тито неуспешно му се жалел на Сталин за силувањата. Среќа што Тито му кажал „не“ во 1948 год., па барем сме имале поумерен социјализам од советскиот. Додуша, и кај нас имало глупости (напр. Голи Оток, затворањето на Ченто, табуизирањето на блискоста со Бугарите итн.). Злосторства имало насекаде, но проблемот е што во Русија за тоа не може да се дискутира. Тамошните луѓе треба да сфатат дека историјата не е религија и таа треба да се заснова врз факти, а меѓу нив има и непријатни.
Објективно, во некои неразвиени земји комунизмот одиграл еманципаторска улога. Тој донел описменување, индустријализација, болници, патишта, а репресираните работници и етнички групи добиле права. Затоа, кај нас, на комунистите – асномци и на борците од Егејот се гледа позитивно. Но за земјите, кои имале парламентарна традиција и граѓанско општество, како и развиена индустрија и/или земјоделие, комунизмот бил катастрофа. Така било во Чешка, Унгарија, Полска, Западна Украина и Балтичките земји. Таму, комунизмот бил непопуларен и тој бил наметнат насила со советските тенкови, по што следеле репресии, затворања, депортации и колективизација.
Во 2010 год., во Русија имаше обид за соочување со мрачните страници на нејзиното минато. Тогаш, полска делегација на чело со претседателот Качински требаше да гостува во Катин заради комеморација на убиените офицери. Но, авионската несреќа, во која тој загина, ги осуети тие планови. Подоцна, избувна и братоубиствената војна помеѓу Русите и Украинците. Во една ваква атмосфера, до такво соочување не може да дојде.
Оваа статија е посветена на сите оние кои чесно ја исполниле својата должност за одбрана на својата земја и за Победата над фашизмот. За жал, на парадите се појавуваат и лажни ветерани (т.н. ряженые ветераны), украсени со тони одликувања, кои на помалку упатените им делуваат убедливо. Но тоа не може да ги залаже познавачите на фалеристиката (наука за одликувањата), а такви во Русија има многу.
Додека кај нас постоеле герилски движења (комити, партизани), во Русија функционирала моќна регуларна армија. Таа земја има богата воена традиција (од царските времиња и војните против Наполеон на Суворов и Кутузов, преку Црвената армија на Жуков, па до поновите конфликти во Чеченија, Ј. Осетија итн.). Затоа, таму има и добри познавачи на ордените, униформите и останатата милитарија. На тема на лажните ветерани таму доста се говори, а некои од нив беа „живи фатени“ од страна на медиумите. Се говори дека некој намерно ги подготвува тие измамници за да создадат убава слика на парадите, затоа што автентичните ветерани делуваат изнемоштено, изгладнето и сиромашно и тие би можеле јавно да се жалат на нивната запоставеност.
Илјадници автентични ветерани живеат осамено и заборавено во некои мали места и во сиромашки услови. Пензиите им се мали и многумина од нив го немаат решено станбеното прашање. Во нивна чест, да преслушаме една позната советска воена тема, преработена од ангажираниот руски рок-рапер Noize MC за кого веќе детално пишував. Врз основа на оваа песна, режисерот Андреј Крупин го направил овој клип, кој можете да го погледнете подолу. Тој е снимен во с. Шелкун, далеку кај Урал и режисерот ѝ го посветил на својата баба.