Ова е sequel на статијата Скопјани родени вон Скопје, во која ги спомнавме: Влатко и Горан Стефановски, Данило Коцевски, Ацо Рембрант, Тошо Малерот и многу други. Овојпат ќе се осврнеме на дамите.
Нина Спирова - Пејачка на народна и забавна музика, позната по антологиските: „Молчи, молчи“, „Езеро мое“, „Далечен крај“ и „Пелистерски очи“. Но пред се’, ја знаеме по изведбата на ремек делото „Еден бакнеж“ од 1962 год. Музиката била на Петар Пешев (негова е и „Приспивна за Скопје“). Текстот пак, е на Христо Крстевски, a аранжманот на легендарниот Шпато. Истата година, Спирова настапила со оваа песна на Опатијскиот фестивал, на кој се закитила со прва награда од публиката. Песната станала хит и доживеала преработки од други пејачи (Зоран Георгиев, Блага Видец). Таа била доста вртена во таа последна година за Старото Скопје, со што станала негова „лебедова песна“. Кога го спомнавме нашиот главен град, Спирова ја отпеала и „Зборувај за Скопје“ и настапувала на Скопскиот фестивал, на кој, во 1973 год., таа била наградена за песната „На овој ден“. Иако пеела за Скопје и творела во него, таа всушност била родена во Прилеп. Таа полека се повлекла од сцената, по што живеела осамено. Во даден период пеела по некои ресторани во Белград.
Жанета Вангели - Родена Битолчанка од влашка етничка припадност, но значаен претставник на скопската авангардна уметничка сцена. Твори во сферата на сликарството, видео-артот и мултимедијалните инсталации. Била блиска со арт колективот „Зеро“, формиран во 1985 год. од страна на студенти на скопската ликовна академија во Сули Ан, чиј „штаб“ била чајџилницата „Галерија 7“ во Турската Чаршија. Особено плодна соработка имала со најистакнатиот член на таа група, Александар Становски, попознат како Ацо Рембрант, на чие творештво влијаеле експериментите со халуциногените дроги. Се занимавала и со филм како актерка (во „Маклабас“, заедно со Златко Трајковски – Хинки, Никола Гелевски – Коља, Милчо Манчевски, Кирил Христов – Кили и др.), но и како режисер („Судија“). Дипломирала на државната ликовна академија во Франкфурт на Мајна и била претставник на нашата земја на Венецијанското биенале.
Катица Ќулавкова - Позната поетеса, есеист, литературен теоретичар и критичар, член на Академијата на Науките и Уметностите, како и на Друштвото на Писателите. Во даден период била претседател на ПЕН центарот. Дипломирала и магистрирала на скопскиот Филозофски факултет, по што докторирала во Загреб. Една година престојувала во Париз, каде работела во Националниот Институт за Ориентални јазици и Цивилизации. Автор е на повеќе литературни дела и научни трудови. Добитник е на повеќе награди. Професор е по предметот теорија и методологија на проучувањето на книжевноста на Катедрата за општа и компаративна книжевност при Филолошкиот факултет во Скопје. Покрај многуте Скопјани и Скопјанки, на нејзината катедра сигурно дипломирале и многу студенти од нејзиниот роден град Велес.
Вања Лазарова - Еминентен изведувач на изворни песни. На албумот „Ритмистика“ соработуваше со: Кирил Џајковски, Влатко Стефановски, Ристо Вртев и групата Кисмет, со што нејзините песни добија урбано, скопско руво, иако таа е родум од Страцин, Кратовско. Со групата Анастазија ја сними „Со маки сум се родила“ (за странскиот пазар: “Death of Alexander”) за несудениот Оскаровец „Пред дождот“. За песната „Стојне бре моме“ беше снимен спот во режија на Игор Иванов – Изи, кој се’ уште се врти на екраните (спотот, не Изи). Лазарова зеде учество и во проект за зачувување на чалгиската традиција, со Оркестарот на Пеце Атанасовски и други домашни и странски музичари. Кариерата ја започнала во операта и во ансамблот Танец. Имала настап пред кралицата Елизабета и Черчил во лондонскиот Ројал Алберт Хол. И покрај заслугите за државава, Лазарова е запоставена од институциите и живее со скромна пензија наследена од сопругот. Тоа покрена критики во јавноста и иницијатива, таа да добие статус на заслужен уметник, а со тоа и национална пензија.
Сашка Петковска – Непрежалена ѕвезда на Скопскиот фестивал. Трагично загина во сообраќајна несреќа на патот Куманово – Свети Николе во своите рани триесетти години. Притоа пострадаа и членови на танчерската група Авона. Познати песни и’ беа: „Бакни ме“, „Чао, адио“, „Охридска елегија“ и др. Многу од нив биле изведени во седумдесеттите години на минатиот век на фестивалот за забавни мелодии во Скопје. Меѓутоа, Петковска била родум од Зрењанин. Татко и’ бил воено лице и нејзиното семејство често се селело. Дел од животот минала во Битола, каде настапувала со групата Скромни на Славе Димитров и Кире Костов. Била наградена во Сан Ремо, во конкуренција за деца и младинци, како и на бугарскиот фестивал Златен Орфеј. Во Скопје дошла заради студиите на Филолошкиот факултет. Работела со композиторите Димитар Масевски, Александар Џамбазов и Љубомир Бранѓолица. Настапувала и на сараевскиот Ваш шлагер сезоне, Београдско пролеќе, Опатија, Сплитскиот фестивал и други настани низ Југославија.
Примери уште многу. Списоков може и да се дополни…