Пред три дена, во кримскиот главен град Симферопол се случи првата престрелка во рамки на актуелната криза, при што загинаа: Серхиј Кокурин (37), подофицер на вооружените сили на Украина и Руслан Казаков (33) од кримската сепаратистичка паравојска (т.н. самоодбрана), за кого се испостави дека е всушност доброволец дојден од Волгоград, соседна Русија.

Ова се првите жртви паднати во борбени дејствија, откако Русија изврши воена интервенција на полуостровот, со цел, негово одделување од Украина и присоединување кон Русија. Инаку, првата жртва воопшто, беше Кримскиот Татар Решат Аметов (39), но тој не загинал во вооружена акција, туку починал како последица на тортура. Во сите горенаведени случаи извршителите се непознати.

Биографии

Серхиј Кокурин бил роден на 1 јануари 1978 год. во Симферопол, Автономна Република Крим, Украина. Заклетва на нејзините вооружени сили дал на 28 декември 1997 год. Носел чин на заставник. Според етничката припадност тој бил Русин (рускојазичната форма на неговото име и презиме е Сергеј Какурин). По одделувањето на Крим од Украина, повеќе негови колеги, етнички Руси, прејдоа на страната на Русија, но тој решил да ја испочитува заклетвата дадена на Украина до крајот на својот живот.

Некои украински воени бази на Крим делумно или во целост дезертираа, други беа долго време под опсада и одбиваа да се предадат, поради што беа насила заземени од страна на руските сили. Таков беше случајот со 13-от воен фотограметриски центар во Симферопол, во кој Какурин ја извршувал својата должност. Во хаосот кој настанал при упадот на руските сили, непознат(и) извршител(и) отворил(е) оган, при што биле убиени Кокурин и гореспоменатиот Казаков. Зад себе, Какурин ја оставил сопругата Елена, со која имаат еден син. Таа е бремена со неговото второ дете и треба да се породи по два месеци.

sergejkakurin

Руслан Казаков бил роден во селото Нагољниј близу Волгоград, Русија. Бил припадник на козачката организација „Станица Пластунскаја“, која пружа услуги за обезбедување во тој град. Тој имал воено искуство од Чеченија, заради што бил неколкупати одликуван. Тој заминал на Крим, како што пренесуваат руските медиуми, за да го обезбедува референдумот, за тој да помине во најдобар ред. Два дена по референдумот, тој патролирал, наводно невооружен, во близина на воениот фотограметриски центар заедно со еден негов соборец. На нив бил отворен оган, при што неговиот соборец бил ранет. Казаков се обидел да му помогне, пред и самиот да биде погоден.

Во медиумите се говореше дека загинатиот бил припадник на локалната „самоодбрана“, што се покажа како неточно. Тоа веројатно била намерна дезинформација, со цел, руската интервенција на Крим да се прикаже како спонтано востание на локалните жители. Имено, поради тие причини, руските војници на Крим не носат никакви ознаки за идентификација. Покрај регуларната руска војска, на Крим се пристигнати и разни доброволци – нерегуларци. Зад себе, Казаков остави сопруга и две деца.

ruslan kazakov

Решат Аметов бил роден на 24 јануари 1975 год. во кримското село Земљаничне (до Сталиновото прогонување на Кримските Татари, местото се викало Орталан). Утрото на 3 март тој заминал да се пријави како доброволец во украинската армија, по што земал учество во протестен собир против руската интервенција, кој се одржувал во центарот на Симферопол. Потоа, нему му се загубила секаква трага. Обидите на неговите блиски да го контактираат преку мобилен телефон останале безуспешни. На 16 март, пронајдено е неговото беживотно тело, на кое биле видливи траги на тортура.

Кримските Татари порано претставувале мнозинство на полуостровот, но бил сведени на малцинство како последица на колонизациите со руско население и присилните депортации, извршени како од Царска, така и од Советска Русија. Поради тоа, кај Кримските Татари се создала огорченост од нивниот источен сосед. Повеќето од нив изразуваа поддршка за Евромајданот и го бојкотираа референдумот за присоединување на Крим кон Русија. Помеѓу нив и Украинците постои и историја на соработка и заедничка борба за независност. Зад себе Аметов оставил сопруга и три деца.

reshatametov

Можни извршители

Убиството на Какурин и Казаков, кримските власти го поврзуваат со фантомските снајперисти, кои наводно оперирале и на Евромајданот во Киев. Тие сметаат дека се работи за провокација (false flag операција) на украинските националисти и нивните „западни спонзори“, со цел, избувнување на вооружен конфликт од пошироки размери. Кримските власти ги поткрепуваат своите тврдења со фактот дека по инцидентот, украинското раководство во Киев им даде одврзани раце на своите сили да употребат оружје, доколку би биле нападнати.

Деновиве, на рускојазичните сајтови и социјални мрежи проструи веста, дека снајперистот бил приведен. Се работело за „17 годишен жител на Лавов, Западна Украина, припадник на екстремистичкиот Десен сектор“. Веста предизвика гнев во руската јавност, но набргу таа беше демантирана од кримските власти. Тие појаснија дека „веста е фејк“ – како што буквално се изразија.

Украинците пак, ги отфрлаат тврдењата за „имагинарните снајперисти“ и сличните теории на завери и како одговорни за инцидентот ги посочуваат руските сили, кои непокането упаднале во воениот објект. Украинските вооружени сили веќе почнаа со повлекување од полуостровот, со што покажаа дека не им е до никаква борба, камоли до ескалација. Украинското министерство за одбрана само извести за загинувањето на својот припадник, без да шпекулира околу тоа кој е извршител на убиството.

Украинците укажуваат дека ним воопшто не им одговара вооружен судир со многу посилниот руски противник, со што тие би му дале оправдание тој жестоко да возврати, па дури и да тргне во освојување на остатокот од Украина. Затоа, украинските војски на Крим досега не пружаа никаков отпор и беа мошне лесно совладувани.

Дополнителна причина за релативно ненасилниот конфликт беше и блискоста помеѓу украинскиот и рускиот народ, поради што и обете страни се воздржуваа од непотребни ексцеси. Се стравува дека фаталните инциденти би можеле да ги закрват двата братски народи.

Украинското население на Крим е слабо, како по бројност, така и по политичко влијание. Во најголем дел тоа е рускојазично, како и доминантниот етнос на тие простори, Русите. На Крим украински националистички движења нема. Нивен бастион е Западна Украина, особено градот Лавов, кој од Крим е оддалечен околу 1000 километри, што е отприлика растојанието од Скопје до Виена. Крим и Западна Украина се два света помеѓу кои нема никаква комуникација.

Можноста за инфилтрација во Крим на западноукраински терористички групи е никаква, не само заради оддалеченоста, туку и заради тоа што тој сега е чуван од илјадници припадници на руската армија и тајна служба, локалната паравојска и полиција и разните странски доброволци. Влегувањето на западноукраинските националисти во Крим беше невозможно дури и пред актуелниов конфликт. Руското население на Крим беше силно и компактно и уживаше широка автономија. Со договор помеѓу Украина и Русија, во Севастопол функционираше и се’ уште функционира база на руската црноморска флота. На некој начин, Крим како да не беше дел од Украина.

Неговото руско население жестоко се спротивставуваше на обидите на западноукраинските националисти за митинзи или за било каков друг вид на политичка дејност на полуостровот. Западноукраинските националистички партии таму постигнуваа никакви изборни резултати. Затоа, тврдењата за постоење на некакви украински милитанти на Крим се благо речено будалаштина и покажуваат елементарно непознавање на тој дел од светот. Такви милитанти ниту се присутни на полуостровот, ниту пак можат да припарат таму од надвор.

Да замине сега некој терорист или шпиун од Западна Украина на Крим, како прво, нема теорија да се осмели. Дури и да се осмели, тој ќе мора да има подготвено соодветни документи и убедлива прикаска, затоа што ќе мора да помине куп стражарски пунктови, при што ќе биде детално испрашуван и легитимиран, а автомобилот ќе му биде претресуван. Дури тој да успее да ја помине таа граница, тој ќе биде застануван, легитимиран, испрашуван и приведуван во местата низ кои ќе се движи. Ваквиот тип на проверки е сосема нормален во Русија и во мирнодопски услови, а камоли во вонредни. Типот нема да може да мрдне.

Тој ќе биде забележлив по својот нагласок и ќе се соочи со непознавање на теренот и на локалните навики и обичаи, поради што ќе штрчи како Хрват од Чавоглаве среде Шумадија или како Албанец од Тетово во Струмица. И на крајот на краиштата, како тој воопшто ќе оперира во Крим, кога тој таму нема поддршка од локалното население (јатаци), нема сместување (safe house), не може да внесе оружје и муниција, нема медицинска помош, нема ова, нема она. Згора на се’, замислете дека се работи за 17 годишно момче. Дури и пред да бидaт демантирани, тврдењата за „тинејџерот-снајперист“ мене ми беа прилично неубедливи.

Што се однесува до случајот на Решат Аметов, него наводно го киднапирале три лица (две во униформа и едно во цивил). Тие му пристапиле во центарот на Симферопол, каде што тој присуствувал на митинг против руската воена интервенција, по што тие го одвеле во непознат правец. Се шпекулира дека извршителите на неговото убиство се припадници на кримската „самоодбрана“, но за тоа се’ уште нема докази. Независна истрага за сите горенаведени случаи би била невозможна, заради спротивставување од страна на кримските власти.

Во меѓувреме, одделувањето на Крим инспирираше и сепаратистички движења во регионот Донбас на крајниот исток на Украина. Неодамна, таму се прогласи некаква „Доњецка Република“. Во регионалниот центар, Доњецк, разбеснети про-руски контрадемонстранти го убија со нож 22 годишниот про-украински активист Дмитриј Черњавскиј, кој демонстрираше за зачувување на интегритетот и суверенитетот на Украина.

Кримски контрадемонстранти „победуваат“ локална украинска бабичка, која протестира против руското воено присуство. Секој оној кој му се спротивставува е автоматски етикетиран како „провокатор“.